КАРДИОВАСКУЛАРНИТЕ ИЛИ МАЛИГНИТЕ ЗАБОЛУВАЊА НАЈЧЕСТА ПРИЧИНА ЗА СМРТЕН ИСХОД: И покрај целосната вакцинација против ковид
Четвртиот бран на корона вирусот избувна во Македонија од почетокот на август. Нагло се зголеми бројот на новозаразени, а како последица на тоа почна и преполнувањето на болничките капацитети, посебно во Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Струмица..., како и Инфективната клиника во Скопје. Особено алармантен е податокот за починатите. Во официјалната светскат статистика, според податоците од Университетот Џонс Хопкинс, Македонија е на врвот, односно четврта рангирана со стапка на смртност од 3,4 отсто и со 291 починат пациент на 100.000 жители.
Вчера починаа 32 пациенти, но изминатиов месец, бројката е константно над 20, па точно за еден месец, од 6.август до 6.септември во земјава поради компликации на корона вирусот починаа 591 пациенти. Меѓу нив има и многу млади луѓе. Најмладата пациентка е 15-годишно девојче од Тетово, кое почина минатата недела на Инфективната клиника. Од оваа институција соопштија дека девојчето било донесено во многу тешка состојба, но имало и прекумерна телесна тежина, што според лекарите е еден од најголемите ризик фактори за настанување компликации на корона вирусот. Освен 15-годишната пациентка, поради компликации на болеста починаа и неколку 20-годишни момчиња. Ниту еден од овие млади не бил вакциниран против корона вирусот. Затоа здравствените власти посочуваат дека во овој момент е најважно опфатот на вакцинација да биде што поголем токму кај оваа популација, над 18 години.