Измислуваме бесмислени работи, креирајќи сочни приказни за лошотилакот околу нас: Доц. д-р Мирјана Пехчевска, консултант и коуч за личен и организациски развој, советува како да станеме подобра верзија од себе

Добивај вести на Viber

Чудни сме ние луѓето, сакаме да имаме сѐ, а всушност не знаеме што точно сакаме. Сакаме успех и заработка, ама многу да не се помачиме, сакаме љубов и нежност, ама многу да не се даваме, сакаме убав изглед и полно здравје, ама да управуваме со далечинско ако може. Според доц. д-р Мирјана Пехчевска, консултант и коуч за личен и организациски развој, кариерен советник, ни убавините околу нас неможеме да ги видиме.

- Велат човек е толку среќен колку што е благодарен на сѐ што има и се што го опкружува. Секогаш сакаме повеќе и подобро и тоа е сосема во ред, но ретко кој знае како точно тоа изгледа, ретко кој знае да опише како тоа точно личи. Повеќе и подобро од што? Само пуста ненаситност, која не знаеме ни каде, ни како нѐ води. Заборавивме да му се радуваме на животот затоа што сме се сконцентрирале на тоа што ни недостига, наместо на тоа што веќе го уживаме. А фокусот е многу моќна работа за која многу малку од нас се свесни. Ако успееме да ги тргнеме црните очила можеби ќе ја видиме убавината од другата страна на животот. Едноставно е, никогаш нема да имаш доволно и нема да бидеш доволно среќен ако постојано имаш превез на очите, ако перцепцијата на животот е на тоа што го немаш, наместо на тоа што веќе го имаш. И не само тоа што го немаме, туку и на тоа што лошо може да ни се случи. – вели Мирјана Пехчевска и дополнува дека измислуваме лоши и бесмислени работи, креирајќи сочни приказни за лошотилакот околу нас.

- Не сум слушнала одамна некој да вложи енергија во креирање на тоа што точно посакува, со сите најситни детали и сите нему битни луѓе со кои сака да биде опкружен. Да ги раскаже или уште подобро да ги запише, за да може да си провери дали истите пак ќе му бидат привлечни за шест месеци, или можеби пак нешто друго ќе го преокупира во меѓувреме. Идејата е да разбереме дека се менуваме, но исто така идејата е да разбереме дека сами управуваме со сопствените промени. Дали ќе бидат невидливи или драматични тие промени зависи само од нас. Од нас зависи и дали ќе пораснеме или после толку изминати години се уште ќе пафтаме со заслугите од минатото. – посочува таа.

Зошто? Зошто не можеме да видиме дека животот е замислен поинаку, дека е замисленда уживаме секој ден додека ги правиме и наједноставните работи во животот.

- И додека сме на работа, која ако сме ја избрале по наш ќеф, сигурно ќе нѐ прави среќни, и додека сме со партнерот, кој ако сме го избрале по наш ќеф, сигурно ќе не прави среќни, и додека сме со пријателите, кои ако сме ги избрале по наш ќеф сигурно ќе не прават среќни. Прашањето е дали знаеме што нѐ прави среќни? Баш тука лежи магијата во креирањето на сопствениот живот.

- А самите себе не се познаваме. Се лакомиме да го живееме туѓиот живот, да бидеме некои други, да имаме нешто туѓо, без притоа длабоко да провериме дали воопшто тоа би нѐ направило среќни. Велат, ако добро се познаваш себеси, нема да се плашиш да бидеш свој. Ќе сакаш да бидеш ти, и само ти, и нема да имаш потреба да бидеш друг. И онака сите други места се веќе зафатени. – е нејзиниот одговор.

Знаењето отсекогаш било моќ и паметните луѓе рекле дека само знаењето не згаснува никогаш. Сѐ останато може за секунда да згасне, да го снема, да исчезне.

- Но знаењето во комбинација со познавањето на себеси, со желбата да бидеш подобра верзија од себе секој нареден ден, не само што не згаснува никогаш туку силно блеснува, толку силно, што ги заслепува луѓето околу нас. Ги заслепува другите до таа мера што не можат да одолеат на твоето оригинално ТИ. Нема да те заборават зашто си уникатен, не можат да се споредат со тебе, зашто си посебен, не можат да те уништат затоа што ти управуваш со твојата моќ. Само ти и никој друг. Постојано гледаме навидум многу успешни луѓе околу нас, кои успеале за момент да блеснат, но потоа многу брзо згаснуваат, ги забораваме брзо, или ги памтиме по лошо. Моќта е многуопасна работаи може многу брзо да го уништи оној што ја поседува, ако не знае како да управува со себе. - појаснува Пехчевска и советува: „Запознај се себе најдобро што можеш, запознај се кој си ти, која е твојата мисија на овој свет, каде сакаш да стигнеш, кое е твоето најсилно оружје, и од каде ја црпиш сопствената моќ.“

- Да не посегнуваме по туѓите животи и среќи, зашто еден ден ќе ја проколнуваме секоја можност која сме ја украле, а замислено сме ја живееле како своја. Имаме можност да бидеме свои, автентични и оригинални. Сите имаме можност да бидеме тоа што сакаме да бидеме. Сами бираме дали ќе се одбереме самите или ќе се преточиме во нечие туѓо очекување и замисла. Животот не е за еден ден, не е ни за 5 години, туку за цел живот. Замислен е да го уживаме, да си ги остваруваме своите соништа, играјќи ги попатно сите животни улоги со леснотија.

- Да се запознаеме себеси подобро, да си ја креираме сопствената среќа по наш терк. Да си ги зајакнеме нашите насилни орудија, знаењето и умешноста во живеењето и да танцуваме ослободени во животот. Има доволно среќа за сите, има доволно љубов за сите на светот, да ги уживаме без превези на очите. – заклучува на крај доц. д-р Мирјана Пехчевска.

Соња Алексоска Неделковска