Кога замина мајка ми, ненадејно како да го изгубив тлото под нозете, и татко ми се предаде без неа: Живкица искрено за загубата на родителите и за семејството
Брзото и течно зборување и добрата дикција се нејзин заштитен знак, уште од времето кога ја гледавме во забавните емисии „Мислам дека имаме хит“ и „Ајде да се обложиме“. Живкица Каленикова (Ѓурчиновска) порасна пред камерите, и својот занает го печеше во Македонската радио телевизија. И денес, многу години потоа како да е истото девојче од тоа време, особено затоа што насмевката, брзото зборување и позитивниот дух не се смениле кај неа. Токму таа верба во убавото ѝ помогна во овој период во обидот да се справи со најтешката загуба. Нејзината мајка ненадејно почина од срцев удар, во август минатата година, а на крајот на јануари и татко ѝ.
Жиле и самата е мајка на три деца, блиска со својата сестра, вљубена во својот сопруг и во својата работа- новиот ТВ проект, „Жилет шоу“. Тоа се најголемиот дел од работите кои ја туркаат напред во тешките моменти од кои многу научила изминативе месеци.
* По подолга пауза, повторно се врати дома во МРТВ, во новото „Жилет“ шоу. Има ли конкретна причина за создавање на овој проект, токму сега?
- „Жилет“ е на еден начин продолжување на „Тунел“, Жиле Т-како Тунел или Токшоу. Се’ си има врска. Сето она што го направив со „Тунел“ сметам дека не треба да се прекине , зборувањето на теми кои се однесуваат на секој сегмент од животот , зборувајќи за социјално ранливите категории, реалните проблем со кои луѓето се соочуваат. Познатите и нивните животни приказни кои се сосема понекогаш различни од сликата која ја имаме за нив кога ги гледаме и слушаме. Имаме и музика, бидејќи таа е составен дел од нашите животи, и замислете да немаше музика како би ни било, така штоќе има и други моменти повеќе, само да се растеретиме од пандемијата.
* Вистински животни приказни се и овој пат фокусот на вниманието на Жилет шоу, какви теми ќе обработува?
- Токму поентата е таа да се отвориме како луѓе, да не заборавиме да подадеме рака, да ја разбудиме и подигнеме емпатијата на повисоко ниво. Само така мислам дека ќе имаме промени во средината во која живееме. Се вели „биди промената која сакаш да ја видиш“- тоа ќе се обидеме да го направиме.
* Во истата зграда, МРТ, ја градеше својата професија, какви спомени сега ти навираат кога поминуваш низ ходниците и низ студијата на оваа ТВ куќа?
- Јас пораснав во МТВ и буквално сум дома, секој ходник ми е добро познат, иако морам да признаам, имаше многу повеќе телевизиски луѓе низ ходниците за разлика од сега, и имав навистина среќа да го печам занаетот и да учам од луѓе и во институција каква што беше МТВ. Жал ми е што не се продолжи со полна пареа од времето за кое можам да посведочам. Често се прашувам каква ќе беше МТВ ако не беше низ златните години спречена да се развива во правецот каде се што движеше но .….
* Минатата година беше тешка за тебе и за твоето семејство на приватен план, ја загубивте вашата мајка. Како ти лично се справи со таа голема загуба, особено во моментите кога обично велат дека треба да си силна, за твоите блиски?
- За некои работи, некогаш не добиваме одговор.Годините иживотното искуство не’ менуваат сите како како личности, па така веројатнои мене. Стануваме помудри и позрели , но мислам дека си го задржав детето во себе, желбата постојано да истражувам, учам, и на крајот да му се радувам на живототи покрај тоа што не знаеме што ни носи следниот ден. Е, токму тоа животно искуство направи да созреам преку ноќ, да научам за минливоста на животот. И важноста колку треба да бидеме свесни дека секои нов ден ни е добредојден. И треба со позитива и со убави луѓе да си го минеме. Кога се тука вашите родители, без оглед колку години да имате и дали и самите сте родител имате едно чувство на припадност., чувство дека секогаш е тука некој е за вас , безрезервно,и ве сака најмногу на светот.
* Пред само неколку недели, си замина и твојот татко, што те турка напред и како се тешиш и остануваш силна во моментите на тага?
- Кога замина мајка ми, ненадејно како да го изгубив тлото под нозете, особено што бевме многу биски. Грижатаиљубовта за мене и мојата сестра потоа,и нашите деца беше нешто на што сум горда, а што имавме мајка и баба како неа. Нашата Нанче беше посебна. И татко ми се предаде некако,и не можеше да ја најде смислата на животот без неа. Можеби нивната голема љубов и поврзаност го направи своето. И како велат, во животот ќе добиете тежина итовар онолку колку што некој од горе смета дека можете да издржите. Многу е тешко, но веројатно тоа што вистина сум многу позитивен човек ми помага, а најмногу ме мотивираат моите деца, сопругот, семејството да продолжам понатаму, бидејќи тоа е кругот на животот. Јас сум среќна што сум плод на една голема љубов и имам премногу љубов да дадам на моите најблиски.
* Даријан, Марко и Ана се сега пораснати, но верувам дека денот ти е весел и исполнет со нив. Како ви изгледа еден обичен ден?
- Децата како и сите деца се динамични, весели, многу искрени души кои како растат так стануваат - вистински другар и друштво, мотивација за живот. Денот е динамичен, училиште тренинзи, но и време за нас. Тројцата се различни карактери но сакаат да спортуваат. Среќна сум затоа што тоа ги учи на одговорност, дисциплина, работа, фокус, работи кои ќе им значат во животот.
* Која е највредната особина и доблест на твојот сопруг?
- Емпатијата која ја има за луѓето, скромноста и љубовта за своето семејство.
* Што е за тебе издувен вентил, што правиш во моментите кога сакаш да си посветиш внимание на себеси?
- Сакам да прочитам убава книга, да гледам убав филм и да бидам со луѓето кои ми ги полнат батериите, пред кои сум своја, чаша убаво вино, патувања, насмевките и прегратките на моите деца се лек за се’.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива