Kој е твојот изговор да се фатиш за мобилниот додека возиш?
Нема возач кој не знае дека зборувањето на мобилен телефон го одвлекува вниманието од случувањата во сообраќајот. Нема возач кој не знае дека пишувањето пораки додека вози е ризично и опасно. Сите знаат, голем број возачи ја почувствувале таа опасност и тој ризик, но и покрај тоа, секојдневно го користат мобилниот телефон додека возат.
Зошто е тоа така? Зошто возачите користат мобилен телефон кога возат? Одговорот на прашањето, зошто возачите толку многу ги користат мобилните телефони додека учествуваат во сообраќајот, лежи во фактот што најголем број од возачите:
· ја потценуваат опасноста и ризикот на кои се изложени додека го користатат мобилниот телефон;
· мал е бројот на санкционирани возачи и изречени санкции;
· многу, многу изговори преку кои се настојува да се оправда потребата да се употребува мобилниот телефон додека се управува моторно возило.
Потценување на опасноста. Ако знаеме дека истражувањата на СЗО, покажуваат дека употребата на мобилен телефон ја зголемува опасноста од сообраќајни незгоди за 4 до 9 пати, ако знаеме дека пишувањето порака додека возите е еднакво на возење со затворени очи цели 6 секунди, за кои возило со брзина од 60 км/ч поминува 100 метри, навистина вреди да се размисли, што сѐ може да ви се случи вас или на вашите најблиски и со кои ситуации и последици ќе треба да се соочите, само поради тоа што ја потценувате опасноста од користење мобилен телефон додека возите.
Санкции. Санкциите секогаш даваат добар резултат.Особено за оние кои на друг начин не можат да ја разберат опасноста на која се изложуваат со користење на мобилниот телефон зад воланот. Возач кој зборува или пишува на мобилен телефон додека вози, се санкционира со 40 евра во денарска противвредност или со регистрирање 25 негативни бода во возачката книшка. Ако ја потценувате опасноста и не размислувате за евентуалните последици од сообраќајните незгоди, размислете што сѐ можете да си обезбедите за себе или за вашите блиски со 40 евра кои ќе мора да ги платите доколку бидете санкционирани. Вреди ли таа порака или тој повик 40 евра и колку пати по 40 евра можете да платите?
Изговори. Многу пролеани солзи, изгубени животи, човечки судбини, семејни трагедии - само поради еден повик, само поради една порака. И пак изговори. „Требаше да се јавам.“, „Имав итен повик“, „Вака беше важно, онака беше важно.“, „Толку беше итно, онолку беше итно.“ И повторно сообраќајна незгода, повторно солзи, крв, загубени животи, повредени лица. И следниот ден, пак исто. И пак изговор. „Ова мора, ова може, ова не може.“, „Ова трпи, ова не трпи.“, Секој по свое. И на крај последниот изговор: „Биди ׳позитивен‘, не мисли на лошото“, „Од пишаното не се бега!“ и повторно мобилниот во рака зад воланот. До кога и до каде?
Следејќи ги случувањата во сообраќајот, РСБСП со неколку прашања до секој возач кој користи телефон зад воланот:
· Кој е твојот изговор да се фатиш за мобилниот додека возиш?
· Кој е толку важен и што е толку важно, што не може да почека, да застанете на првото безбедно место, на кое може да се запре возилото и да разговарате?
· Кој е твојот изговор да загинеш или да убиеш некој додека возиш, само поради една порака или еден повик?
· Што и кој е поважен од чиј било живот? Никој и ништо!
Затоа, „БЕЗ ИЗГОВОРИ“! Остави го мобилниот додека возиш и фокусирај се на патот и случувањата во сообраќајот. На тој начин ќе бидеш безбеден и нема да дозволиш ништо да те изненади додека возиш.
РСБСП со апел: Без изговори! Без мобилен телефон зад воланот!