Кога молчењето престанува да е злато
Бев воспитувана да молчам тогаш кога немам некому нешто убаво да кажам, а се фаќам себе дека така ја воспитувам и ќерка ми. Никогаш не ми биле јасни и не сум ги разбирала оние кои не само што имаат мислење за сè, туку и го кажуваат без око да им трепне дали ќе навредат некого или не. Никогаш не сум си дозволила да коментирам нечиј изглед, статус, облека, стил, избор на партнер или професија. Никогаш не сум имала потреба да кажам некому дека не ми се допаѓа каква му е фризурата, шминката, дали ова парче облека поарно би се искомбинирало со нешто друго или дека воопшто не би го купила истото. Верувам дека секој од нас пред да излезе од дома фрла во огледалото еден опул и дека штом одлучува да ја заклучи зад себе вратата од домот со тој фустан/костим/ панталони и таа фризура/шминка (не само присуство, туку и отсуство на истата) знае што прави и дека моите коментари се излишни, но и би биле и одраз на мојот простотилак и непристојност.
Бев воспитувана да не се мешам онаму каде што не ми е место и да не се вовлекувам во туѓите животи за да делам ум и совети, освен ако тоа не се побара од мене а и тогаш го правам по лична проценка колку е умно и ако веќе нешто имам да кажам како ќе го сторам тоа. Мислам дека мудроста на “живеј и остави ги другите да живеат” е најубавата, но и најтешката лекција која човек може да ја научи низ животот. Да се тера својот филм и да не се оптеретуваме со тоа како живеат другите (оти реално тоа и не е наша работа) е не само умешност, туку и најголемата слобода што може да се достигне.
Не се мешај, не се мешам. Остави ме да си го терам филмот и терај си го својот. Мој живот, моја работа и твој живот, твоја работа. Ова се хајлајтите на моите односи со луѓето и не отстапувам од нив по ниту една цена.
Зошто велам дека е ова умешност и дека е тешко за достигнување? Затоа што сите знаете каде живееме и дека на овие наши простори е просто невозможно секој да нема мислење за сè, особено за тоа што не е негова работа. Дали сме такви затоа што сме и самите несреќни со она што го живееме или сме само злобнички, не знам и не е ниту важно. Важно е дека човек мора да има внатрешен механизам и кочница кога ќе му падне на памет да се меша онаму каде што не му е местото. Има голема вистина во тоа дека прво треба да се преиспитаме што сакаме или не сакаме нам да ни се прави и истото да го примениме и вон себе. “Не го прави она што не сакаш тебе да ти го прават” не е само муабет или правење паметен, туку е навистина нешто за што треба секој од нас да се подзамисли.
И бидејќи сме сите различни, не сите успеваат да се издигнат над своите потреби да коментираат секогаш за другите. Грешката во моето воспитување беше дека молчењето и повлекувањето продолжија и онаму каде што не требаше, односно онаму каде што беше неопходно да отворам уста и да кажам АМАН, ДОСТА!
Јас си премолчував од пусти страв од конфликти или од тоа дека ќе повредам чувства на оној кој мене ме навредува (знам дека сум шутрак и без да ми се каже). Живеев во илузија дека сепак еден ден ќе им текне на луѓето кои не си ја гледаат својата работа (која патем речено и не им е да ми уринираат врз животот) дека не го заслужувам тоа, или барем да им текне дека можеби се чувствувам лошо заради нивната природна потреба да бидат паметни околу мојот живот и моите избори, сеедно за што се однесувале. Илузијата дека секој треба да работи на себе и да се подобрува, ме чинеше што солзи што нерви, додека не сфатив оти ако не престанам со молчењето, ќе почне да ме чини и здравје. И така почнав да враќам.
Не, не е премолчувањето злато, не е ниту здраво, а ниту пак ќе ви е полесно ако изигнорирате нешто а после го преживувате по 100 пати и цената која ја плаќате за вашата кроткост е несоница, висок притисок и фрустрација. Таквото премолчување е токсично и нема да ви донесе спокој, особено ако сте направени од оној материјал кој е кршлив и не знаете на туѓата особина-ѓон табиет само да се насмеете и ја изигнорирате, односно во моментот да ја заборавите. Молчењето кое не само што нема да ви донесе ништо добро, туку и ќе го осили оној карши вас да продолжи да јаде фекалии, е деструктивно и ичне е одраз на мудрост. Некогаш треба со остар тон и малку поинаков речник да им се стави на знаење на одредени личности каде им е местото и до каде е границата до која смеат да одат. Особено, треба да им се нацрта дека само еден чекор после таа граница е веќе провокација и дека ќе си го добијат заслуженото. Да, знам дека ако сте си премолчувале секогаш, првиот пат кога нема да го сторите тоа ќе ги шокирате сите околу вас и дека ќе бидат искрено навредени што сте станале како нив (иако ова вашево ќе е само одбранбен механизам). Знам дека тогаш ќе бидете вие оние кои се лоши и кои се смениле, бидејќи дотогаш само сте си молчече и сте се смешкале додека сте си го јаделе џигерот.
Знам, бидејќи сум била таму. Знам каква беше реакцијата на мојот дамнешен партнер (да знаете дека кога пишувам за партнер, мислам на човекот со кого бев после разводот и дека за бившиот ми сопруг немам никакви пикантерии, оти нашиот однос отсекогаш бил и ќе биде крајно коректен и пријателски) ми замери за целулитот, па го испердашив со тоа дека задникот му е виснат (се мразев себе извесно време заради ова, ама решив дека нема никому веќе да дозволам да ме омаловажува и навредува од ќеф), па господинот не ми зборуваше со месеци. Знам каква беше реакцијата на мојата пријателка пред многу години кога конечно успеав да ја соочам со тоа дека за да се чувствува добро во своја кожа, секогаш истакнуваше како некој мој бивш дечко и’ се пуштал или дека ја прашувале дали сум машко (во периодот кога имав ептен кратко потстрижана коса). Знам каква беше реакцијата на едно булирање, кога престанав да сум фина и кога застанав зад моите постапки.
Научив дека луѓето кои се ѓонови по природа и кои не гледаат ништо страшно во подлото коментирање за другите, не сакаат кога станувате како нив. Научив дека токму тие и таквите се најгласни дека им е нанесена штета, откако ќе направите копи-пејст на нивното однесување и ќе им го вратите како бумеранг. Научив дека молчењето е злато само тогаш кога треба да застанете и да си го гризнете јазикот ако немате нешто убаво да кажете, но не и ако треба да одбраните. И научив дека ако не го кренете гласот и ако не свикате за да се заштитите себе, нема никој тоа да го стори наместо вас. Затоа...викајте и барајте да се однесуваат кон вас со почит која ја заслужувате, секаде и секогаш. Да не сте дозволиле да се поболувате оти некому кога станал наутро сиот свет му е виновен оти е нерасположен или е на лева нога. Да не си ставате на душа туѓа непристојност и злоба, оти не е до вас туку до оној кој чувствува потреба и нагон да биде безобразен. Да не си ја труете душата и да не пренесувате негативна енергија дома или кон најблиските, само заради тоа што сте биле воспитувани на лајно-луѓе да им премолчувате. Никој нема право да прави да ви е неубаво, затоа што така им притекнало или им е тоа дел од табиетот. Таквите табиети се за по дома, а не да се покажуваат надвор. А ако веќе дома не ги трпат нивните поганлаци, не сте должни вие да го правите тоа. Отерајте некого токму онаму каде што му е местото и ич да не се саклдисувате заради тоа. Животот и здравјето се најважни, а за да сте здрави многу е важно да немате стресови, ниту нервози. Не пукајте по рабови заради нечии хирови, освен ако не сте убедени дека имате повеќе од еден живот, па овој го давате курбан.Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Јас па и неќам силна да сум
Ниту да ми е душава ко бунар
Та фрлај се’ внатре демек бери
Оти и бунарот крај има
Полни, полни и ќе прелее
Исто ко и чоечката душа
Та после си отишол чоекот
Ама арен беше со здравјето
Шо така наеднаш горнион го земал?!
Е не бил!
Само молчел и во себе збирал
Голтал и се давел во чемер
И се с’клетисувал за ова и за она
Дур не му пукнало срцето
И болести го навјасале
Неќам
Еве јас да се прашувам
Сосем поинаква би била
Би пуштала солзи за секоја болка
Би ја исплакала секоја неправда
Море би се удајла во сопствениот плач
За се’ што сум одмолчила
И за се’ за што сум се насмевнала
А ми идело да вриштам
И не
Појќе не мислам оти е сила
Очите суви со децении да ти бидат
Дур еден ден не ти пресушат како езера во жега
И не
Не мислам оти да си ја чуваш болката е храброст
Оти чоек треба да вика
Ама до небо да се слуша ко не му е арно
Да се изнавика и изнапцуе
И ништо во себе да не држи
Да плукне и на силата
Да плукне на божемното достоинство
Врескај!
Врескај колку гласот те држи
Дур не ти попукаат гласните жици
Дур не засипниш та до деној после збор да не прогоориш
Ама врескај ко мака ти е
Ко те боли душата
Ко ти крвари срцето небаре некој за вечера ти го спрема
Та со ножот парче по парче откинува за да го зготви на пареа
Викај чоек!
Викај толку силно шо ќе се вџашат комшиите
И ич гајле да не бериш
Тие и онака те озборуваат за нешто
Викај за да не ти се наталожи пелин во тебе
За да не изрти во болест
Да не ти метастазира до умот
Да не биди после оти “арен беше, ама ете така си отиде”
Оти најбрзо си одат тие кои молчат
И кои тагата во себе ја чуваат
Во срцето
Во душата
Во телото
Во тој музеј на тага