КАДЕ ДА ГИ ЗГРИЖИМЕ ДЕЦАТА ЗА РАСПУСТ: Ако нема кој, ќе ги чуваат комшиите
Со сопругот сме приморани да ги земеме годишните одмори во различен период, за да можеме подолго да останеме со децата за време на распустот, но повторно е невозможно да сме дома цело време. Затоа, некои денови, децата ќе останат дома сами, а понекогаш, ќе ни ги причуваат комшиите, ни изјави една мајка од Скопје
Од денеска почнува летниот распуст за сите ученици од основните и од средните училишта. Проблем со кој се соочуваат родителите на основците од помалите одделенија е чувањето и активностите на децата додека тие се на работа. Женски магазин направи истражување на тема- кој да ги згрижи децата кои немаат баби и дедовци да ги чуваат за време на распустот.
„Моите деца имаат една баба која се уште работи, и нема кој да ни помага околу чување на децата за време на распустот. Со сопругот сме приморани да ги земеме годишните одмори во различен период, за да можеме подолго да останеме со децата за време на распустот, но повторно е невозможно да сме дома во текот на целиот распуст. Затоа, некои денови, децата ќе останат дома сами, а понекогаш, ќе ни ги причуваат комшиите. Не сме во финансиска можност да платиме дадилка ниту да ги пратиме во некој од приватните, летни кампови за кои се распрашувавме. Би било добро кога би постоеле некакви летни школи финансирани од Државата“, ни изјави една мајка од Скопје, на син кој заврши трето одделение и ќерка која заврши второ.
Министерство за труд и социјална политика јавно ги повика корисниците на социјална парична помош и додатоци, да се јават за користење на бесплатен одмор услуга за своите деца
Од Министерството за образование и наука велат дека до нив не стигнала никаква иницијатива за дополнителни актоивности за деца за време на распустот.
„Ве известуваме дека до Министерството за образование и наука не е доставена иницијатива за организирање дополнителни образовно - едукативни активности на учениците за време на летниот распуст. Учебната година во основните училишта почнува на 1 септември 2017 година, а завршува на 31 август 2018 година. Наставната година започна на 4 септември 2017 година и завршува на 8 јуни 2018 година. Во текот на учебната година учениците користат зимски и летен одмор. Зимскиот одмор започнува на 30 декември 2017 година и завршува на 21 јануари 2018 година. Летниот одмор започнува на 9 јуни 2018 година и завршува на 31 август 2018 година. Наставниците во училиштата само во текот на летниот распуст ги користат годишните одмори кои им следуваат согласно Колективниот договор за основното образование и Законот за работните односи“, се вели во и-мејлот кој го добивме од МОН, по нашето прашање дали постои можност за едукативно-забавни активности на децата за време на распустот.
Приватните училишта орагнизираат кампови кои опфаќаат целодневни активности, оброци и излетиДополнителни летни активности за децата нудат приватните основни улилишта и школи за креативни игри и странски јазици. Тринеделен летен камп за деца, организира Интернационалното училиште „Нова“ од Скопје. Тој започнува на 18 јуни и ќе трае до 6 јули, и чини 395 евра по дете, со можност за плаќање на неделни рати.
Децата, за време на активностите се поделени во три возрасни групи: од 4 до 6 години, од 6 до 8 и од 9-13. Дневните активности на „Нова“ почнуваат во 9 часот и завршуваат во 15, или траат од 8 до 16, во зависнот од возраста. Во тој период, децата добиваат еден оброк, ужина, овошје, пијалоци и природен сок. Предвидени се многу активности како посета на Зоолшката градина, Аква паркот, јавање коњи, тенис, куглање, мечување, кајакарење, камперски игри...
Едукативниот центар „Арс Ламина“ заедно со јазичниот центар „Step by Step“ исто така организираат летен камп. Почнува од понеделник, на 11 јуни, а завршува на 14 јули. Овде децата можат да бидат пријавени на дневно или на неделно ниво. Посетата за еден ден чини 650 денари, а за една работна недела од 8 до 16 часот чини 2.500 денари. Спортски игри и базен,излети, јавање коњи, посета на книжарница и дружење со детски автори, астрономија, најавува кампот кој ќе се одвива на англиски и на македонски јазик.
„ До Министерството за образование и наука не е доставена иницијатива за организирање дополнителни образовно - едукативни активности на учениците за време на летниот распуст“, ни изјавија од МОН
Летно училиште за глума организира филмското училиште „Тинтири минтири“ . Наменето е за деца од 9 до 15 години и ќе се одвива во три недели, со работа три дена во неделата: првата недела на 18, 20 и 22 јуни, втората на 25, 27 и на 29 јуни, а третата на 2, 4 и на 6 јули. Наставата ќе трае од 9 до 13 часот . Програмата опфаќа теоретска и практична работа во сферата на телевизијата, филмот и стоп анимацијата, и креативни игри. Прилагодена е за деца на возраст од 9 до 15 години. За време на школата ќе се снимаат и скечеви кои ќе се емитуваат во „Тинтири минтири шоу“ на ТВ. Една недела чини 1.800 денари, а еден ден 750 денари.
За деца од 6 до 14 години, училиштето за странски јазици и комјутери „Логос плус“ организира курсеви по англиски и германски јазик и компјутерски курсеви. Од 11 јуни до 10 јули комбинирана настава ќе се одвива секој ден по 135 минути. За целиот период, цената е 7.500 денари. Летни курсеви по странски јазици за деца во попладневните часови организират повеќе школи за странски јазици.
Министерство за труд и социјална политика јавно ги повика заинтересираните лица, корисници на социјална парична помош и додатоци, да се јават за користење на бесплатна услуга за одмор и рекреација за своите деца. Услугата опфаќа 6 полни пансиони, едукативни, забавни и спортски активности во еден од домашните летни туристички центри. Децата корисници на посебен додаток имаат право на придружник за време на одморот. Барањата ќе можат да се поднесуваат до 10 јуни, во просториите на надлежните Центри за социјална работа.
За време на распустот, родителите често се решаваат да ги пратат децата на летни спорстки кампови во Македонија или во Грција, во придружба на наставник или тренер.
Милица Џаровска