Јојо

Добивај вести на Viber

Ослаби, здебели се, здебели се ослаби. Секоја жена проаѓа во фаза на промена на телесна килажа, барем еднаш во состваниот живот, а на околу 80 проценти тоа им се случува безброј пати. Што ти раскинал дечкото, што си останала без работа, што потекнуваш од небалансирана средина и уште од дете губиш осет и свест за постоење па се лечиш со најдостапната храна на светот, дрогата. А од тие 20 проценти кои се со стабилни телесни форми, верувам дека 19 проценти можат да препишат на генетика, а само еден процент на себе свесност и вистински баланс и среќа.

Па одиме, имаш едни ти викаат биди таков како што си прифати се и живеј во сало и целулити со главата брцната во фрижидер по полноќ, или другата крајност, оди умри во теретани, пиј прашоци, земај суплемети, пиј чаеви, таблети и остали глобални сра.а, кои што те изместуваат од лежиште и базична оска на постоење и само додаваат оган на веќе задимената фрустрација за себе прифаќање.

Ќе сака некој да ми каже како? Еве јас не знам, никој до сега не ме научи, како да се поставам во светов во моментов каде што секое сликче што ќе се постира, секоја голтка што ќе се конзумира, секоја одлука што ќе се донесе, се става на вага и се суди. Од измислени виртуелни судии кои не постојат во вистинскиот свет. Да се разбере, она што го даваме на социјалните медиуми не сме ние, тоа е еден глобален психотичен лажен свет. Немате појма колку се редат чиниите само за таа една слика, колку пози се сликаат се додека да се дојде до таа вистинската, таа што ќе донесе лајкови и одобрувања од грото нели, бидејќи пак ќе има шака будали што ќе мрчнат. И при сета таа осуда, на тапет ставивме само млада генерација, на која и те како и го изместуваме целиот живот во момент кога треба да и го поставиме. Во временски ограничен период, каде една млада единка треба да се оформи како идна здрава и пред се функционална единка, ние им сервираме лажен свет, со сите пороци на тацна, а за се велиме дека не чини.

Во локалниов наш свет информацијата патува побрзо од светската, или ти во превод локален трач. Па така, колку и да се ставам себе си под стаклено звоно, сепак до мене допираат информации, кои за среќа научив како по старски, од едно влегло, во друго излегло, но веќе не сум во состојба на паметниот попушта и премолчува, не, тоа е линија на помал отпор, на тоа субјективно те учи капитализмот. Јас решив да возвраќам и да не премолчувам, па така на сите отровни јазици што се побунивте за мојата потрага по баланс, посегнување по вегански начин на живот и проучување на Будизмот, само ќе ви предложам, описменете се. Многу ми е жал за вас, живеете во зовриени мочуришта, почна да ви се распаѓа кожата од отрови и наместо да се дојадувате, одберете да испливате и да научите нешто повеќе за животов од сува омраза и завист.

Јас, како секоја жена на планетава земја живеам во систематизација на Јојо животен стил. Затоа што, што би нашиве рекле, испаштам за туѓа транзиција, и моментални преобразби, ете затоа, решив да излезам од вашата комфор зона, и да не чекам на системот да ми го подобри животот, туку да го направам тоа јас за себе. На 34 години, заради вас имам две хронични болести што ќе си ги влечам до смрт. Статистички, мојава генерација има барем по една. Што мислите, од што ни е. Кој нас не научи на баланс во животов Прелепотици мои? Јас како што се сеќавам, не учеа како се прави ајвар и како да најдеш фина шанса за да се омажиш, никој не ни кажа како да го детоксицираш телото, а тоа да не биде хемикалија која што ќе го чисти, никој не ни кажа дека секоја намирница која ја внесуваме дневно во телото си има своја намена и е добра или лоша за одреден дел од телото, никој не ни кажа дека ако веруваш доволно во себе и личните идеали, дека можеш да го промениш светот и не ти треба глобална револуција за тоа, почнуваш со себе. Не учеа дека не можеш да промениш никој (како беше теле се учи а не вол), а реалноста е дека промената е во секоја секунда, со секој изминат праг на времето се менува и човечката личност, и така треба, така е здраво, така се расте, развива и созрева.

Никогаш не стапнуваш во истата вода, кога реката тече, се сеќавате на тоа нели.

Не ви верувам дека зависниците остануваат засекогаш зависници, дека од лош човек не може да стане добар, од дебела девојка слаба, а најмногу верувам во тоа дека човек учи додека е жив.

Ги категоризиравме дествијава на кул и клише и изгубивме на хуманост, станавме виртуелни лажни ликови, маргинализирани именки, и во момент кога као демек владее демократија, всушност владее најголемата осуда на човечкиот род.

Затоа Прелепотици мои, гласно и јасно, уште од мали, побарајте да го освоите светот. Мал е верувајте, и во моментов е тажен, му треба наша помош, му требаат луѓе. Потребен му е баланс, потребна му е љубов, потребно му е човек на човек да си пружи рака, човек на животно да му даде, наместо да му земе. Не судете, не вагајте, доволни ни се политичарите да не трујат со мизерија, само ние со нашите одлуки можеме да испливаме од тие затруени мочуриште, ако не пече кожата. Ќе помине, ќе ја залечиме со вистински информации и многу Љубов.

Јас сум Ивана Кнез, си ветувам сама на себе дека ова е моето последно Јојо. Ќе ја оставам промената на друго поле, на некое на кое навистина му е потребна таа претумбација. А самате себе ќе се чувам, прво од себе, а потоа од секоја една змија отровница што ќе реши да гризне. Со нејзин отров ќе ја плукнам назад.

Се читаме следната недела.

П.С. Nick Cave за оваа недела Прелепотици, не е баш комерцијална верзија и треба желудник за него, но ако ти легне, доаѓа како лек, како дижестив. 

Прочитајте ја и претходната колумна на Кнез насловена Гризи Греби Касај