Каде ако Ве заболи заб, а сте позитивни на Ковид-19!?

Добивај вести на Viber

Обврска, храброст и доблест е да  бидеш тука, да бидеш присутен и јавно да ги повикаш луѓето. Да им кажеш дека не смеат и не треба да трпат забоболка, вели директорката на Стоматолошкиот клинички центар Свети Пантелејмон Скопје д-р Амела Цана.

Денес го посетивме Стоматолошкиот клинички центар Свети Пантелејмон Скопје да се информираме дали и како работат.

Поставивме неколку прашања на  раководното лице на установата, др спец Амела Цана – директор на клиниката.

*Почитувана,  реално, веќе неколку месеци живееме во посебни услови, мерки, препораки, предупредувања. Какво е Вашето мислење за општата состојба во земјата поврзана со здравствениот систем во услови на постоење на вирусот? 

Периодот на присуство на вирусот Covid - 19  трае толку долго, што веќе се навикнавме да живееме. Некој повеќе некој  помалку се прилагоди на новонастанатите услови. Некој и не се согласува со фактот дека вирусот Covid 19  постои, но тој е тука и е дел од нашето секојдневие.

Сакале или не, обврска на секој од нас е и приватно и професионално да го прави она што е безбедно или по најмала рака помалку ризично за добро на сите.

-  Велат дека некои здравствени установи  од слична дејност ги затвориле вратите за пациентите, да не кажеме престанале со работа.

*Дали установата со која Вие раководите имаше некои промени во работењето?

Како треба да се однесува лекар кој положил Хипократова заклетва? Ете токму така се однесувавме и се однесуваме.

Лесно е да менаџираш здравствена установа со  стоматолошка дејност кога ги повикуваш пациентите  за блескава насмевка.

Себично е да ги затвориш вратите штитејќи се само себеси од евентуален ризик.

Обврска, храброст и доблест е да  бидеш тука, да бидеш присутен и јавно да ги повикаш луѓето. Да им кажеш дека не смеат и не треба да трпат забоболка.  Дека има решение.

*Сакате да кажете дека Вие работевте и со ризични пациенти?

Да, работевме и работиме и така ќе биде и во иднина. Стоматолошкиот клинички центар Свети Пантелејмон Скопје за цело времетраење на пандемијата не застана со работа. Раководството на клиника во соработка со сите вработени организацијата на работата ја прилагодуваше на условите во конкретен момент,  со несебичен ангажман согласно препораките од СЗО, Министерството за здравство.  Нашите служби изготвија протоколи за работа  кои во чекор ги пратеа сите препораки  во интерес на оралното здравје на секој човек. 24/7 лекарите беа достапни за сите, спремни да дадат совет и по телефон. 

*Што со пациентите кои се документирано позитивни со Covid 19?

Немаме никаков проблем. Тие се еднакви со останатите само имаат малку поинаков третман во организациониот дел.

Од крајот на месец мај во Стоматолошкиот клинички центар започна со работа  специјализирана  Covid - 19 амбуланта која функционира според стручно изготвен протокол за работа согласно препораките од СЗО.

Амбулантата е потполнио опремена како и сите други оддели.

Прием на пациенти позитивни на COVID-19 се врши исклучиво со закажување на телефон (по претходна препорака на матичен лекар).

Пациентот треба да носи со себе уредна документација за утврдена дијагноза како и заштитна опрема (маска и ракавици).

Работното време во Covid- 19 амбулантата е од понеделник до петок (од 08:00 – 15:00 часот).

*Дали до сега сте примале пациенти во специјализираната амбулантата?

Да, секако. Се третираат пациенти по претходно закажан термин. Постојано има дежурен тим од лекар, сестра и хигиеничар кои работниот ден го поминуваат исклучиво во тие простории.

Организацијата на работата во истата е под надлежност на др спец Газменд Јусуфи и главната сестра на Клиниката Јулијана Кипровска кои беспрекорно се грижат како за пациентите, така и за нашиот кадар кој ги пружа стоматолошките услуги согласно протоколите за заштита.

*Која е сигурноста на останатите пациенти и на постителите на клиниката, дали тие се безбедни по своето здравје?

Апсолутно се безбедни, затоа што Covid 19 амбулантата е и физички изолирана. Има посебен влез од сосема друга страна на објектот и нема никаква допирна точка со останатите простории, ниту работни ниту помошни. Стерилизацијата на инструментите е изолирана, пристапот на лица е строго под контрола. 

Вложивме допонителни финансиски средства и за изолирање  на посебни санитарни јазли.

Да напоменам  и дека сите ординации, сали, РТГ оддел, се опремени со кварцни лампи за дезинфекција на воздухот и се активираат според протокол, што претставува и дополнителна заштита и сигурност.

*Кажавте за посебните услови за Covid – 19 амбулантата. Како е органзиран другиот дел од работниот процес?

Во Стоматолошкиот клинички центар  работат сите оддели,  во две смени. Функционираме  според  протоколи прилагодени на општата состојба. Се мери температура  при влез на секој пациент, се пополнуваат анкетни  листови, обезбедена е дистанца, целосна дезинфекција пред и по завршувањето на интервенција. Во овој дел ќе кажам дека сето ова не е само моја заслуга, туку на сите вработени кои посветно и несебично го работат својот дел од работата и помагаат на своите колеги.  Водејќи грижа за финсниските проблеми на населението, ние направивме напори и  дадовме попуст на цените на приватните услуги. Тоа е оној дел кој не го покрива Фондот. Понудивме пристапни цени за граѓаните со помал семеен  буџет, затоа што санација на забите не е луксуз туку неопхондна потреба за општо здравје на организмот.

*Имате ли некоја  порака до јавноста?

 Моја препорака до  секој човек  е да биде себичен за да го чува сопственото и да биде солидарен, да се грижи за здравјето на сите останати околу него.

Само така ќе бидеме сите здрави и во некои други околности, побрзо оздравени. 

Стоматолошкиот клинички центар е сериозна институција, пред се безбедна и сигурна.

Наша препорака:

Грижете се за своите заби, затоа што насмевката не може да чека