Јас пред тебе

Добивај вести на Viber

Здраво Прелепотици,

Мајка ми цел живот вика, да не ти даде Господ да видиш колку можеш, конечно скапирав дека немам граници на можење. Во мојов живот никогаш не сум си дала на значај себе си, секогаш си наоѓав мани, никогаш не ми беше ништо доволно добро, си препишував дека сум перфекционист, дека никогаш ништо не е доволно добро, дека не вреди ништо од моето сработено, дека не знам што сакам, дека никој околу мене не е среќен, дека сум премногу.. Си се крстив тешка, не мислам на килажа да се разбереме тоа по секако секогаш ќе е така, тешки ми се коските нели. За на крај да сфатам дека не, јас не сум тешка жена, јас само точно знам што сакам. Тоа што го сакам е еднакво и валидно на она што можам да го понудам назад, и на пријатели и на партнер, и најмногу за она што го работам. Тоа што сум и ме дефинира како индивидуа. Да, знам веќе, не може да биде совршено, секогаш ќе има проблеми, секогаш едниот ќе згреши, но има и граница на толеранција без компромис што е дозволена и препорачлива за да се заштитите од сите оние кои ви тежат. Кај мене ѓубрето се исфрли само од мојот живот, јас не морав да направам ништо радикално за да се наместат сите коцки, сите луѓе сами си го најдоа нивното место во мојот живот. И тоа е се бидејќи си ја сфатив личната вредност. Предходно се си препишував на себе, на мои постапки, постојано јас ја превземав вината за сите конфликти. Веќе не. Знам колку можам, знам до каде можам и знам колку грешам. Не ми е срам да признаам, не ми е срам да наведнам глава ко попарена ко ќе згрешам и да побарам извинување или опростување, нема его тогаш. Но, доколку не си доследен на мои критериуми и те како палам его на најјако и те газам. За среќа немаше потреба никого да прегазам во изминативе три години и да си навлекувам лоша карма, сами си се изгазија сите до еден.

Цената која што ќе ја платите за да ги следите сопствените соништа и стандарди е преголема, и секогаш проследена со радикална загуба. Тоа е вредноста на личниот успех.


За сите оние кои што до сега не знаете, јас сум Ивана Кнез, сопственик на Drama и Lovecats, главен дизајнер на Sara Fashion, а од пред два дена и бренд менаџер на SF Premium. Имам еден куп неостварени соништа за кои допрва ќе гризам и касам, знам која ми е финалната цел, знам што сакам и веќе знам колку можам. И точно знам кој се заслужува да биде покрај мене и да се носи со мене како жена.

Во моментов додека пишувам летам за Истанбул, не сум застаната, не знам што е одмор, имам сто здраствени дијагнози кои паралелно ги опоравам, наоѓам време само за оние кои ги сакам, без да очекувам дека ќе ме сакаат назад, се борам со сите негативни енергии на безклеточни хејтери кои за џабе ни го трошат и онака малку чистиот воздух што го имаме и можам, да. Мојата супер моќ и тоа што нема да се откажам од себе и себе си ќе се ставам на прво место. Со соодветни критериуми и очекувања на цело мое опкружување.

На последниот партнер пред да го напуштам му кажав, те сакам, ама се сакам себе си повеќе. Вам ќе ви кажам, зграбете го животов со сета ваша сила, живејте го до последен здив, очекувајте се од сите, но најмногу од себе.

Се читаме следната недела.

П.С. Од сега, во име на лична и ваша надградба секоја недела ќе посветувам едно ПС за уметноста, книжевноста и културата. Слободно комуницирајте ме во инбокс за се поврзано со овие три теми, манијачишта стоп да не сте ни помислиле.

Денес ќе ви обрнам внимание на Ивана, млада девојка која сосема случајно ми влета на Инстаграм, преку единствениот медиум кој го пратам после Женски магазин, а тоа е Слободен Печат. Пронајдете ја и разгледајте, Ивана има што да ни покаже, иднината позитивно ќе тежи од вакви млади и амбициозни луѓе.