Кое годиште си? Ниту баба ниту девојка!
“Изгледаш добро за свои години”!
На прагот на моите 46, уште не ми е јасно ова. Кои се тие стереотипи за тоа како треба да изгледа жена на свои 20, 40 или 60 или како треба да се облекува. Како да е тоа одредено според некој каталог. Еве вака треба да изгледа жена на 20...или на 60. И сфаќам дека сме преполни со предрасуди, кои сами си ги негуваме и потхрануваме. Колку пати сте го слушнале она “абе фино фустанчево и убаво ти стои, ама не ти личи на годините”! Побогу, па јас го носам фустанот, а не моите години.
Еве ме, утре полнам 46. Староста никогаш не ме плашела, ниту пак смртта. Ме плашела немоќта од секој аспект, физички, емотивен, финансиски. Да си зависен од другите ми е најголемиот кошмар. Баба ми покојна велеше дека човек треба да живее додека го служи умот и телото. Се’ отпосле е само мачење. И не можам никого да лажам, а особено не себе, дека исто е и на 20 и на 46. Не е! И кога ќе застанам пред огледало, како и секоја жена си наоѓам некоја нова брчка (за која можам да се заколнам дека вчера не беше таму!), гледам дека косата побрзо ми белее, целулитот ми е за машала, а и “свадбарките” не ми се за потценување.
Носам она во што се чувствувам удобно и своја, не давам пет пари како ме доживуваат другите. Ете тоа ми е најголемата придобивка од годините. Станав растеретена од туѓото мислење. Немам ниту потреба, ниту желба да импресионирам некого, да се мачам на високи потпетици за да офкам после 3 дена, а ниту да оставам впечаток. Е сега, за да не излезе ова моево ко басната за лисицата и грозјето, не можам да го избегнам фактот дека младоста си има своја убавина. Млада и свежа кожа, па лумпување цела ноќ, а утредента како ништо да не било. Сега ми се чини дека ако не си легнам на време и да се отспијам, подочњаците ќе си ги носам во ташната.
И не ме мачат годините како бројка, туку психолошкиот момент кој општеството го наметнува. Онаа трка со времето (однапред изгубена) дека жената МОРА да изгледа помлада од она колку навистина има години. Ние жените се натпреваруваме со другите жени! Таа е помлада, види какви нозе има, градите и’ пркосат на гравитацијата. Станавме робови на својот страв од стареење. Не дека сум имуна на тоа, признавам дека една од моите фрустрации е вратот со вишок кожа и дека затоа носам марами. И не, нема никогаш на лето да ме видите во мини сукња или како чекорам на високи потпетици (кое отстрана гледано, изгледа и многу смешно).
Младост VS Зрело доба...
Искрена да бидам, не би се вратила во дваесеттите или триесеттите. Конфузно ми изгледа тој период од секој аспект. Арно рекле старите “годините да ти ги имам, ама умот не”. А бидејќи е тоа невозможно, ќе се држам до овие 46 што ги имам, среќна дека сум имала привилегија и можност да ги доживеам. Родендените си ги славам со торта (без свеќички, оти со годините ќе треба тортата да биде огромна!), со луѓе кои ми се мои, без да жалам за младоста.
Од каде тогаш онаа фрустрација кај жените на моја возраст?!
Од каде толкаво потценување?
На тв каналите гледаме преубави млади лица, насловните страници од часописите се со фотошопирани жени кои не наликуваат на себе, реклами за подигнување очни капаци (ова ми било отсекогаш смешно), полни усни, ботокс, корекција на гради, па дури и на вагините!
Ова ме потсеќа на оној филм со Мерил Стрип и Голди Хоун и волшебниот напиток за вечна младост. Ви текнува како завршува?
Зошто мажите не се опседнати како нас?! Јас барем не сум слушнала за маж (не зборувам за славните фаци) кои ставаат ноќен и дневен крем со витамини, со ваква или онаква киселина внатре, крем од полжави и змиски отрови, посебен коректор кој “магично” ги брише подочњаците...креми од дрндрн за целулит.
Затоа што ние ги научивме така! Затоа што стана толку нормално дека тие имаат стомаци и подбрадок, дека е тоа дел од нив кој ние го сакаме, оти го сакаме човекот! Сами си направивме да се потресуваме кога еден просечен маж со стомак ни каже со доза на гадливост “малку целулитчево да си го средиш” или да се подбива со нашите гради кои после 1, 2 или 3 деца не се испрчени нагоре!
И време е за СТОП! Со големи и задебелени букви. СТОП!
СТОП за тагата по младоста, за телата кои не се како што биле пред 20 и кусур години, СТОП за нашите смешни обиди да сме она што не сме! Повеќе сакам да ме наречат убав човек, отколку убава жена. Повеќе сакам да ми блескаат очите од среќа и љубов, отколку да ми е задникот кренат до грбот.
Оној кој што ве сака, ќе ве сака и такви несовршени. Затоа што срцата не стареат, ниту духот.
И да се разбереме. Секогаш ќе има помлади и поубави, позгодни жени. Конкуренцијата е во нашите глави. Нема ништо поубаво од реализирана жена која знае што сака (а уште повеќе што не сака), која е самоуверена и своја, која чекори како да може да го покори светот. Нема посекси жена од онаа која се сака себе и која таа љубов ја негува со годините што доаѓаат. Нема попривлечна жена од онаа која се чувствува удобно во својата кожа и која знае како да си го организира времето и животот.
Бидете свои, бидете жени кои нема да стравуваат од годините што идат, кои ќе уживаат во сексот без да се оптеретени дека во оваа или онаа поза им виснала кожата! Сакајте се себе и своето тело и на секој роденден кажете си во себе “му благодарам на Универзумот за уште една година на оваа планета”. Останете млади во срцата.
А јас, овој роденден ќе си ја ставам и годината на раѓање да биде видлива на Фејсбук. И да се знае, не сум баба, ниту девојка. Јас сум Ана!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска