Кажи си сѐ што ти лежи на душа!
Пред некое време, а после изминат период од (отприлика) 2-3 месеци, конечно се начекуваме со една другарка на телефон. Многу ги љубам оние пријателства во кои ја немаш обврската да се слушаш секој ден или да фаќаш кусур кој кому се јавил последниот пат. Ги имам одамна надминато тие мерења на повици, па дали ме избегнува некој или не, дали си има друго друштво. Најважно во другарството ми е да знам дека и за арно и за лошо си ги имам луѓето до мене и да знаат дека кога и да ми се јават ако се во зорт ќе бидам кај нив дење или ноќе, сеедно. Нејсе, мојава другарка која е одамна разведена со веќе возрасни деца и успешна кариера, беше во врска околу година дена. Човекот разведен, децата спастрени и кај двајцата, оти и неговите големи. Како да ви кажам, идеални услови за да можат да си го организираат заедничкото време онака како што им се сака. Беше среќна, за блиските луѓе имам интуиција кога се ок, а кога нешто им оди удолу. На овие години кога си во љубовна релација, стануваат важни работите кои во рана младост не ги ни мозгаме. Пеперутките ги заменуваме со муабет и почит, да сме како лепенки го заменуваме со имање осет кон туѓото (и сопственото) време и обврски. За страста е индивидуално, за мене е секако потребна и на 25 и на 55, ама не е кај сите исто. Да, знам дека илузијата ми е голема, ама се’ уште не сум спремна да се откажам од неа. Сепак, хемијата ми е важна не само на умствено, туку и на телесно поле.
Кога ја започнаа врската, знам дека првите зборови на другарка ми беа “мислам дека го најдов вистинскиот”. Тогаш имавме еден долг муабет за тоа што значи вистинскиот, оти сите ние се менуваме. Ако сега го најдам вистинскиот, тоа ќе биде по сегашниве критериуми кои се индивидуални, но кои можат да се сменат во зависност од тоа како и колку ќе се сменам јас низ времето. Убедена сум дека нема вистински маж или вистинска жена за било кој од нас. Но, верувам дека она “вистинското” меѓу двајца е дали ќе созреваат во ист правец и (релативно) на ист начин. Има парови кои на сета компатибилност која ја имале на почетокот, на крај се разделиле оти тргнале по различни патеки. Ги има па и оние кои колку и да им се чуди човек како се нашле, останале заедно оти со тек на време своите индивидуални патишта ги споиле во еден, заеднички. Е сега, ова не значи дека треба да бидеме како близначиња со партнерот па се’ да правиме заедно или да имаме скроз исти интереси, но основата би требало да е заснована на слични ставови. Интересно е колку малку зборуваме со партнерите уште на почетокот за работи кои се важни. Паметам дека повеќе ме интересирало какви филмови сака и што музика слуша, отколку да зборувам за тоа дали сака/м деца, што мисли или мислам за абортус, различната сексуална ориентација, религија, предрасуди или да обрнам внимание каков е при расправија. Ми се случило да не можам да се свестам колку погрдни работи ми биле кажани кога избила караница, оти ми било поважно дека многу ме сакал (на зборови).
Да си кажеш она што ти лежи на душа е најважно во било кој однос, љубовен, пријателски, роднински. Да знаеш дека можеш да си ги ставиш на астал сите мисли и ставови па и стравови, е бесценето. Обично глумиме лудило оти така сме биле научени од дома. “Не прашувај, ќе мисли дека си отповеќе љубопитна”. “Не зборувај ко навиена, ќе мисли дека дрдориш без врска”. “Не изнесувај мислење отворено, ќе го уплашиш”. “Не си ги кажувај очекувањата, ќе избега”. Зошто? Зошто се ставаме во ситуации да подголтнеме, премолчиме или одглумиме дека сме ок со нешто со кое не се согласуваме. Тој пусти страв дека ќе останеме сами ни ја расплака мамицата. Ете, мене ми беше страв дека ќе сум сама ако сум искрена и отворена, па си молчев (демек фина) и воала, сепак сум сама. Ако ме прашате дали се каам, ич. Е да, има моменти кога си велам оти можеби и можев да си поќутам во некои ситуации, ама па некако и не ми оди таа опција како соодветна на мојов табиет. Полошо ми било кога сум била со некој, а сум се чувствувала сама. Да легнеш до странец, а си со чоекот долго време. Да немаш муабет, ама важно фигурираш како особа во врска оти по наши непишани стандарди ако си сама тогаш не чиниш. Не е важно што можеби веќе и не се поднесувате, ама важно е дека на прослави и одмори имаш со кого да одиш. Па не, фала ама не. Можете и сами, ако одлучите дека сакате сами. Можете и со партнер, ако ви е убаво. Како и да е, да си правите така како што ќе бидете ок со сами себе, без оглед што мислат и велат другите, оти никој освен вас не оди во вашите чевли.
Да се вратам кај другарка ми. И пред да ми каже, по гласот ја познав дека е крај. Муабетот ни тече, таа ми кажува детали кои и не се за зборување во колумнава, но важно е дека имала одбрано да си преќутува на сите работи кои ја навредиле, постапки кои ја повредиле и зборови кои не знаела како да ги протолкува. Кога ја прашав зошто не му кажала или зошто не изреагирала некако, одговорот беше дека и’ било глупаво. Ја разбирам, затоа што и себе се вбројувам во жените на кои повеќе или помалку им било глупаво да кажат нешто или да се изборат за себе, затоа што не сакале непријатни ситуации. Она што не го разбирам (вклучувајќи се тука и себеси) е кога конечно ќе научиме оти молчењето или премолчувањето ни е непријател, особено кога нешто не’ повредува или навредува? Немам ниту време ниту нерви да гледам на гравчиња кој што мислел, ако нешто не ми е јасно си прашувам. А прашувам оти ако почнам да претпоставувам, “оде воз у кукуруз”. Како човек кој премногу анализира, знам дека полошо си правам (а и на соговорникот) ако толкувам, отколку да си го дозволам луксузот некој да мисли оти сум напорна со прашалниците. Претпоставките ми имаат земено премногу и време и здравје за да се замарам со нив. Истото го кажувам и на луѓето со кои комуницирам, ако нешто не им е јасно или имаат двојба што сум мислела со ова или она, да ме прашаат отворено. Па немаме два животи за да си играме криенка, башка немаме ниту стаклени топки за да видиме кому што му е во главата и каква му била мислата или намерата.
И додека уште бамбориме со другарка ми на телефон, ми вели “иииииииии, чекај...еве го на другата линија”. Затвораме слушалка (со изразиве сум уште во фаза на фиксен телефон) и после саат време ми стасува смс порака дека оди да се види со него, бидејќи побарал да разговараат. Само пишав “да си кажеш се’ што ти лежи на душа” и толку, знаев дека ако и’ требам ќе ме бара. Пред скоро две недели повторно се слушнавме и секако, по гласот ја познав дека работите се испеглале. Што бил проблемот? Накратко, чоекот не знаел на каде оди сето нивно гледање, оти никогаш ништо не кажувала, не изразувала желби ниту било какви очекувања. Ми се потврди тоа дека ако нема муабет кој ќе е искрен до коска, секој однос пропаѓа. Нејзиниот страв дека ќе го гуши бил протолкуван како незаинтересираност и индиферентност. Се смеевме дека сега е најтешкиот дел, да се излезе од калапот во кој била удобно сместена сите овие години и да си ја даде слободата која си ја ускратила сама на себе. Сепак, има приказни со среќен крај...или продолжение, како сакате наречете ја.
Од сето ова заклучив само една работа. Ако некому нешто значите, ќе ви го сака зборот и мислата, ќе сака да знае како се чувствувате, дали се согласувате со нешто или не. Човекот кој ќе мисли оти вашето изразување на мислење е досадно, напорно или бесмислено е човек кој ви ја сака формата а не суштината. Оној кој што ќе ве слуша и ќе ве праша што мислите, тој е ТОЈ. За возврат, не се правете слепи и глуви на она што има партнерот да ви каже, без оглед дали ви е во прилог или не. Среќни сте ако имате муабет, па макар тој муабет некојпат и да заврши со расправија (но без навреди). Ако некогаш се погоди да имам до себе особа која ќе ми е важна, ќе се потсетам себеси на колумнава, оти секогаш е полесно кога ги гледате работите отстрана. Ако заборавам, знам дека другарка ми ќе ме потсети оти ќе ја прочита и ќе ми ја плесне в лице тогаш кога ќе ми е најпотребно.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Јас пак и нејќам силна да сум
Ниту да ми е душава к’о бунар
Та фрлај сѐ внатре демек бери
Оти и бунарот крај има
Полни, полни и ќе прелие
Исто к’о и човечката душа
Та после си отишол човекот
Ама арен беше со здравјето
Што така наеднаш горнион го зел?!
Е не бил!
Само молчел и во себе збирал
Голтал и се давел во чемер
И се саклетисувал за ова и за она
Дур’ не му пукнало срцето
И болести не го навјасале
Нејќам
Еве јас да се прашувам
Сосем поинаква би била
Би пуштала солзи за секоја болка
Би ја исплакала секоја неправда
Море би се удавила во сопствениот плач
За сѐ што сум одмолчила
И за сѐ за што сум се насмевнала
А ми идело да врескам
И не
Повеќе не мислам оти е сила
Очите суви со децении да ти бидат
Дур’ еден ден не ти пресушат како езера во жега
И не
Не мислам оти да си ја чуваш болката е храброст
Оти човек треба да вика
Ама до небо да се слуша ко’ не му е арно
Да се изнавика и изнапцуе
И ништо во себе да не држи
Да плукне и на силата
Да плукне на божемното достоинство
Врескај!
Врескај колку гласот те држи
Дур’ не ти испопукаат гласните жици
Дур’ не засипнеш та со денови сетне збор да не
проговориш
Ама врескај ко’ мака ти е
Ко’ те боли душата
Ко’ ти крвави срцето небаре некој за вечера ти го прави
Та со ножот парче по парче откинува за да го зготви
на пара
Викај човек!
Викај толку силно што ќе се вџашат комшиите
И ич гајле да не береш
Тие и онака те озборуваат за нешто
Викај за да не ти се наталожи пелин во тебе
За да не из’рти во болест
Да не ти метастазира до умот
Да не биди сетне оти
„арен беше, ама ете така си отиде“
Оти најбрзо си одат тие кои молчат
И кои тагата во себе ја чуваат
Во срцето
Во душата
Во телото
Во тој музеј на тага