Кој како си ја наредил

Добивај вести на Viber

Кој како си ја наредил

Да се преземе одговорност за своите постапки е знак на зрелост и одговорност кон себе. Човечка особина е секогаш да се обидеме да се амнестираме себеси повикувајќи се на лошата среќа, околностите, распоредот на ѕвездите и хороскопот, полната месечина, синдромот на “не ме сака наставничката”.  Евтините изговори со кои наоѓаме виновник кој никако не сме ние, со тек на времето ни стануваат составен дел од животот. Кај некои од нас  оваа фаза минува, кај некои се задржува до крајот на животот. Како и да е, секогаш на крај го сркаме само она што самите ќе си го надробиме, сакале да признаеме или не.

Рака на срце, на овие години се’ уште понекогаш прибегнувам до “не ме сака учителката”, ама ми трае онолку долго колку што на психава и’ треба да се помири дека сум доживеала одреден пораз и дека последиците ќе треба да си ги истуркам. Од една страна се гордееме дека сами правиме избор, а од друга страна како да не сме спремни да ја платиме цената на изборот. И да се разбереме, цената секогаш ќе ја платиме, без оглед што ќе одбереме. Но, со секој избор доаѓа и соодветна награда за која всушност (гледано долгорочно) и сме го направиле изборот. На пример, дали да се оди на студии или не? Ако се оди, тоа значи следни 4 години да се жртвуваат дружење, журки, па да се загрее задникот за преку цената на откажување од работи кои ни се прават, дојдеме до наградата....диплома и шанси за поголем успех (ова пред се’ зависи и од тоа колку не’ бива, оти па има луѓе со основно кои имаат осет за бизнис повеќе од некој кој завршил менаџмент). Дали да се одбере брак или да се тера живот во кој бракот воопшто не доаѓа предвид? Дали да се има деца или не? Дали да се има брак без деца или деца без брак? Дали развод? Дали, дали, дали!

Она што најмногу фрустрира е што секој околу вас има свое мислење за изборот кој ќе го направите или нема да го направите. Не се тоа само оние кои ќе ја плакнат устата со вашиот живот (соседи, колеги), туку и најблиските кои некогаш од пуста желба да бидат од помош (тука важи она дека “патот кон пеколот е поплочен со добри намери”) знаат само да ви го направат животот хаос. Тие се најнапорни, оти соседите и колегите никогаш нема да се осмелат отворено да ви кажат, само ќе ве лаат позади грб, ќе додаваат и одземаат во приказната што ќе ја плетат и толку. Ќе трае до следниот трач, до следниот сосед/колега кој ќе им дојде во видното поле. Но, семејството е дефинитивно најголемиот критичар на вашиот живот. Тоа се луѓето кои најмногу ве сакаат, но кои не знаат да разграничат каде завршува љубовта и грижата, а почнува тортурата. Колкумина од вас посакале да станат од некој ручек на кој сте се собрале 20тина луѓе со исто презиме и да си заминат оти не можат да јадат на раат од прашања како што се: “Ајдееееее, уште колку до диплома” (никогаш, ама никогаш студент не се прашува уште колку има до крајот), “Ааааааа, како зетот?” (ова е наменето за дечкото на внуката која има едвај 20 години) “Вие помлади да си се земете, нема поубаво од деца на млади години, хехехе”. Од ваквите муабети, на децата им се одмилува брак и потомство, оти еден куп очи се вперени точно во нивната интима. И не дека ова е најстрашно, има и полошо. “Ама деца не чекајте толку, веќе две години минаа, ајде едно внуче да изгледаме” (фуј, фуј, фуј). Ова е муабет кој не е муабет, туку некултура. Може луѓето имаат проблем, можеби не сакаат деца, можеби сметаат дека е прерано. Кое е чарето? Да се зборува за интимните размисли дека не сакаат деца, или дека сакаат да си го средат домот прво или да го извадат на сред трпеза извештајот од гинекологот?

Горе-долу, сите отприлика сме го минале тој циклус (или циркус) на: кога ќе дипломираш, кога брак, кога дете, кога второ дете, зошто се разведе, кога пак ќе се премажиш...некои само дел од ова, а не’ има и среќлии со сето наведено. Умешноста е како човек да се издигне над се’ и да си го тера својот филм без да чувствува потреба да се оправдува за својот избор или да објаснува зошто одбрал така како што одбрал. Храброста да се живее онака како што сме си наредиле е храброст да се чекори со крената глава, без оглед колку ќе сме успешни или неуспешни во очите на било кој. Мој избор-моја одговорност. Не можам никого да обвинувам за она што ми се случувало во животот, знаејќи дека за се’ самостојно сум донела одлуки. Затоа, време е да заборавиме на кенкање за она што не’ снашло во животот (се разбира, ова се однесува на тоа што самите сме си го сервирале а не на прашања живот-смрт) и да запомниме дека одлуките кои сме ги донеле биле одлуки кои нам ни биле прифатливи за живеење.

Да се витка кичмата и да се живее нешто што не го сакаме само затоа што ни било полесно да одиме по пат кој бил очекуван од нас е лоша услуга која ќе ја сториме сами на себе. Некогаш кичмата пука од правење компромиси со светот, а кога ќе пукне тогаш остануваме сами со себе да го средиме хаосот во кој сме се втурнале.

Старите имаат изрека “кој како си ја наредил”. Се’ што зависи од нас, а сме го одбрале да го живееме си наплаќа свој данок. Не може да осудувате никого ако сте во лоша врска или брак, можете или да се помирите со тоа и да престанете да си јадете џигер, или да се одлучите со крената глава да смените нешто. Ако го одберете првото, имајте предвид дека чоек се поболува од несреќа и од незадоволство. Ако го одберете второто, имајте предвид дека можеби цел живот ќе останете сами. Како и да си ја наредите, само да знаете како да истуркате со одлуката и да не се каете. Оти па нема полошо од тоа да мислите оти сте решиле нешто да менувате, да смените, па после да си кажете пупу не важи или да почнете со бегање од сопствената одговорност.

На едно место (не памтам која песна беше и не го памтам профилот на кој бев тагната) прочитав коментар кој одеше вака (напишано од маж, се разбира): “да и’ каже некој на Бунтевска да си пишува по дома, оти упропасти многу бракови”. Ај што ме пишал со В во презимето (господине, должите извинување на татко ми), туку ете еден еклатантен пример за барање одговорност кај друг, оти некому не му чини дома. Веројатно си имал чоекот мака со жена му (која сигурно низ годините станала свесна оти бракот не е еднаков на таа-службеникот, тој-директорот) која почнала да го крева гласот, па може му рекла дека прочитала во некоја песна оти “жена се сака и чува ко капка вода” итн.итн и наместо дотичниот да се запраша што ТОЈ сторил за да има незадоволство кај жена му, полесно му било да обвини таму некоја си Бунтевска која треба само за по дома да си пишува. Нејсе, не е до моево пишување, не е до мама и тато и траумите од детство, не е до соседите, не е до партнерот....до нас е, до секој од нас. Што ќе си посееме, тоа ќе жнееме...како што ќе си ја наредиме, таков ќе ни е животот. Без плачки, без тажачки, без оправдувања. Првиот чекор кон поубав живот е да се соочиме дека нешто не е како што треба. Вториот чекор е да се запрашаме како сме стасале до таму каде што сме, за да бидеме незадоволни. Третиот чекор е веќе стратегија за како понатаму.

Не џабе се рекло дека човек сам на себе си е и најголемиот пријател и најголемиот непријател.

Да сте ми живи и здрави!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да не те лажи умот

Оти љубовта е збор

За зборој сите мајстори сме

Та ќе ги везиме и плетиме

Ќе ги тегниме и растегнуваме

Ќе им додаваме зачини

Од кои после блуткаво во устите ќе ни е

Ич умот да не те лажи

Оти љубов бол е

Или оти ударот од неа

Однатре или однадвор

Е нејзината моќ

Та да си дозволиш

Некому черга да бидиш

Од која калта од чизмите ќе си ги бриши

Немој да се лажиш себе

Ниту да се залажуваш

Оти љубовта е растреперени прсти

Кои играат од страв

И дека црните кругови под очи

Е силата нејзина

Дека љубовта ќе стори сенка да си

Со стиснати усни и грч во утробата

Не верувај на оној

Кој со уста полна шербет

Отров во тебе ќе внеси

За да те залаже и прелаже

Дека љубовта најмалку спокој е

И дека окото полно сјај

Од солза такво ќе свети

Дека модрото е нејзината боја

А солената вода низ образ

Е вкусот нејзин

Оној кој навистина ќе те љуби

Е тој кој тело ќе ти растрепери

Само во постела топла

И кој ќе те храни и пои со нежност

Оној кој сонот ќе ти го чува

За да му траеш и за на старост

Оној кој вистинска љубов за тебе ќе има

Ќе те насолзи само од среќа

И ќе те чува ко жеден чоек

Последната капка вода

Кој од тебе ќе се причести

И од телото свое тебе причест ќе ти даде

Оти во љубовта душите едно се

И срцата ист ритам фаќаат

Во љубовта здивот на среќа мириса

И од него никој не се донадишува

Оти љубов

Љубов е се’ од што животот ќе го славиш

И со насмев од овој свет ќе си заминиш

Рака в рака

Како од првиот ден

Како од првиот бакнеж