Извини

Добивај вести на Viber

На последната објава на мојата колумна имаше еден негативен коментар, кој за промена ми го задржа целосно вниманието. Не заради негативниот аспект и нечија туѓа потреба за омраза и ширење на фрустрации, такви луѓе за жал има многу, ќе ги оставам да се дават во сопствената мизерија. Ама, дел од коментарот беше, извинете на речников не е мој, што направи во животов, на К ни се качи дека ослабе и толку..

Е сега, јас нема ниту нему, ниту на оние налик на него да им се правдам што сум направила до сега, тоа знам јас и оние кои вистински ја следат мојата работа. На таквите само ќе ви кажам укуцај Ивана Кнез на Google, и откачи ми се сосе сите твои неиживеани трауми.

АМА, еден момент во тој коментар така ме тресна од земја за еден момент, што сега, на друг крај на светов се обидувам да разберам, како ми промакна се ова што ќе го споделам со вас сега. Така да фала ви хејтери, Јас сум и заради вас.

Ти што ме следиш редовно, што во последниве девет години, на мое комплетно несвесно постоење на Македонската модна сцена, го пратиш секој мој чекор, изјава, личен и работен успех, Извини. Извини што не сум имала храброст до сега да се соголам пред тебе, извини што ми требало да направам физичка промена на себе за да се појавам во поинакво светло на социјалниве медиуми. Извини, што до овој момент сум била во притаена сенка, како дел од плитка американска драма, а не онаа вистинската, онаа која ме мотивираше мене да започнам со цело мое патешествие на создавање. Извини што не сум знаела како со себе, за да можам да ти дадам љубов и енергија да ти можеш со себе. Извини што не сум ти ја дала личната сила, без разлика во колкава бројка на килограми била спакувана, за да те мотивирам да бидеш ти подобар за себе. Ветувам, дека и да се здебелам, и да ослабам, и да се преселам на друг крај на светов каде што сум во моментов, ќе дадам се од себе, за ти да имаш мотивација за љубов, енергија за да станеш секој ден од кревет со една единствена цел, да ги оствариш твоите соништа. Зошто тек сега, после десет цели години на промени, успеси и неуспеси, разбирам дека на секој еден од нас, му треба секојдневна мотивација, секојдневен поттик, за подобро. Дали е тоа твојот партнер, кој те комплетира како личност, те прави цел, дали е тоа твојот најблизок пријател со кого се надоградувате на дневно ниво, растете и се развивате заедно, детето, на кое му давате безусловна љубов, јавна личност, писател, сликар, музичар, вистинското семејство кое вие си го создавате, нема правила и не е важно. Секој ден е важно само да станете со позитивна мисла за себе, да дознаете кој е тој што сакате да бидете, и да станете најдобрата верзија на тоа што го посакувате. 

Светов е полн со осамени луѓе кои се плашат да го направат првиот чекор, јас те молам, ти што ме следиш мене, да не бидеш еден од нив. Немој да луташ, немој да губиш време и енергија на луѓе и ситуации кои не те заслужуваат, не ја прави мојата грешка, не се раздавај секому. Сочувај се за оние со кои следниот ден ќе си ги раскажете сите глупости што сте ги направиле предходната вечер, сочувај се за работата заради која првото кафе го пиеш на нозе, на трк, за да заштедиш на време, сочувај се за љубовта за која со помислата дека може да ја изгубиш, ти се прави празнина во душата, се гушиш. Сега сфаќам колку не можам да го вратам времето назад, затоа решив да го стопирам, предходниве десет имав 24, следниве десет ќе имам 34. Малку ми е време за да му го дадам се она што сакам на светов, малку ми е време за да им ја дадам цела љубов која ја имам во себе на оние кои јас ги сакам, без разлика дали тие ме сакаат назад. Дали си стрејт, геј, православен, католик, муслиман, машко, женско, ништо на светов не е важно ако не знаеш да сакаш, почитуваш и да го цениш тоа што го имаш.

Денес, стани од кревет, направи си го омиленото кафе или чај, доручкувај, замисли се што сакаш да имаш, се што сакаш да бидеш, замисли си ја љубовта што ја заслужуваш, и оди по сето. Оди и дај ми мене причина да го превртам светов наопачки, за ти да си среќен, мотивиран, исполнет и целосен. За да ти ја дадам цела моја храброст на тебе, за да не ги правиш истите грешки што ги направив и јас. Не чекај, не се успивај, не се премислувај, дознај што сакаш, и оди по него.

Јас сум Ивана Кнез, ја работам работата од моите соништа, имам прекрасно наследено семејство, создадов круг на пријатели кои ги сакам повеќе од воздухов што го дишам, ми остана уште да оформам мое семејство. Онакво магично, целосно, она за кое сите сонуваме. И имам цел да ви ја испијам цела омраза на сите вас што патите, и да ви ја вратам во љубов. За да видите што пропуштате.

Се читаме следната недела.