Каква ти е кројката, таков ќе ти е и животот
“Колку луѓе-толку табиети”- секогаш
велеше баба ми, а јас дека дете па ништо не разбирав оти дури со растењето ни
стануваат јасни некои работи. За мене, отсекогаш имаше една главна и основна
поделба на луѓето (од која и ден-денес тргам), а таа е на добри и лоши. Е сега,
бидејќи сме сите со различни табиети, прашање е дали сите имаме исти критериуми
за добро и лошо или постои сива зона во која има и едно и друго. И уште
посуштинско прашање е кој колку и како знае да плива во таа сива зона. Ако
треба да бидам попрецизна, ќе ви кажам вака: сé ми е ок и со сé можам да се носам, доколку тоа не подразбира
да нанесуваме штета некому. И вака кажано/напишано е ептен прецизно и јасно,
додека не почнете да ги раслојувате работите. Што значи нанесување штета? Дали
нанесувањето штета подразбира и емотивна повреда? Дали знаеме што може да е
емотивна повреда за другите и дали сме сигурни дека можеме да го спречиме повредувањето?
И ако продолжам, на крај ќе дојдам до тоа зошто сме на земјава и која е целта
на нашето постоење...затоа, ќе застанам тука, оти и дотука имаме добар
материјал за муабетење.
Никој со никого не е ист, освен што сме ситеисти во желбатеа да бидеме сакани, почитувани и горе-долу среќни. Кога ќе речат дека двајца биле во карактерот како близнаци (демек идентични), се потсеќам на тоа колку близнаци знам (а не се многу) кои се различни како ден и ноќ. Ја гледам ќерка ми која иако е цело време со мене, си има свој табиет, свој карактер и свое мислење. Ги гледам моите и се фаќам себеси дека за некои работи сме толку многу различни во размислувањата, што како да не ме израснале токму тие луѓе.
Градежниот материјал од кои сме создадени е кај секого со ист состав, ама не во исти пропорции. Она што нé формира како личности е семејството, но и (како што велат повозрасните) улицата, а за мене улицата е синоним за искуството кое го стекнуваме попатно. И вака или онака, израснуваме во возрасни луѓе и личности со табиети од “алал” до “арам”, но и мешавина од “алал” и “арам” во различни проценти од едното и другото. До одредена возраст за секој неуспех (или “арам”) ни се виновни родителите и како нé одгледале и/или воспитале, оти темелите на она што сме ние се всушност нашите родители. Но, со растењето расте и нашата моќ да смениме она што не ни се допаѓа во табиетот кој си го носиме. Менувањето себеси и работата на себе се исклучително одговорни, тешки, комплицирани работи кои носат такви бенефити и спокој што да знаете дека вреди да се помачите. “Траумите од детството” се честопати и несреќно употребени од секој од нас, оти не е иста траумата од детство кога не ви го купиле автомобилчето кое сте го сакале па сте се откорнале од плачење, со злоставување и затворање во темни простории ако сте биле немирни. Има трауми кои човек сам ниту може, ниту знае како да ги реши и треба да е храбар и свесен за себе и да побара стручна помош. По мене, не се стеснувајте и ич да не му ја мислите ако почувствувате дека ви треба помош за да решите некои дилеми сами со себе. Од многу правење паметни, некои луѓе само ни набиваат чувство за тоа дека сме “неспособни и глупави” штом не можеме сами на себе да помогнеме. Па еве, да ви кажам дека има работи кои само преку разговор со психолог или психијатар ќе можете да ги видите во реално светло и ќе можете да им најдете начин како да ги тргнете од глава. Не потпаѓајте под туѓо мислење дека нешто не е во ред со вас, ако се обратите на психолот. Сите си носиме внатре нешто што нé мачи и секој си го бара чарето, затоа гледајте да ви биде вам полесно и да сте среќни.
Кројката на табиетот кој е и одраз на тоа што сме ние е показател за тоа каков ќе ни е животот. Од дете сум (некои ќе речат и премногу) емотивна. Кога ќе кажам емотивна, мислам на тоа дека кога сме се враќале навечер од гости, кришум сум плачела на задното седиште од автомобилот кога ќе ги видев уличните продавачи на весници особено во зима. Душата ме болела за секоја слика на ТВ кога имало било каков прилог или документарец за деца кои страдаат и не сум можела со денови да се соберам. Како растев, не оти станав поинаква туку само научив да не ми се познава однадвор тоа што ми гори однатре. Научив дека нема лек за емотивност, нема вакцина против тоа, нема начин како да станете помалку чувствителни. Не постои апче кое кога ќе го голтнете, ќе направи да не ви трепери душата за секоја неправда, да не си го јадете џигерот ако гледате пред вас нешто што е надвор од сите ваши критериуми за добро. Емотивноста ќе си ја носите со себе до гроб, сакале или не. Таа кројка или ја имате или ја немате во себе, не се купува, не се гради отпосле, не се позајмува. Таа кројка не е за на шнајдер, па да попуштите еден раб тука, да стесните подолу и хоп, ќе ви е таман. Таа кројка доаѓа со првиот плач и после само си се вгнездува во вас.
Имало периоди кога сум си ја мразела емотивноста. Паметам дека како млада не ми беше јасно како може да има луѓе кои не се емотивни, кои се водат од разумот а не од срцето. После дури научив дека мора да се вклучува и разумот за да имате некаков баланс кој ќе ве одржува над водата, но и сфатив дека емотивните можат да научат да вклучат разум, ама тие кои се наклонети само кон разум, не можат да научат да бидат емотивни. Не дека не чувствуваат, не дека немаат емоции, но едноставно за нив емоциите се второстепени. Ако сте емотивци, а сакате да сте со некој кој е во тој дел спротивен од вас, бидете спремни дека ќе биете битки секој ден. Еднаш пробав да бидам со таков човек, зборувам од искуство (впрочем како и секогаш). Не дека не чинеше човекот, тој беше прекрасен и многу паметен, шармантен и духовит, но толку реален и прагматичен, толку клинички разумен што ме вадеше од кожа. Прост пример ќе ви кажам за да ме разберете точно за што зборувам. Кога ќе видевме бездомник, ако мене ми беше на прва жал и во главата барав можни решенија како да се помогне (привремено сместување, храна и сл), тој на пример ќе речеше дека можеби е алкохоличар, дека сигурно направил нешто за да го избркаат од дома или дека дури и му се допаѓа да е бездомник. И јас се вадев од кожа, оти тоа ми беше толку сурово и бесчувствително размислување. И не дека можеби и не било така, ама таа негова клиничка моќ на расудување што беше дијаметрално спротивна од мојата идеалистичко-утопистичка мисла (не велам дека моето е супер добро, туку само ја потенцирам разликата) ме убиваше во поим. Нормално, тој кратер меѓу нас двајца како луѓе со различни кројки беше пресуден за да не ни почнеме нешто сериозно. До денешен ден тврдам дека човекот е супер, ама дека ич не беше супер нашата спојка на табиети и кројки на карактерите.
И колку и да си велам некогаш “Ано, да ти се плукнам на карактерот и табиетот да си правиш да ти боледува душата за сé”, толку некогаш и сум благодарна на бог/универумот за мојава кројка оти ме има благословено со многу нешта. Пред сé, тука се луѓето кои ми се сродни души, тука е и можноста преку пишувањето и споделувањето на она што ми е внатре, да допрам до вас, тука е и способноста да можам од едно зајдисонце да се исплачам однатре и да излезе песна. Она што го знам и што го сфатив (а многу ми помогна) е дека никој не може да избега од она што е...или од себе. Можеме само да ублажиме некои состојби, да избрусиме некои остри рабови за да не нé болат, да научиме кога да си дадеме одмор од себе и сопствените мисли. Останатото....останатото е само да научиме како да бидеме ОК со тоа какви сме, да научиме како да сме во мир со себе и како најдобро да поминеме во животот, облечени во кројката која ни е дадена од раѓање.
Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Секој од нас скроен е некако
И таа кројка од првиот плач ја има
Та потем до гроб си ја носи
Облечена однатре
Сошиена по мерка
Залепена на душата
Во боја на мислите и делата
Чунки тие знаат да ја обојат
Во сите бои на ѕуница после дожд
Секој од нас своја кројка има
Од која бегање нема
Со која треба да научи
Не само како да живее
Туку и како пријател да биде
Оти не се менува
Дури и тогаш кога не ни е таман
Та врти се и превртувај се
Пак во неа ќе ти биде крајот
Секој од нас кројка своја си има
Различна од сите други
Посебна на свој начин
Скапоцена оти една е
Бесценета оти без неа никој и ништо сме
И таа е единственото нешто
Кое ниту се купува со пара
Ниту се продава за азно
Оти секоја мерка е различна
Секој од нас-различна кројка е
Та некој студен како камен станува
А некому жежи во градите
Некој ништо не го поместува
А некому од лош поглед
Тлото под нозе му се изместува
Некој со умот говори
А некому срцето низ уста му излегува
Чунки однатре претесно му станува
Секој човек-табиет
Секој човек-кројка
Та колку луѓе на земјава
Толку табиети и кројки
И си велам добро е
Добро е што толку различни нé има
Само едно исто да ни е
Зло да не садиме
Клетви да не жнееме
Поганлак да не ни биде вечера
Оти никој нема век бескраен
Ама барем дури сме тука
Дури озгора, врз земја чекориме
По убаво и добро да нé знаат
За по убаво и добро да нé памтат
Оти и каква кројката да ти е
Да не носи никому црнина
Да не носи никому пустош
Секој човек-кројка различна
Ама барем во чоештината иста да ни е