Ќотекот, рајот и пеколот!
Го гледав видеото кое се споделуваше по социјалните мрежи деновиве, а кое крена многу прашина, лавина коментари и спротивставени ставови. Веќе знаете дека зборувам за видеото од 80-тите години на минатиот век, а во кое ќотекот беше ставен на рангот на “нешто сосем секојдневно, па дури и пожелно при воспитување деца”. Секако дека едни беа ЗА, други беа ПРОТИВ. Секако дека имаше и еден куп препукувања кои одеа од тоа дека нетепаните биле размазени (демек распрдени) до тоа дека тепаните биле исфрустрирани (што подоцна им се одразило со продолжување на традицијата наречена ќотек). Малку ми беше стегнат желудникот кога ги гледав децата како раскажуваат за тепање со каиш, дрвена лажица, стап. Уште повеќе ми се стегна утробава кога слушав како некои од нив дури и беа со врежана животна филозофија дека ќотекот е за нивно добро...кое понатаму ќе е за доброто на нивните деца, освен ако човек не е доволно силен за да излезе од калапот во кој сите сме сместени, вака или онака.
Мене лично ако ме прашате, сум била натепана од моите еднаш во животот (по задникот) кога им се скрив како мала додека кречевме дома. Знаете каков хаос е кога се кречи, нели? Не знаеш ниту една работа кај ти е, а врз трпезариската маса мајка ми имаше наредено едно чудо дрангулии (ниту мене, ниту нејзе ни текнува што) и озгора покриено со огромен чаршав кој се влечеше дури и по земја. Па, мене тоа ми се виде прилично интересно место за криење и не само криење туку и мистериозно таење од сите. Нејсе, паника настанува кога почнуваат да ме бараат (дури и мајсторите кои кречат), па избезумено дерење по мене низ ходниците на зградата, гледање преку џам (да не сум се испентарила на радијатор и оттаму преку прозор), алармирање сите комшии....додека не ми се слушнало кикотењето од под маса. Да, го јадев по газ и од мајка ми и од татко ми, оти и двајцата беа пред викање брза помош од што ќе ги здрвеше срце. И толку. Никогаш, ама никогаш потоа не било рака кренато на мене, иако имало ситуации кога сум си го барала со боринче со мојата пубертетска дрскост.
Дали згрешиле што не ме тепале, тие си знаат. Дали сум била размазена (распрдена) оти ем едно дете, ем нетепана? Не, не сум била. Никогаш не сум барала преку леб погача, сум знаела каде ми е границата. Сето тоа без ќотек, замислете! Сум го почитувала секое живо суштество, без оглед дали било човек или животно/инсект (фаќам со салфетка и фрлам низ џам, не убивам). И тоа било така затоа што имале доволно време, трпение и љубов за да ме воспитаат, да ме избрусат во она што сум денес. Би било безвезе автоматскисега да извадам заклучок дека родителите кои кревале рака на своите деца не ги сакале воопшто или не ги сакале онолку колку оние кои не ги потчукнувале децата. Не давам ниту оправданија, ниту бранам некого. Факт е дека сите ние растеме во различни средини и во различни услови. Некои не знаат поинаку, некои не сакаат поинаку, некои не се доволно моќни за поинаку. Некогаш, не мора да се крене рака врз детето за да биде унаказено за цел живот со зборување колку е лошо, колку не вреди, колку нема да успее во животот. Некогаш децата се запоставени затоа што родителите им се водат од помислата дека “не сум дома никогаш, за да заработам доволно за да има лагоден живот”, притоа заборавајќи дека стануваат странци за своите потомци и автоматски немаат повеќе авторитет кај нив. Некогаш, фрустацијата дека не можат да им обезбедат на децата она што сакаат (а овие бараат и се лутат оти немаат) прави тензија која резултира со физичка пресметка.
Децата кои ги гледав на видеото беа отприлика моја генерација, плус минус година, две, три. Не можам а да не помислам како тие ги израснале своите деца и внуци. Не можам а да не се надевам дека успеале да разграничат воспитување и строгост од ќотек. Со ќотек се воспоставува авторитет кој е лажен и заснован на страв. Со објаснување и давање пример со своето однесување, се воспоставува авторитет кој е здрав и кој има друг темел. Никогаш не сум сакала Нина да се плаши од мене, а знам дека се плаши кога ќе ја погледнам со оној поглед кој вели “го претера”. Не е тепана, сум зборувала дур устата пена не ми фатила, скроз е мамина маза но не е размазена. И да, детето ми е емпатично и културно затоа што ѓаволски сум се трудела да бидам присутна во нејзиниот живот. И пред да изустите дека ми се можело така, да ви кажам дека работам 3 работи и дека некогаш сум седела до доцна по полноќ за да завршам се’...ама сум била до неа кога била будна и сме разговарале. И немојте да мислите дека сум светица или дека секогаш било се’ совршено. Има моменти кога ми идело (а и сега некогаш) така да и’ ја врзам една, да се опамети за некои работи. Има моменти кога сум преморена и нервозна, кога климаксот ми е уклучен на максимум и кога нејзе баш во тој момент ќе ја фатат пубертетските будалаштини. И колку и да сум на работ да пукнам по шавови, знам дека само еден шамар ќе е пресвртница во нашиот однос.
“Ќотекот е излезен од рајот” ми е еквивалент на “Јас те родив, јас ќе те убијам”. Деца раѓаме оти ние сакаме и мислиме дека сме спремни да им овозможиме убав живот. Деца не се раѓаат за да не’ чуваат на старост, ниту со помислата дека се наша приватна сопственост. Секое дете е Универзум, со своја мисла, цел, пат и судбина. Да се крши карактерот на детето е опасна работа, исто колку што е опасно да се остави без надгледување како расте и се развива. Мудроста е во балансирањето, како и за се’ во животот. Разликата меѓу тоа СЕ’ и воспитувањето дете е дека децата се наш производ. И кога се арни и кога се лоши. Да се иземеме себеси од одговорноста е нефер кон нив, особено затоа што сме возрасни и знаеме кои се последиците. Ќерка ми нема се’ што ќе посака дури и кога се работи за нешта кои можам да и’ ги приуштам, доколку проценам оти нема потреба од нив. Некогаш ќе се налути, ама ич не ме тангира нејзината лутина. Настојувам реално да и’ покажам дека “се’ што лета не се јаде”.
Ќотекот не е од рајот, иако рајот по дифолт не е онаму каде што нема ќотек. Но, пеколот е секогаш таму каде што од децата ќе сториме уплашени души или бесчувствителни карпи. Пеколот е онаму каде што ќе удриме детски образ или каде што ќе спуштиме клучеви од скап автомобил и кеш во рака на дете како компензација за нашето време и внимание. Пеколот е онаму каде што децата ќе се чувствуваат несакани, сеедно дали ќе е тоа оти сте ги удриле или сте им создале чувство дека не сте тука за нив, па макар им го дариле светот на дланка.
Ќотекот или било кое насилство раѓа насилство и прикриен бес кој кога-тогаш ќе излезе на виделина. Јас сум мајка која некогаш прави точно онака како што треба, некогаш ќе згреши во нешто ама ќе изреагира со време, но и која некогаш апла ќе утне нешто. Не сум совршена, не сум семоќна, не сум секогаш во право. Но, наспроти сите мои слабости и мани, знам дека никогаш нема да дозволам ќерка ми да мисли оти не сум тука за неа...дури и тогаш кога не можам да сум тука за себе.
Ќотекот не е излезен од рајот...и патот кон пеколот е поплочен со добри намери. Само мудрост и баланс, само љубов и кроткост, само трпение и разговор. Толку треба.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не кревај рака
Никому и никогаш рака да не креваш
Освен ак осакаш да погалиш
Да тргнеш перче коса од нечие лице
Или трепка за талка на помек образ
Да избришеш солза со милост
И да стисниш дланка за без збор
Да кажиш дека тука си
Не кревај рака
Никому рака да не крениш
За да оставиш печат црвен од бол и срам
И страв да внесиш во нечии oчи
Оти никој на овој свет дојден не е
За тепан да биди со збор или рака
Да му биди душата навредена
И телото повредено
Та да си носи модро однатре и однадвор
И никој пат да не можи да се залечи
Оти исто боли кога душата завива
И телото кога се згрчува
Исто боли кога чоек пресечен од збор ќе е
Или кога удар врз него ќе падни
Не кревај рака
На ниту едно живо суштество
Лошо не прави
Оти гревот од нечиј згаснат насмев
Ќе ти се залепи за сенката
Та ко карма со себе тој грев ќе си го носиш
И на поколенија ќе го оставиш
Рака не кревај, немој
Та дал е животинче
Дал е дете, жена ил маж
Сеедно е, оти душа е
Оти секој кој роден бил
И вдишал на овој свет
Е тука за биде љубен и чуван
И никој право нема
Воздухот да му го земи
Ниту глата наведната да му ја држи
Ниту право има
Од неговата несреќа да се храни
И од болката да сепои
Оти нема маж кој маж ќе остани
Ако рака на жена и дете крени
И нема жена која жена за почит ќе биди
Ако рака на маж и дете крени
И нема дете
Од кое арен чоек нема да стани
Ако од двете страни столбови има
Кои никој пат рака еден на друг не кренале
И кои зборот го мерат
И кротки во погледот се
Нема дете кое не ќе заучи
Пред милост да се поклони
И пред туѓ живот на колена да падни
Ако е учено и заучено рака да крени
Само тогаш кога ќе гали
Кога некому ќе помогни да стани
И со двете раце љубов да дари