Како да се справите со прибирливоста на храна кај детето?

Добивај вести на Viber

Сигурно имате проблем со видот на исхраната кој го внесува вашето дете?  Или за неколку видови на храна.  Овој проблем ги мачи голем број на родители.  Но, и според познавачите сосема е нормално децата да бидат прибирливи кога станува збор за јадење. Некои дечиња имаат одбивност кон секоја нова храна, а некои пак почнуваат да ја одбиваат храната која до вчера ја обожавале.  Немојте да го присилувате детето со јадење, бидејќи ќе се соочите со уште поголем отпор. Наместо цел ден да водите буквално борба  со детето за да ја јаде сервираната храна, обидете се на смирен и ненаметлив начин да го надитрите вашето дете.


Вклучете го детето во подготовката и купувањето на  храната

Кога сте во продавница оставете го детето само да ги избере овошјето и зеленчукот. Така ќе биде по склоно да ги проба кога ќе му ги послужите на масата.  Исто така, слободно вклучете го во самата подготовка на јадењето. Додека го сечкате зеленчукот на даска за сечење, побарајте од детенцето да ги стави исечканите зеленчуци во садот за подготовка., или пак дозволете му да ги измие плодовите.  Вашата кујна е одлично место во кое децата може да дојдат во допир со зеленчукот и овошјето  и да покажат интерес, односно желба да го пробат истиот.

Дајте му поголем избор

Секогаш сервирајте различна храна, но повторувајте ја истата. Односно колку почесто детето гледа еден вид на храна е поголема веројатноста истата да ја проба. Детето е најгладно за време на појадокот, тогаш е идеално време за сервирање на салати и може да падне во искушение да проба од истата.


Секогаш нудете една по една нова храна

Не практикувајте да послужите на масата повеќе видови на нова храна заедно. Наместо тоа, послужете еден вид на нова храна во комбинација со нешто омилено. И не ја наметнувајте истата, оставете го само да се навикне на храната и да посака да ја вкуси.


Отстранете се што ќе му го одвлекува вниманието

Додека сте на масата за јадење исклучете го телевизорот, тргнете ги играчките и во релаксирана атмосфера послужете го  јадењето.  Ако нешто му го одвлекува вниманието на детето, тогаш многу тешко ќе му го задржите вниманието за здравата храна што сте му ја приготвиле.


Имајте на дофат здрави грицки

Децата обожаваат да грицкат преку целиот ден. Но наместо да ја полните чинијата со смоки или грисини, наполнете ја со овошје или зеленчук. Исечкајте ја храната во различни форми и измешајте ги во различна боја, тогаш со сигурност детето ќе пушти рака по зеленчукот или насечканото овошје.


Направете ја храната повкусна

Не плашете се ако храната има повеќе калории.  Секогаш приготвената храна на пареа им станува досадна и затоа не плашете се да додадете вкусен прелив. Така храната ќе биде поинтересна и ќе им биде повкусна. Неколку калории плус нема да му наштетат на детето. И подобро на овој начин да конзумира здрава храна отколку да не јаде воопшто.


Дајте му добар пример

Децата учат од своите родители. Ако вие ги одбегнувате зеленчуците не очекувајте вашето дете да биде воодушевено од нив.  Се што сакате да јаде вашето дете треба да јадете и вие.  Додека конзумирате здрава храна кажувајте му на детето колку таа е вкусна и колку може да му помогне да биде здраво, убаво и паметно.


Надитрете го

Постојат безброј начини на коишто можете да го надитрите вашето дете.  На пример во лазањата ставете малку свеж спанаќ, или испасирајте свежа брокула и додајте ја во сосот.  Детето нема да забележи, и ако му е една од омилените јадења лазањата ќе ужива во истата.


Не грижете се ако вашето дете е прибирливо, најчесто децата од две до пет години се прибирливи во исхраната.  Бидете трпеливи.