Ќе се поставуваат лизгалишта низ цела Македонија
Агенцијата за млади и спорт по налог на Владата ќе треба да изменаџира монтирање на пет привремени лизгалишта, најверојатно во неколку македонски градови, во текот на зимскиот период. Ова беше одлучено на последната владина седница.
Станува збор за информација за набавка, користење и одржување монтажни лизгалишта во Република Македонија.
Одлуката ја потсети критичната јавност на свечените и масовни отворања на тениски игралишта на претходната власт и премиерот Никола Груевски, со тоа што такви имаше дури и во руралните средини.
„Агенцијата за млади и спорт е задолжена да обезбеди 5 монтажни лизгалишта и во согласност со Законот за јавните набавки да спроведе постапка за јавна набавка, како и да подготви интерен акт во врска со условите, користење и одржување на монтажните лизгалишта од страна на корисниците“, соопшти владината прес-служба.
Во моментов во Македонија има само едно расположливо постојано лизгалиште, она во рамките на СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.