Јавни личности за животот со три деца: Секојдневниот „хаос“ секогаш завршува со смеење
Постојат многу податоци од истражувањата поврзани со многудетните семејствa и децата. Но, најважно од сѐ е секој да знае „колку деца сакаш да имаш и дали можеш да се грижиш за нив“. Големото семејство е избор на секоја жена. Мајката треба да чувствува радост поради мајчинството, а тоа ќе го намали стресот, без разлика за колкав број на деца се работи. Што повеќе уживаме и го прифаќаме родителството, помалку чувствуваме колку е тоа тешка задача и подобро ќе се снајдеме. Потребни се многу енергија и ментална сила за подигање на повеќедетно семејство, за секое дете да се чувствува сакано, посебно и негувано. А таа сила ја имаат нашите соговорнички Елена Велевска, Живкица Каленикова, Наде Талевска-Спасовска и Елена Андоновска.
Тие го споделија своето искуство-како е да се биде мајка на три деца.
ЕЛЕНА ВЕЛЕВСКА
Најтешко да ги расте своите деца Софија (15) Марко (14) и Калија (10) на фолк пејачката Елена Велевска ѝ биле првите три години од нивното раѓање, но тогаш вистински ја почувствувала улогата на мајка и нејзината тежина и жртва. Тешко ги доживувала и разделбите поврзани со професијата и отсувството од дома кога одела на турнеи.
- Софија е пример за Марко и Калија и тие двајца учат од неа како најголемо дете. Денот ни започнува со школски обврски, продолжува со нивното хоби, спорт, музика, англиски јазик а завршува со вечерно дружење и воспитување на децата. После враќањето од училиште денот ни е исполнет со смеа. Не сакам да ги делам децата за ништо. Сакам рамноправност врз нив и не сакам да се чувствува никое запоставено или помалку сакано. Секое дете е од помош, онолку колку може и колку знае. Со нивниот татко ги делиме одговорностите кон децата, како ни одговара, сѐ во зависност од тоа кој е до нив- вели Велевска, според која многу е убаво да се има три деца, но истовремено и преголема одговорност кога е во прашање професија како нејзината.
-Тие се мојата најголема мотивација и поддршка во најтешките моменти. Се радуваат кога ме гледаат на телевизија и секако дека ме разбираат во работата. Тие се единствените човечки суштества кои безусловно ме сакаат исто колку и мојата мајка. Тие се горди на сѐ што сум направила за нив - открива пејачката.
ЖИВКИЦА КАЛЕНИКОВА
Живкица Каленикова, автор и водителка е мајка на Даријан кој ќе полни 12 години на 8 јуни, Марко (10) и Ана (9).
-Веројатно почетокот кога сѐ уште ти е сѐ ново, кога целосно ти се менува животниот тек, фокусот не е веќе само на тебе. Иако морам да признам бев подготвена и навистина сакав да се реализирам како мајка, но можеби затоа што се мала разлика, беше еден убав хаос, кој некако брзо мина. Различни се. Особено како растат, кај секого испливуваат на површина карактерните особини. Даријан е многу одговорен, Марко е најпргав, најдинамичен, а Ана е силна женска, која знае да игра фудбал во фустан- открива Каленикова и дополнува дека секојдневието е динамично, а тоа го знаат сите кои имаат деца.
-Будење околу 7 часот, подготовки за училиште, потоа мои работни обврски и по 15 часот сум на терен. Развозување по тренинзи, време за дружба, завршување по некоја обврска и подготовки за спиење и за следниот ден. Живееме во многу динамично време и ако порано неделата вистина минуваше поспоро, сега имам чувство дека понеделник - петок е додека трепнеш. И затоа многу се радувам на секое патување, нашите мигови поминати на планина и летата резервирани за камп. Попладнето и пред спиење сакам да се опуштиме и со насмевка да ни заврши денот. Имам чувство во оваа трка со времето, како да забораваме да се смееме. Сѐ е премногу стресно и брзо и обично на крајот од денот немаме трпение, викаме, едвај чекаме да заврши сѐ. Е, јас решив да направам промена, сакам со разговор, насмевка и бакнежи да ни заврши денот. Да си посакаме добра ноќ, без оглед каков и да ми бил денот – открива водителката
На прашањето кое од децата и е „слабост“ ја потенцира старата изрека „сите прсти исто болат“ и вели дека ако ги прашате нејзините деца веднаш ќе си се посочат меѓу себе. Нема фаворит, а за секое од своите деца има различни слабости, и поинаку реагира во одредени ситуации.
-Моите родители ми помогнаа многу во периодот додека беа мали и бескрајно сум благодарна што имав таква поддршка, бидејки навистина се многу мала разлика. Иако бев родител и имав деца, тоа чувство дека и вие сте некому дете и дека вас некој ве мисли и чува, е незаменливо. Особено мајка ми беше една лавица жена, која беше тука во секој миг да помогне и да излезе во пресрет. Мислам дека внуците ѝ беа најголемата радост. Многу ми е жал што прерано заминаа и не се тука да им се радуваат во процесот на растење и созревање, но и тоа е дел од животот. Сестра ми исто така исклучително ми помогна. Секогаш имав ветар во грбот, што и да требаше да направам, тука беше и секогаш е со мене. Имам една сестра, многу ми е посебница. Мајка ми секогаш велеше се измачив за второ дете, ама многу бев среќна дека ќе си се имате. И навистина си се имаме. Сега се веќе поголеми децата, одлично се снаоѓаме со сопругот и се трудиме да бидат самостојни и одговорни – вели Каленикова која има интересни ситуации со децата за да напише книга.
- Родителството е навистина еден голем животен предизвик. Многу предизвици пред кои се исправате, константно прашување дали сум на вистинскиот пат и дали ги водам на вистинскиот пат. Секогаш сакав да имам дом полн деца и навистина сум среќна што е така. Ништо не ми е поважно од тоа да израснат во емптатични, самостојни, добри, чесни и среќни луѓе. Сакаме да создаваме мигови кои ќе им ги исполнат главчињата со убавина и спокој секогаш кога ќе се сетат на нив – вели водителката која понекогаш „им се прави важна“ дека е лице од медиумите.
- Никогаш не сум им потенцирала за тоа што го работам, дури сега им станува појасно што работам, но нема потреба да се оптоваруваат со тоа. Само знаат дека мојот избор на професија е нешто што сум го сакала и за кое сум сонувала како дете. И дека многу е важно да најдат што е тоа што им го полни срцето со радост кога изборот на професија е во прашање и само така нема да имаат чувство дека е нешто тешко да се работи –заклучува Каленикова.
НАДЕ ТАЛЕВСКА-СПАСОВСКА
Оперската певица Наде Талевска, која е позната и како изведувач на поп- хитови гледајки наназад, не би можела да издвои тешки моменти во текот на растењето на синовите (Максим 9,5), Михаил (7,5) и Матео (6).
- Со оглед на тоа колку брзо ми лета времето и брзо ми растат, мислам дека тешкотиите допрва треба да дојдат. А и не мора да значи. Ќе видиме, времето ќе покаже. Тројцата се многу различни. Три сосема различни карактери, со различни афинитети, желби и таленти. Сѐ уште се многу млади и допрва ќе ги оформуваат своите карактери. Но, она што е најважно за мене е што и покрај своите разлики, се многу сложни, се сакаат и поддржуваат меѓусебно – вели певицата и открива дека за најмалиот син е посебно врзана.
- Двата сина се во училиште а најмалиот во градинка. Попладне се собираме сите дома, понекогаш пишуваме заедно домашни задачи, иако најчесто тоа го прават сами. Вечерта е секогаш резервирана за семејно дружење, игри, филмови, или учење ако имаат тестови. Речиси секоја вечер е исполнета со смеа, понекогаш до солзи. Најмалиот, Матео беше болежливо бебе, но за жал кај него не поминуваше баш лесно како кај други бебиња, туку завршувавме хоспитализирани. Најверојатно од целата таа траума со него од најмала возраст, се забележува особено неговата приврзаност кон мене, а и мојата „слабост“ кон него – посочува Талевска - Спасовска.
Помош околу децата имаат од сите страни. Зависи кога и за што, тука се родителите, братот, сестрата, пријателите...
- Во нашиот случај, освен во доењето, таткото има речиси иста улога како и јас во растењето на децата, од нивното раѓање. Од тогаш, до ден денес е присутен од секој аспект во нивните животи. Со три деца на оваа возраст, интересни ситуации има секојдневно. Често им се случува на пазар или во маркет на случајни минувачи да почнат гласно да им се фалат дека мајка им е пејачка, да покажуваат кон мене и да ме претставуваат, а тоа мене ме става во исклучително непријатна ситуација, која веќе со години никако не можам да ја променам. Кога ќе ме видат на телевизија се јавуваат на нивните другарчиња да го вклучат каналот на кој ја даваат мама и гордо се фалат со тоа. Тие ја обожаваат мојата јавна професија и воопшто не им пречи кога ќе ги поканат на сцена или пред камера – открива певицата.
ЕЛЕНА АНДОНОВСКА
Елена Андоновска пејачка на македонски народни песни , вработена во НУ Танец, етнокореолог по образование е мајка на Јосиф (10), Андреј (5) и Лазар кој има 8 месеци. Вели дека секој период од нивното растење си има своја специфичност. Моментално се на возраст кога се толку различни и мора одделно да им се посветува внимание.
-Лазар има најголема потреба од мене бидејќи сѐ уште пие мајчино млеко. Андреј е идно прваче и со него сме во подготвителна фаза за новите обврски кои следуваат, а Јосиф е на прагот на тинејџерството и нѐ води кон нови предизвици. Се снаоѓам одлично. Десетте години мајчинство ми приредија разни ситуации и искуства кои сега во најголем случај се повторуваат и ги доживувам и применувам кај помалите деца. Кај сите може да се забележат многу сличности и во физичкиот изглед, но и во однесувањето. Јосиф е малку тврдоглав, срамежлив, но многу бистар и послушен и може да носи одговорности за помалите браќа. Андреј е полн со енергија! Просто неверојатно колку е неуморен, но истовремено позитивен, шоумен и секако тврдоглав. Лазар е супер бебе кое расне во друштво на постарите браќа. Со нивна помош полесно се справувам со обврските - открива Андоновска.
Секој ден им е испланиран. Во работните денови предпладневните часови ги поминува сама со најмалиот син и се грижи за обврските во домот.
-Практикуваме семеен ручек, споделуваме разни моменти и случки од утрото и со сопругот одговараме на голем број прашања. Остатокот од денот скоро секогаш е активен. Практикуваме да излегуваме на прошетки, дружби со пријатели и секако неизбежни се редовните спортски активности. Викендите честопати ги поминуваме со поширокото семејство, патуваме или сме во друштво на пријатели. На детските желби им нема крај, се трудиме во слободните викенди да оствариме некоја од нивните замислени дестинации. Кај нас дома е тивко само кога се спие или кога не сме дома. Остатокот од времето во принцип е гласно. Се слуша музика, се игра фудбал и кошарка а тука е и sony playstation за дополнителна возбуда и врева. Лазар често е расположен за внимание, сите се трудиме да го насмееме. Смислата за хумор ја имаат и Јосиф и Андреј, кои честопати се затвараат во нивната соба и само тие знаат зошто се смеат. Моменталната возраст кај нив е подоложна за предизвикување на хумор – вели пејачката и дополнува дека голем дел од работите сѐ уште им се нејасни, прават ненамерни грешки, особено Андреј со неговите пет години кој е доста инспиративен и најголемиот предизвикувач на смеа во домот.
-Немам одредена слабост кон ниедно од децата. Сите ги третирам еднакво иако Јосиф ми е прво дете и најголемиот број искуства премиерно ги доживував со него. Лазар пак има најголема потреба од мене бидејки е најмал. Сепак како мајка на три сина научив да бидам цврста, силна и строга кон нив. Сфатив дека секоја покажана слабост тие вешто ја искористуваат. Сепак се тројца и мора многу да се внимава ниту едно да не се почувствува наградено или запоставено во ниту еден момент. Со сопругот многу разговараме на оваа тема и споделуваме различни искуства и секако ми годат неговите совети за тоа како функционира машкиот свет. Помош најмногу ни е потребна кога сме отсутни. Со Марјан заедно работиме и честопати за време на нашите активности децата ги доверуваме на нашите мајки, а нивни баби. Тие се тука да не заменат во секое време. Одењето на гости кај баба има посебна магија. Таму се дозволени некои работи што мама и тато ги забрануваат. За брзи „интервенции“ тука ни се нашите браќа и блиските пријатели. Обврските околу грижата ни се поделени со сопругот. Потребна е голема организација за да се постигне продуктивно време поминато со три деца. Тоа тешко може еден човек да го поднесе сам- вели пејачката за која секој ден поминат со децата е навистина многу возбудлив.
-Постојано се во акција, а јас на крајот од денот сум со исцрпена енергија, но среќна и исполнета. Децата ме преплавуваат со позитивна енергија. Просто неверојатно е колку ме променија како личност и ми дадоа нови погледи и перцепција за животот. Пред да станам мајка не знаев дека толку многу ќе ми годи животот со деца. Со Марјан уживаме во родителството иако на моменти е многу напорно, но спремни сме за сите предизвици кои ни ги носи времето. Навикнати се да ме гледаат на телевизија, доаѓаат скоро на сите концерти, знаат многу македонски народни песни, едноставно живеат со музиката која ние ја преферираме и работиме, но сепак имаат и свој репертоар. Многу често кога настапувам и сум подолго отсутна од дома се јавува чувството на грижа дека подолго време ќе им недостигам. Сето тоа се трудам да го надоместам во наредниот период – вели Андоновска.
Соња Алексоска Неделковска