Излезе од печат „Своја“ првиот роман на Ирена Никола Чаушевска: Напишан според вистинска приказна
Ирена
Чаушевска е позната во јавноста како жена претприемач која над 10 години води
сопствен бизнис, со-основач и директор е на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот, а веќе
8 години го организира и натпреварот за технолошки иновации NASA Space Apps Challenge.
Со издавањето на книгата „СВОЈА: За најважните работи во животот за кои никој не нѐ подготвува“, Ирена од минатата недела се вброи и меѓу македонските писатели. За ова кусо време СВОЈА допре до над стотина читатели, а според досегашните впечатоци станува збор за уникатно четиво кое треба да биде водилка за секоја девојка и жена на патот на остварување на личниот и професионален успех и среќа, и надминувањето и на најтешките животни предизвици и премрежја.
Книгата опфаќа неколку различни, но тесно поврзани сегменти и животни предизвици низ кои неминовно поминува секоја девојка и жена во својот развој, а за кои нема никаков формален или неформален прирачник и покрај нивното огромно влијание врз квалитетот на живот. Таков е изборот на блиските пријателства, на средно и високо образование, на првото вљубување, огромната улога на изборот на животен партнер врз среќата и менталното здравје, станувањето мајка, изборот на кариера како одредник на животниот стил и можностите за заработка, но и справувањето со неуспесите и загубите кои ги задава животот. СВОЈА ја покажува и можноста за целосна трансформација на жената и нов почеток доколку некои работи отишле во погрешна насока или едноставно не се повеќе тоа што го посакува.
Според авторката, СВОЈА има две главни цели. Првата е да превенира, односно да им помогне на помладите со очи широко отворени да чекорат низ животните предизвици, но и да најдат начин да ги надминат загубите, да не западнат во самосожалување и депресија и да се изборат за среќа. Втората е да поправи и да обнови, и е насочена кон малку повозрасните кои можеби веќе направиле некои погрешни избори во животот. Целта е да им покаже дека има светлина од другата страна на тунелот, и да ги насочи како повторно да го изградат својот живот во нова и многу поубава верзија.
Оваа книга е одлично четиво и за мајките на девојчиња кои се во формативен период од развојот, и ќе можат да ја искористат СВОЈА за подобро да ги препознаат битните моменти, и да се подготват себе си што поуспешно да ги поддржат на нивниот пат кон станувањето возрасни девојки и жени, и да ја избегнат опасноста поради определени погрешни избори да влезат во врска или брак со насилник, или пак да бидат заглавени во кариера која не е прилагодлива на барањата на новото време или во која не можат да се реализираат.
Конечно СВОЈА е вистинската книга за сите кои сакаат да ја најдат и да ја реализираат најдобрата можна верзија од себе. СВОЈА несомнено поттикнува и инспирира да го живеете животот со полни гради, целосно свесни за тоа што ви се случува, но и да презема поголема одговорност за сопствените избори и улогата на истите во понатамошниот тек на животот.
Очекувањата на авторката Ирена Чаушевска се дека СВОЈА ќе поттикне и поставување на многу нови прашања, и помеѓу родителите и децата, и помеѓу партнерите, а и на секој сам со себе, кои никогаш претходно не биле поставени. А со новите прашања, ќе се дојде и до нови многу поискрени одговори. Ирена се надева дека СВОЈА ќе поттикне и многу млади девојки и жени да го следат својот сон, да се охрабрат и да влезат и во таканаречени машки професии поврзани со креирање на политики, развој на иновации и нови технологии, и да бидат активни креатори на решенија за иднината.
Позитивно изненадува и фактот што уште на самиот почеток книгата има и мажи читатели, со оглед дека поуките од СВОЈА во голем дел се и универзални.
СВОЈА е достапна за онлајн нарачка преку веб страната www.sitemoizivoti.com со можност за достава до било кое населено место, како и во книжарниците на Сакам книги, Литература.мк и ТРИ, а и во кафе-пекарата La-Noi. Бројот на книжарници и продажни места ќе се проширува и понатаму со цел оваа книга да стигне до сите на кои би можела да им користи.
Со желба СВОЈА да ја доближиме и да ја претставиме на пошироката јавност одлучивме во следните 4 седмици да организираме „Интимни разговори со авторката“, разговори кои ќе бидат посветени на различни сегменти од приказната раскажана во СВОЈА, кои во овие услови на светска пандемија ќе се реализираат целосно онлајн.
Ве покануваме во среда, 25.11.2020, 18.00-19.15 часот да се придружите на средбата со авторката Ирена Чаушевска и нашата специјална гостинка Д-р Аспазија Софијанова, Директор на Детската Клиника во Скопје и долгогодишен експерт за неонатална грижа на предвремено редените бебиња со кои ќе разговараме на нашата прва тема: „Предвремено породување - што да очекувам“.
Во следните седмици ќе следат вебинари на уште 3 теми:
• Вистински животен партнер - како да го препознаам (2.12.2020, среда, 18.00-19.15 ч.)
• Насилство во домот или развод - што да направам (9.12.2020, среда, 18.00-19.15 ч.)
• Кариера или свој бизнис - од каде да почнам (16.12.2020, среда, 18.00-19.15 ч.)
Емаил и веб сајт за пријавување и за контакт: svoja@sitemoizivoti.com, www.sitemoizivoti.com
Дел од профитот од продажбата на книгата СВОЈА ќе биде наменет за поддршка на жени жртви на семејно насилство, и тоа не само за задоволување на нивните основни потреби, туку уште повеќе за создавање можности за нови извори на приходи и самостоен живот, преку вработување, самовработување и претприемништво. Дополнително, преку својата Фондација Голдилокс, авторката заедно со тимот ќе работи и во делот на вклучување на што повеќе млади девојки и жени, особено од руралните средини, во процесот на СТЕМ едукација и стекнување на претрпиемачки вештини, како начин да изградат поголема самодоверба и самостојност и помудро да ги носат клучните животни одлуки.