Југото ми е најдраго: Интервју со Маја Милошевска, професионален возач
Немам проблем со мислењето на другите. Како што постојат добри возачи - мажи, така постојат и добри возачи - жени. Постојат и мажи кои се лоши возачи, така да не можеме да ги генерализираме работите
Во светот доста работи неправедно се поделени на „машки“ и „женски“. Еве на пример дали досега сте слушнале за професионален женски возачна територијата на Република Македонија? И ако тука почнете со стереотипите дека жените се лоши возачи или дека не се качувате во автомобил со жена, ние ќе ве премислиме во истиот момент. Нашиот доказ е Маја Милошевска, жена со професионална кариера во светот на возачите. Верувале или не, таа вози рели трки, вози автомобили и мотори, знае да прави трикови во возење, таа е жена на чело на авто картинг клубот „Никола Карев“, а покрај сето ова е магистар по економски науки и среќна мајка. За Женски Магазин, Маја Милошевска раскажува за успесите кои ги нижи во својата професија која и не е толку честа кај жените.
* Која е Маја Милошевска на асфалт, а која во приватниот живот?
- Нема многу разлика. Како што ме гледате на натпреварите, така е и во приватниот живот, борбена, посветена, позитивна и секогаш насмеана.
* Од каде љубовта за автомобилите, за возењето? Како започна таа приказна и колку време трае?
- Потекнувам од тркачка фамилија. Мојот татко и неговите браќа се занимавале со авто спорт уште од нивната младост и настапувале во Шампионатот во автомобилизам на Југославија. Ние, од следната генерација го продолживме да го работиме тоа што го правеа тие. Најпрво, мојот братучед Зоран Милошевски дебитираше во Шампионатот на Македонија во автомобилизам во 2000-та година. Една година подоцна тоа го стори и мојот брат Југослав, кој и после толку години сè уште вози авто трки.
Мојот прв настап на женска рели трка беше во 2005-та година во Скопје. Од тогаш имам настапувано на повеќе натпревари од различни дисциплини во Македонија, Бугарија, Косово: картинг, авто спретност, авто слалом, 2009 и 2011 година настапував во Шампионатот на Македонија во мотоциклизам, во дисциплината - скутери...
* Како се борите со стереотипите дека сте жена професионален возач? Дали сте имале ситуација каде сте биле навредена или исмејувана?
- Немам проблем со мислењето на другите. Како што постојат добри возачи - мажи, така постојат и добри возачи - жени. А, исто така, постојат и лоши возачи - мажи, така да не можеме да ги генерализираме работите. Во моето долгогодишно искуство во авто-мото спортот, никогаш не сум имала проблем од таков тип.
* На колку турнири сте победиле? Kое е Вашето најдобро искуство?
- Искрено, имам многу пехари и признанија, точната бројка не ја знам, а секој настап е едно искуство повеќе, кое ја збогатува кариерата.
* Омилено возило за трка (за возење)?
- Сум настапувала со повеќе возила низ текот на годините, сепак Југото со кое настапував на почетокот од мојата кариера ми е најдраго.
* Покрај тоа што настапувате на авто натпревари, знаеме дека и го водите тркачкиот клуб „Никола Карев“, кој настапува во Шампионатите на Македонија во автомобилизам на ридски и на кружни патеки. Како се справувате со таа улога и какви резултати постигнавте оваа сезона?
- Дел сум од авто картинг клубот „Никола Карев“ веќе 10 години и имам одлична соработка и со натпреварувачите во клубот и со механичарскиот тим. Ниту еден член, нема проблем со тоа што жена го води клубот во овој машки спорт. Сезонава започна одлично. Во три трки кои беа одржани до сега, клубот забележа три победи. По двете победи на трките од Шампионатот во автомобилизам на ридски патеки, кои се возеа на Водно и на Пониква, близу Кочани, клубот забележа победа и на првата трка од Шампионатот на кружни патеки, која се одржа во Кичево.
* Дали и во обично градско возење сте иста како во професијата или пак почитувате правила? Дали се случило да добиете некоја казна?
- Правилата постојат за да се почитуваат! Јас ги почитувам секогаш и тоа треба да го прават сите учесници во сообраќајот. Сум учествувала и на повеќе кампањи каде главен акцент бил ставен на безбедноста во сообраќајот. Никогаш не сум добила казна.
* Дали сметате дека Македонците имаат култура во сообраќајот? Дали мислите дека има џентлмени на улиците, во смисла онакви кои знаат да дадат предност и да пропуштат возило?
- Културата во сообраќајот не ни е на завидно ниво. Треба сите учесници да бидат посовесни и да го поправиме впечатокот. Секако дека има и џентлмени, но генералната слика на нашиот сообраќај секако дека може да биде подобра.
* Колку професионални возачи жени постојат во Република Македонија, зошто не сте толку истакнати?
- Па не многу, но радува податокот дека сè повеќе жени земаат учество во сообраќајот.
* Дали покрај ова, имате и друга професија?
- Секако, јас сум магистар по економски науки. Економијата ми е професијата од која заработувам, а автомобилизамот ми е повеќе хоби.
* Како го балансирате приватниот и професионалниот живот?
- Кога постои желба и љубов према нешто, лесно е да се постигне она што се сака. Сега за сега одлично се справувам.
* Кои се карактеристиките на една успешна жена?
- За една жена да биде успешна мора да биде посветена, вредна, одговорна, храбра, борбена, независна, своја, да има поставено цели кон кои се стреми и која знае што сака. И секако успешна жена е онаа која покрај тековните обврски во животот, постигнува да си посвети време и на себе, да прави нешто од што ќе биде задоволна.
* Која мисла ве води низ животот?
- Можеш да бидеш поразен, само ако престанеш да се бориш!
* Порака до жените возачи и до сите возачи?
- Како што сме рамноправни со мажите на другите полиња, така е и зад воланот. Управувањето со моторни возила не е само за мажи. Безбедноста во сообраќајот на прво место! Знаеме дека нашата држава има лоша статистика кога станува збор за сообраќајните незгодни, а посебно со трагични последици. Во најголем дел од нив, главна причина е човечки фактор, поради тоа сите треба да ја подигнеме свеста и да бидеме поодговорни зад воланот.
Даница Караташова