Кирил Џајковски се враќа на музичката сцена со полна пареа
Македонскиот
музичар, композитор и продуцент Кирил Џајковски имаше целовечерен настап на
плоштадот во Шибеник за време на Новогодишната ноќ пред неколку илјади луѓе.
Тој досега има настапувано многупати низ Хрватска и секогаш реакциите на
хрватската публика се без исклучок одлични. Но ова беше прв негов настап во
Шибеник, од каде се врати во Скопје преполн со позитивни впечатоци.
„Задоволство ми беше овојпат да ја дочекам Новата Година за првпат во Шибеник, со одлично расположена публика која со многу позитивен и славенички набој направи да се создаде искрена и прекрасна атмосфера“ , вели Џајковски.
На него се надоврза и реге артистот Дејвид Лајон кој настапи заедно со концертниот бенд на Кирил и по тој повод изјави:
„Фантастично искуство! Ова беше мое прво гостување во Хрватска и наедно прва посета на земјата. Уживав во секој поминат момент. Настапувавме на прекрасна локација, публиката беше толку пријателски наклонета и како резултат на тоа се создаде совршена интеракција меѓу нас на сцената и публиката за време на настапот“
Наедно, по едногодишна пауза Кирил повторно се враќа на сцената со свежа музичка понуда. Неодамна беше промовиран и неговиот најнов сингл „Reminder“ за кој е изработен и одличен видео запис. Песната „Римајндер“ е прва соработка на нашиот композитор со познатиот реге артист, вокалистот Дејвид Лајон и претставува храбра фузија на Балкан Бит, звукот на glitch-hop и реге влијанијата.
Како што најавува Кирил колаборацијата со Лајон е само почеток, а ова издание под етикетата на „Филтер Лејбл“ е само прво од низата синглови што ќе бидат допрва објавени во претстојниот период. Вокалистот Дејвид Лајон е веќе дел од концертниот бенд на Кирил и заедно најавуваат засилени концертни активности.
„Отсекогаш сум ја сакал комбинацијата на реге/даб влијанија и електронската музика, што е и очигледно од моите претходни соработки со Рас Твид (Крудер и Дорфмајстер) и Гето Прист (Ејжан Даб Фаундејшн). Дејвид исто доаѓа од реге сцената, признат кантавтор кој редовно настапува со свој пратечки бенд на европските музички фестивали. Една од неговите главни одлики е што над се е одличен пејач, но и многу добар рапер, комбинација која перфектно одговара за моите концертни настапи и идеално се вклопи во авторската соработка на мојот нов музички материјал. Неговиот вокален стил се движи меѓу мелодичниот реге и поинтезивниот рага/денсхол израз. Видеото за синглот го изработи една млада и талентирана продукциска фирма НУЛА ТВ од Софија, Бугарија. Целокупната продукција се реализираше на еден од филмските сетови во Софија и целата екипа на чело со режисерот Деметриј Василев со многу ентузијазам и целосна посветеност сними еден атрактивен и амбициозен видео спот со импресивна фотографија зад која стои еден извонреден македонски директор на фотографија Ненад Бороевиќ“ , вели Џајковски.
Кирил заедно со Дејвид веќе работат на новиот материјал кој ќе биде презентиран годинава, а вокалистот ќе настапува заедно со нашата ѕвезда и на неговата претстојна летна турнеја. Нивниот заеднички настап во Шибеник беше меѓудругото и прва концертна промоција на новиот сингл и видеото, кој излезе пред Новата Година и е прв во низата кои ќе следат во следниот период.