Како него - нема друг: Единствениот кому му прилегаше улогата на цар - 21 година без Ѓорѓи Колозов
„Пиј си тутун, пиј си каве, азното само ќе си дојди“, една од најпознатите реплики од Македонските народни приказни изговорени од единствениот кому му прилегаше да ја игра улогата на цар.
Денес се навршува 21 година од заминувањето на Ѓорѓи Колозов. Неговиот лик и дело живеат и денес, особено преку народните приказни кои го одбележаа детството на многу генерации и се уште важат за едни од омилените.
Она што секогаш за себе го велел е дека не сака да се наметнува на публиката, туку сака таа да го засака преку неговите дела, што подоцна се оствари во целост. Неговото презиме Колозов и денес предизвикува лавина емоции и не потсетува на едно убаво време.
Тој беше еден од најпознатите актери во Македонија, особено запаметен по неговите извонредни толкувања на разни ликови од народно творештво како цар, кадија, чорбаџија, селанец, па дури и како Господ. Голема популарност стекна и во македонската дијаспора во Австралија и САД.
Колозов беше добитник на голем број награди и признанија, меѓу кои: Наградите "13-ноември, "Ристо Шишков", "Војдан Чернодрински", "11-октомври", "Васил Иљоски" и многу други.
Иако 21 година не е со нас, она што го остави позади себе е непроценливо богатство, и токму затоа неговиот лик и дело ќе живеат уште долго.
Во една прилика Шека зборуваше за својот сопруг.
Ѓорѓи им недостига на сите
Во дворот со цвеќиња на прилагодената селска куќа, Шенка одгледува зеленчук, ги чува своите кучиња и мачки, ги храни селските кучиња и мачки, коси трева, сече дрвја и се занимава со – секојдневниот живот.
- Јас размислувам поинаку. На тој што е жив, ништо не му недостасува, на тој што го нема – му недостасува сè, му недостасуваат живите, му недостасуваат децата, внуците, радостите на животот. Мене ми е драго што тој и недостасува на Македонија. Не се случило да излезам негде, а да не ме запрат непознати луѓе и да не го спомнат Ѓорѓи. И секој муабет завршува со зборовите „како него – нема друг“. Ќерките ми кажуваат дека некаде на социјалните мрежи, кога беше промовиран Мостот на уметниците пред Археолошкиот музеј имало прашање зошто меѓу поставените споменици нема и споменик на Колозов. Во коментарите некој запишал: Нему не му треба споменик, Колозов е жив.