Кога ќе пораснам сакам да сум слободна

Добивај вести на Viber

Деновиве многу размислувам за тоа каде и како живееме, со која брзина, а најмногу за тоа со каков квалитет го тераме она што ни е дадено од Универзумот или Бог (не ви се мешам во религиозните убедувања). Се преиспитувам себе за многу работи, особено дека веќе имам дете-тинејџер, па се обидувам да сум во дослух со моите верувања и убедувања, а сепак тоа да биде во склад со она што ќерка ми може да го прифати и како своја вистина. Уште од нејзиното раѓање, одлучив (со поддршка од татко и’) дека нема да ја спречувам во создавање своја слика за светот и одлуки кои треба сама да ги донесе.

Бев и сум неконвенционална мајка. Дали е тоа добро или лошо не знам, времето ќе покаже. Не почитував никакви правила од типот “не го вади детето надвор 40 дена”. Со оглед на тоа што се породив на 6-ти Август, немав ама баш никаква намера да го затворам сред лето детето дома, заради обичаи. Велам обичаи, бидејќи родив дете кое немаше некакви здравствени проблеми кои би налагале да бидеме изолирани 40 дена. Шетајќи ја во количка некаде при крај на Август, бев прописно искарана од една баба која ја доведе во прашање мојата способност за расудување оти детето имало едвај 20-тина дена. Што е најинтересно, ќерка ми се роди со полни 4 килограми и изгледаше прилично големка, така што и бабата мислеше дена има сигурно 2-3 месеци. Второто нешто со што се соочив беше моментот на доење, кое според мене е благодет и за детето (најмногу), а потоа и за мајката. Имав другарки кои не можеа да дојат и знам со какви процедури се соочуваа за едно шише млеко. Уште сум со идејата дека нема ништо сексуално ниту провокативно во сликата што ја остава жена која си го дои детето. Повеќе се сомневам во чистината на умовите на оние кои тоа така го перцепираат. Да скратам, доев на секое отварање уста. Во автомобил, во кафич, на клупа, ама баш секаде. И не се оптеретував со тоа дали некој ме гледа. Впрочем, мене уште многу одамна не ме интересира кој што мисли за мене.

Впрочем, ниту јас имам проблем со нечии ставови и однесување, доколку тоа не загрозува други луѓе.

Колку пати ви се има случено да направите нешто само затоа што тоа го налагаат нормите кои се поставени од нас луѓето? Еве, ќерка ми нема дупнати уши, затоа што не сакам да и’ го сквернавам телото, доколку сама не одлучи дека сака обетки. Не е ниту крстена, затоа што мислам дека е премногу мала за да се занимаваме со религија.

Колку пати ви се има случено да не направите нешто што сакате токму заради истите тие норми и убедувања на другите како вие треба да си го терате животот?

Кога со мојот бивш сопруг одлучивме да се разведеме, најмногу ми беше шубе како тоа ќе го прими баба ми (онаа која често ја спомнувам). Задачата за да и’ се каже и’ падна на мајка ми. Пустата се препоти додека не го изусти тоа. А баба ми, од другата страна на слушалката само и’ кажа “ами арно де, ако не се среќни заедно поарно да се разведат. Туку, не се потресувајте вие толку, ќе го вознемирите чупчето”.

Низ животот се борев за да бидам слободна. Во себе, пред се’. Тоа ме чинеше многу, од аспект на отфрлување, страдање, потсмев, па дури и коментари од типот “остај ја, не е токму”. За кого и за што живееме во рамки кои не’ убиваат систематски? За комшијата од први спрат? За оние кои никогаш не ни кажале во живо “здраво” и со кои си лајкаме само на Фејсбук? За луѓето кои никогаш не собрале храброст да зачистат пред својата врата, ама знаат што јадете за ручек секој ден?

Одбивам да живеам така!

Одбивам да сум нешто што не сум. Не сум така ниту создадена, ниту пак сакам да ја виткам кичмата до пукање. Е, кога ќе одлучите да живеете по свое, тука почнуваат проблемите. И тоа само затоа што другите немаат храброст за тоа.

Кога ќе одлучите да се разведете затоа што не ви е повеќе убаво заедно, тогаш станувате потенцијална опасност за останатите жени (од аспект дека нивните мажи ќе бидат можеби вашиот таргет), а и за мажите на вашите пријателки (оти којзнае со што ќе им ги наполните главите на нивните жени!).

Кога ќе одлучите да имате дете без да имате маж (аууууу, страшно), тогаш станувате жена која е со сомнителен морал и која сигурно има некоја фалинка (која секако е поголема од фалинката која ја имаат жените кои дозволуваат да имаат мажи-пијаници, чии раце некогаш неконтролирано завршуваат на нивните образи).

Полни сме предрасуди за се’ што ни е подалеку од носот. Такви сме, оти имаме и премногу време да се занимаваме со туѓите животи. Додека го пишувам ова, побарав дозвола од Миа Костова за да ја спомнам. И нормално, ја добив. Затоа што човек кој одлучува да живее според своите правила, нема зошто да се крие. Една од работите за кои се говореше многу пред извесно време беа нејзините усни и гради и нејзината отворена поддршка на ботоксот и силиконите. Да се разбереме, јас сум коркач. Не легнувам под нож додека (скраја да е) не е дојдено до тоа. Ама која сум јас да коментирам или да осудувам нечија одлука?

Да, стави жената гради (кои патем речено, одлично и’ стојат), стави и ботокс и отворено зборуваше за тоа. Сум имала пријателки кои од страв од околината и осудување, цел живот биле незадоволни од својот изглед и тоа им се одразило на самодовербата. Им се одразило и на кариерата и на нивната женственост, затоа што недостатокот на верба во себе ги направило затворени и незадоволни. Не пропагирам пластична хирургија. Имам крив нос, мали гради и целулит. Научена сум да живеам ваква и среќна сум. Но, потполно поддржувам возрасни личности кои свесно и знаејќи ги сите ризици кои ги носи дури и самата анестезија, се одлучуваат на таков чекор. Сум против тоа да се прави во години кога телото уште се менува и кога младите девојки ризиците ги земаат здраво за готово. Возрасните луѓе имаат потполно право да се одлучат на чекор што ќе ги направи среќни и задоволни со себе.

Олабавете се и олабавете ги другите. Прифатете ги разликите кои ги имаме и не делете ум, ниту совети кои пред се’ не сте способни сами на себе да си ги дадете. Живејте онака како што сакате. Овој живот не е демо верзија која само ќе ја пробате за да видите колку ќе успее. Сакате да имате деца кои ќе бидат среќни и задоволни? Бидете им пример!

И запамтете...вие одлучувате за себе. Вие и никој друг. Ако она што го правите не нанесува директна штета некому, не дозволувајте предрасудите и малограѓанштината да ве поколебаат во одлуките кои ги носите.

Бидете им пример на вашите поколенија кои кога ќе бидат прашани што сакаат да бидат кога ќе пораснат, јасно и гласно ќе кажат СЛОБОДНИ.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да си гледаш чергата чупе
И под неа ѓубре да не збираш
Метла купи си
Од оние старите
Со долга дрвена дршка
И ако те бива ем ќе зачистиш
Ем ќе си се кикотиш на своја сметка
Оти и да леташ на неа можиш
Остај ги модерниве машини
Демек смукале прашина ко душа да смукаат
Та ги гледам по телевизиине
Како за пет минути се’ можело да светни
Ти метла да си земиш!
И по дома со неа да чистиш
И во себе некојпат
Околу себе ко ќе треба 
Оти ѓубре и во тебе и околу тебе се збира
Ете така да си знајш
Чоек ко си чисти редовно в куќа и пред порта
Нема време со туѓото ѓубре да си ги валка рацете
Не биди љубопитна да ѕирниш кај комшиите
Или не дај Боже кај нив да сакаш да заметиш
Ете зато во секој дом мора метла да има
Оти секој знај ум да дава секому
Та вака требало да се кажи
Та онака требало да се напрај
А да ги потпрашаш
Никој кај себе не си чисти ко шо треба
Ќе изнапикаат се’ и сешто под ќилими
Ќошојте полни лоши мисли
Во плакарите сеништа од минатото
Ама сите паметни кај другите како треба
Не туку ме гледај така и ум бери
Метлата в раце
Шо почесто, то поубо за тебе
Мрза да не бидиш
И да видиш како ќе засветиш
И ти 
А и куќата ќе си ја спастриш
Она шо мака на срцето ти прај
И на градите ми ти тежи
Со метла да го подбериш
И одма в канта да го фрлиш
И не туку се пули во туѓото ѓубре
Ниту таму работа имаш
Ниту да даваш твоето друг да го чисти
Засукај ракајте
Спастри косата и почни
Првото чистење е најтешко
И најдолго трае
Ама па ако си мудра
Секое следно полесно и пократко ќе е
И на душичето леко ќе ми ти стани
Туку вие младите неќите така
Вие сакате се’ ко мачката со опашката да прајте
Вклучи струјата и ајт
Набрзина се’ ќе се зачистело
А ништо на овој век шо е брзо не е арно
Зато и животот така ви минва
Брзај ваму
Да стасаш онаму
Ко муви без глај трчате
Да не се знаело како метла в раце се држи
Демек модерни а ваму несреќни
Чергите да си ги гледате
И нозете да ги пружите толку
Колку што чергите долги ви се
Ни појќе ни помалку
Без да аздисувате метлите в раце да ги фатите
И душите да си ги заметите
Ако сакате со лезет и убост живот да врвите