Кејт Мидлтон повторно е тука! Во Шкотска се појави во прво есенско издание (ФОТО)
Кејт Мидлтон повторно е видена во јавноста! Имено, принцезата од Велс и остатокот од семејството моментално престојуваат во Шкотска, а сите се фотографирани вчера кога пристигнале на неделната богослужба во црквата Крејти Кирк во близина на семејниот замок Балморал, каде што се сместени.
Кејт Мидлтон беше придружувана од сопругот и најстариот син Џорџ, а парот на службата пристигна со црн џип управуван од принцот Вилијам. Кралот Чарлс и кралицата Камила, како и војводата и војвотката од Единбург со нивниот син и Тим Лоренс, сопругот на принцезата Ана, биле забележани во други автомобили.
Кејт беше добро расположена, а според сите оценки се чувствува добро и полека закрепнува, со оглед на тоа што ова и е трето појавување во јавност од јуни наваму.
Прославената Британка веќе направи пресврт кон есенските модни изданија, бидејќи во Шкотска носеше нешто попригушени бои и подебели ткаенини. Принцезата носеше темно кафеава волнена капа со пердуви, како и беж капут со тартан дезен, со што ја почитуваше шкотската традиција. Изгледот го комплетираше со ефективни, висечки обетки.
Интересно е што минатата година во истата прилика ја носеше потполно истата модна комбинација, со тоа што сега ја имаше пуштено косата, додека тогаш носеше комплицирана, елегантна пунџа.
Ваквите капи, инспирирани од ловечкиот стил, често ги избира принцезата, а токму оваа е креација на брендот „Hicks & Brown“, неговата цена е 99 фунти и ја има во различни нијанси.
Од нивната венчавка во 2011 година, Кејт и Вилијам поминуваа неколку недели секое лето на нивниот имот во шкотските висорамнини, но многумина стравуваа дека оваа година ќе биде поинаку поради состојбата на принцезата. Меѓутоа, таа се чувствуваше доволно добро за да отпатува во Шкотска, нејзиното најдолго патување од нејзината дијагноза рак; до сега таа го поминуваше своето време патувајќи меѓу нивниот дом во Виндзор и нивната куќа во Норфолк.
Британските медиуми пренесуваат дека тоа е дополнителен показател дека состојбата на принцезата е подобра и дека таа „добро напредува“. Да потсетиме, таа во јуни и се обрати на јавноста со емотивна порака велејќи дека „има добри и лоши денови“ и дека нејзиното лекување ќе трае уште неколку месеци.
ФОТО: Илустација / ЕПА