Кој добива повеќе од Black Friday – трговците или потрошувачите?

Добивај вести на Viber

Продавниците, големите трговски брендови и шопинг центрите низ Македонија во овој период започнаа со најава на најголемиот шопинг ден во годината - Black Friday. Оваа кампања застапена на глобално ниво, последниве години станува сѐ поактуелна и кај нас. Крајот на ноември е познат по овој ден, со кој официјално започнува предновогодишното шопинг лудило, кое сите трговци со нетрпение го очекуваат преку целата година. Се поставува прашање кој всушност вистински добива повеќе од Black Friday, дали трговците кои ги намалуваат производите кои им се на залиха и долго време не можат да ги продадат, или пак потрошувачите за кои трговците навистина се грижат па им нудат нови колекции и нови производи со значително пониска цена.

Според Марко Костадиновски, експерт за односи со јавност и маркетинг, генерално попустите кај нас се реални.

- Стравот од манипулации со попустите кај нас сеуште го има, пред се поради тоа што сеуште постојат брендови кои се служат со ефтин начин да стигнат до некако профит. Но, во последните години сведоци сме дека во време на социјални медиуми, и јавност која е будна постојано и ги следи во секој чекор брендовите, дека таков експеримент не смее да си дозволи никој. Глобалните брендови, според мене не би си играле со својата репутација која ја имаат, само поради еден ден во годината. Сега кога се е јавно, цените ги има буквално на интернет, мислам дека тој момент на лажни попусти се намалува - изјави Марко Костадиновски.

Голем дел од трговците ги нудат своите производи по екстремно ниски цени, а купувачите ги полнат продавниците и трговските центри, почнувајќи да купуваат подароци за новогодишните празници, понекогаш и нерационално трошејќи и купувајќи многу повеќе од што им е потребно. Се помалку  трговци целата оваа еуфорија на распродажби, ја користат за да ги продадат своите производи по лажно намалени цени или производите коишто веќе долго време не можат да ги продадат.  

Позитивно е тоа што во последните години таа манипулација со лажни попусти која постоеше досега, постепено се намалува. Тоа е така заради неколку фактори: големите глобални брендови кои сѐ повеќе се присутни на нашиот пазар и не смеат да си дозволат такви обвинувања за лажни попусти со што ќе го изгубат својот имиџ и углед, а ќе ризикуваат и намалување на своите приходи; потоа во последно време стана актуелен Законот за потрошувачи кој дефинира строги правила како треба еден трговец да се однесува при поставување на одредени попусти и организирање на распродажби; како и се поголемото влијание на социјалните медиуми кои се доста критични кон секого.

Според менаџментот на Skopje City Mall нереалните цени и попусти се помалку застапени во нашата држава во последните години, но тие успеваат да останат искоординирани со своите закупци и да ја дадат најдобрата и најквалитетна понуда на пазарот без никакви манипулации која пред сѐ ќе ги задоволи потрошувачите.

- Black Friday кампањата во трговскиот центар е само една од многуте кампањи од ваков тип кои ги организираме преку целата година, постојано нудејќи попусти дури и на најновите колекции од светски познатите брендови. Ние секогаш на прво место ги ставаме нашите посетители, па така за време на нашите распродажби, посетителите можат да ја видат и споредат првата со последната цена, а на излозите стои назнака попуст само тогаш кога навистина има. Настојуваме да ги заштитиме правата на потрошувачите и да им покажеме дека попустите во Skopje City Mall се секогаш реални и ги исполнуваат сите нивни очекувања. Ние сме многу повеќе од трговски центар со продавници на кој главна цел му е продажбата на производи, а тоа може да се види преку постојано организираните настани, саеми, забавни активности и хуманитарни кампањи, со кои се доближуваме до нашите посетители на еден убав и поинаков начин. Брендовите кои се застапени во Скопје Сити Мол се светски брендови кои дефинитивно во нивната политика на работење не би си дозволиле да си играат со потрошувачите – изјавија од Skopje City Mall.

За време на овие сезонски распродажби и големи попусти, најважно е купувачите да бидат информирани за своите права како потрошувачи, да препознаат што е вистински попуст а што не е, како и рационално и практично да го распределат буџетот издвоен за ваквите шопинг екскурзии низ продавниците и трговските центри. Оваа година Black Friday е на 23.11.