Катерина Танева Ѓоргиев за детството во Ваташа и прославата на Велигден: Најтешко ми беше кога за празникот не бев со децата и сопругот

Добивај вести на Viber

Пејачката Катерина Танева Ѓоргиев, Велигден ќе го прослави со сопругот и двете деца, во нивниот дом во Скопје. Среќна е што ќе бидат заедно, бидејќи поради спецификата на нејзината професија, за празниците често била на настап или на турнеја. Вели дека одлично се снаоѓа во кујната. За сопругот Баже ќе подготви јагнешко, а за ќерката Ларита (23) графички дизајнер и синот Марко (18) специјалитети по нивна желба. 

Суштината на Велигден е секогаш иста, да се опуштиме, да го поминеме времето со семејството. Каде ќе го прославите празникот?

- Христовото Воскресение Велигден е најголемиот Христијански празник, кој сите, па така и ние го чекаме со голема радости ќе го прославиме во домашен амбиент. Целото семејство ќе бидеме заедно, бидејќи ретки се моментите кога можеме да се собереме сите покрај празничната трпеза. 

Со оглед на вашата професија, се случило ли да бидете на турнеја или на настан за време на Велигденските празници? Како ги доживувате отсуствата од дома на подолг период?

- Не само за Велигден, туку и за останатите празници многу често сме отсутни од дома, бидејќи нашата професија е да го забавуваме народот, а посебно на празниците. И покрај огромната љубов кон професијата, најтешко ми беше кога за празникот не бев со децата и сопругот. 

 Кои се сеќвањата од детството поврзани со овој празник?

- Моето детство помина во Ваташа. Како дете на Велики четврток рано наутро пред изгрејсонце мајка ми ги бојадисуваше првите јајца.Тој ден беше обичај да се бањаме со едно црвено, едно бело јајце и здравец. Вечерта баба ни, мајката на татко ми, нѐ земаше сите внуци и нѐ носеше во црквата во Ваташа. Таму се протнувавме под маса. Овие адети ги практикував додека децата ми беа помали. Но, сега веќе тие пораснаа и имаат свое друштво и свои преокупации. 

 Дали сте вешти во кујната и кој ви е омилен специјалитет кој ќе се најде на празничната трпеаза?

- Многу добро се снаоѓам во кујна и знам да готвам сѐ што обожава моето семејство. За Велигден готвам јагнешко, иако мене не ми е омилено, но го обожава сопругот. А останатото го подготвувам по желба на моите деца.

Со сопругот ве врзува голема и љубов, во кој дел најмногу ве поддржува?

- Со сопругот Блаже сме од 1992 година. Седум години во врска, 24 години во брак, вкупно 31 година. И за сите овие години, тој е мојата најголема поддршка што се однесува на мојата професија. Во исто време е мој најголем обожавател и критичар. 

Како реагираа вашите деца во почетокот кога сфатија дека нивната мајка е ѕвезда и како се соочија со тоа?

- Мојата ќерка и мојот син од мали се навикнати на тоа дека нивната мајка е јавна личност, и за нив тоа не е ништо чудно, туку секојдневие. Но, од друга страна тие се многу совесни и не бараат да го искористат моето име за нивни привилегии на училиште или било каде.

Генот за пеење проработи во Вашата внука, Слободанка Танева, која ги направи првите чекори во музиката. Кои се советите кои ѝ ги дадовте? 

- Генот за пеење го наследија и моите деца, но тие не сакаат јавно да го прикажат својот талент. Затоа Слободанка имаше желба и храброст да се појави на сцената. Мојот совет до неа е кариерата да ја гради трпеливо и со квалитет. Постепено да чекори кон успесите и кога ќе ги постигне, да остане своја, пристојна и цврсто да стои на нозе. 

Кои се новините поврзани со кариерата? Што да очекуваме наредниов период од Кате?

- Извесно време настапувам сама, а работите се случуваат спонтано без планови. Нивната реализација зависи од општата состојба во државата.


Соња Алексоска Неделковска