Јана Мишо: Тинејџерката Миа во книгата „Миа во Амстердам“ проблемите ги решава сама и не го чека принцот на бел коњ
– Кога во тинејџерските години ќе ти се случи нешто драматично мислиш дека тоа ти се случува само тебе. Кога бев помала мајка ми го најде нејзиниот дневник кој го водела кога таа била девојче. Откако го прочитав видов дека проблемите и денес и тогаш се исти. Поради тоа и во вториот дел од „Јас сум Миа“ внимавав да се доближам до младата публика и да им покажам дека не се сами без разлика дали проблемот со кој се соочуваат е голем или мал – истакна авторката Јана Мишо на вчерашната промоција на нејзиниот роман „Миа во Амстердам“ кој е втор дел од серијалот наменет за тинејџерката публика „Јас сум Миа“. Делото е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и веќе е во продажба во сите книжарници „Литература.мк“, а може да се нарача и онлајн на веб-страницата www.literatura.mk.
Промоцијата се одвиваше на фејсбук-страницата „Литература.мк“ и ја
водеше уредничката Татјана Димовска-Атанасова која воедно истакна дека
ова дело не само што е интересно четиво за младите луѓе туку е
едукативно за родителите кои може да најдат „лекции“ за тоа како да им
пристапат на своите деца. Во самото дело се вклучени и фотоприкази од
СМС пораки и пораки на „Инстаграм“ со цел да се доближи самата содржина
до младата публика и начинот на кој таа комуницира.
Во новиот дел од серијалот младата и храбра Миа заминува на две недели
во Амстердам. Но, како што посочува Мишо не станува збор за приказна за
градот туку за предизвиците низ кои поминува главната протагонистка.
Вели, ова не е љубовен роман туку книга за девојче кое се осознава
себеси и расте низ пречките со кои се соочува.
– Миа може да се каже дека е прототип на девојче на тие години и
работите кои се случуваат ми се случиле мене, на мои блиски и се нешта
низ кои сите сме поминале. И не дека сме копирале едни од други туку тоа
се работи кои едноставно мора да се поминат во животот – додава Јана и
посочува дека во вториот дел Миа се соочува и со еден сериозен проблем
кој таа го решава сама без притоа да го чека принцот на белиот коњ.
Ова е четврто дело на Мишо после „Скоро Парижанка“ и „Анаис од Монмарт“
кои се наменети за повозрасна публика додека серијалот „Јас сум Миа“ се
родил првично преку колумни на порталот за млади „Хаштаг“.
– При разговорите заклучивме дека младите и не сакаат да читаат колумни
па одлучивме да се пробаме со неколку епизоди од тинејџерка драма. Но,
тие приказни поминаа толку добро што потоа се преточија во книга која
беше издадена од „Арс Ламина“ – се присетува Јана и вели дека првиот дел
од „Јас сум Миа“ како и вториот дел насловен „Миа во Амстердам“ може да
се читаат и независно еден од друг.
Во книжарниците „Литература.мк“ веќе може да се најдат и многу производи
инспирирани од Миа, меѓу кои и дневник за девојчиња во кој може да ги
стават своите тајни и животни приказни, како и тетратки.