КЛАСИКА-ТЕХНО ПРОСЛАВА НА ИЛИНДЕН: Возбудлив концерт на Џијан Емин и Хуан Аткинс во Охрид

Добивај вести на Viber

Техно музичар од Детроид, мултиталентиран диригент и музичар од Скопје, Македонската Филхармонија и уникатниот амбиент на Античкиот театар во Охрид. Овој ретко убав состав го направија музиката на американецот Хуан Аткинс, аранжманите на нашиот Џијан Емин и оркестарот кој ги отсвире на концертот во Охрид.

Она што во светот на електронската музика Аткинс го создавал во текот на изминативе 30 години, вечерва звучеше сосема поинаку со оркестрацијата на Џијан Емин: богато, возбудливо, на моменти романтично, филмски но и драматично. Возбудата ја донесоа ударните инструменти, а романтиката целиот орекстар, а шаренилото и самиот диригент Џијан, кој изведе негови соло импровизации на клавијатури. Музиката на Аткинс веќе не беше само техно, Емин ја зачини и со малку џез и класика. Во тоа му помогнаа и двата фантастични женски вокали.

На прес конференцијата пред концертот која се одржа во Скопје, Хуан Аткинс изјави дека му дошле солзи на очи кога слушнал како неговата музика звучи со нашиот оркестар. Во Антички имаше и други кои слично реагираа. На крајот, публиката си замина среќна и исполнета. Концертот беше одлична идеа со музички спој на историјата и на иднината да се прослави Илинден. Го организираше „Илет мјузик“. Забавата продолжи пред хотелот „Парк“ со диџеј сет на Џеф Милс.

М.Џаровска