Кој не верува во магија, нема да ја најде

Добивај вести на Viber

Не сум верник кој оди по цркви и пали свеќи, никогаш не сум ни била. Во семејството имам еден голем верник (мајка ми) и атеист (татко ми), кои никогаш не се мешале ниту пак се осудиле еден со друг за своите гледишта околу верата. Јас по многу работи сум копија на татко ми, вклучувајќи го и мојот однос кон црквата. За некои од вас ова е смртен грев, но за мене е само определба која нема никаква врска со тоа дали сум добар човек или не. Сум била сведок кога најголемите верници прават злодела, но и кога најголемите верници се најчесните и најмеките личности кои сум ги запознала. Сум среќавала атеисти кои сториле поголеми добрини од сите црковни лица собрани заедно, исто како што сум среќавала атеисти кои биле олицетворение на поганштина. Впрочем, сé е до човекот и до тоа што има во себе, што си носи во срцето.

Но, верувам во добро и лошо и верувам дека Универзумот си изнаоѓа свои начини како да држи баланс. Верувам дека секое добро дело кога тогаш се враќа со добрина, дури и индиректно преку избегнување на некаква несреќна случка, односно, без да сме свесни дека сме наградени со добро за нашето сторено добро. Верувам дека секое лошо дело ни останува како една црна дамка на душата која со ништо не се брише, исто како што верувам дека дури и лоша мисла кон некого или нешто, ќе ни се врати како бумеранг. Верувам дека во овој чуден и честопати поган свет има луѓе со големо Л, кои знаат животот да ви го замирисаат на топлина и убост. Верувам дека сепак постои хуманост и добра волја колку и некогаш да ме поколебале одредени ситуации кои ми ги сервирал животот. Верувам дека нема случајности и дека секоја болка или патење сме ја добиле како лекција од која сме научиле нешто што требало да биде научено. Верувам во тоа дека секој живот е вреден за почит и затоа кога ќерка ми избезумено ќе вресне “пааааајааааак”, одам со салфета за да го изнесам на тераса. Можеби и затоа не сакам цвеќиња кои треба да стојат во вазна додека не овенат и да се фрлат в ѓубре, повеќе сакам саксиско цвеќе или да го гледам во градина.

Верувам во магија. Не во онаа која според верувањата се прави за да се добие нешто или да се спречи некој настан (како огласите кои порано беа актуелни “симнувам направени магии”), туку во магијата на животот. И најважно, верувам дека ако нешто искрено и длабоко се посакува (без да носи штета на некој друг), може да се обистини. Моето верување е веројатно многу наивно и смешно за оние кои се прагматични, но, тоа сум јас. И не сум само јас вака “детски наивна”, туку тоа го гледам кај многумина што ми претставува голема радост и ми носи утеха. Да се верува во магија, да се верува во чуда е еден вид пандан на тоа дека надежта последна умира. Чинам дека додека имам верба во тоа дека сепак се случуваат убави нешта, дотогаш ќе ме крепи снагата и умот. Состојбата на човечкиот дух многу зависи од вербата и надежта, убедена сум во тоа.

Да се има верба и надеж значи да се чекори напред без оглед на сите препреки. И не дека е лесно да се задржат и двете на патот кој го врвиме, оти некогаш кога коцките ќе се наместат како што велат старите “ко ѓаолот да ги фрлил”, многу е тешко да се задржи фокусот на убавото. Еден период во животот мислев дека сé ми има тргнато наопаку, ништо ама баш ништо не ми одеше од рака. Работава, тргни-застани или на моменти дури беше еден чекор напред, три назад. И тоа траеше добри две години, од кои бев толку измрцварена што ми се чинеше дека ми треба натчовечки напор само да станам сабајлината и да се измијам и облечам. Кога ми се случува така, стално си велам “Ано памти дека сé поминува колку и да е арно и колку и да е лошо”. Научив во таквите периоди да бидам стрплива, да се повлечам и да соберам сила. Научив, оти немав друг избор освен да се борам со депресија и анксиозност кои ме удрија како кога некој ќе ви удри тупаница во стомак, па сиот воздух не само што ќе ви го истисне, туку и не можете да вдишете. И верував, дури и тогаш кога немав верба се терав себеси да се потсетам оти треба да верувам дека не може ама баш сé да биде црно до бесконечност. Првите неколку пати душа на нос ми излезе, оти никој не се родил учен па да знае како да постапи во секоја ситуација. Сега кога ми се случуваат такви паѓања удолу, само седам мадро и мантрам дека ќе биде поарно. И со тек на време, станува поарно оти тие циклуси на горе и долу се единствената константна работа во животот.

Зошто го пишувам ова како денешна тема?

Пред некој ден прочитав статус на ФБ од една прекрасна млада жена која отворено зборуваше на една многу чувствителна тема за сите кои посакуваат деца, но имаат потешкотии во зачнувањето. Зборуваше за неуспешни зачнувања со ин витро и за целата болка која ја имаат како семејство при секој неуспешен обид. Она што длабоко ме потресе беше дека во ниту еден момент напишаното немаше доза на самосожалување или барање да бидат сожалувани. Зборуваше храбро и со верба. Пишуваше за солзите, за огромната желба за дете, за патот кој го поминуваат а во кој има многу предизвици, но како поттик за сите кои се соочуваат со истото. И патем речено, нејзиното интимно обраќање кон јавноста беше со цел да се разбие табу темата околу битката која ја бијат. Нејзиниот пост ме трогна од многу аспекти, а најмногу дека нејзината сила беше насочена кон тоа преку својот пример да ги поттикне луѓето да не молчат, оти не се сами.

И се навратив на сите оние невкусни прашања кои знаеме да ги поставиме некому, не знаејќи со што се соочува. Тоа се оние прашања/констатации од типот “ајде, што чекате нема да се подмладите хехехе” или “абе кога планирате дете”. Се навратив на сите коментари или гледишта кои сум ги прочитала или слушнала дека жена не е жена ако не е мајка, иако знам многу мајки кои не заслужиле да бидат наречени така и знам жени кои имаат поголеми мајчински инстинкти од оние жени кои родиле. Знам и за простачки ставови кои се од типот “ако не може да ти роди, најди некоја која ќе може”. И сфаќам колку знаеме да сме ниски во душите и погани во устите. Но, сфаќам и дека најголемата доблест е да се одржи вербата не само за тоа дали ќе имаат потомство или не, туку во тоа дека дури и да го немаат тоа не ги дефинира како луѓе или како успешно или неуспешно семејство. Впрочем, во многу дисфункционални семејства најголеми жртви се токму децата. Никогаш ништо не е сосем црно или сосем бело, колку и да сакаме да ги гледаме работите така. Она што можеме да го сториме е да ја дадеме својата поддршка и да имаме разбирање и емпатија, оти никој од нас не знае што може да го снајде. И најважно, да размислиме пред да се одважиме да поставуваме прашања за теми кои не се наша работа.

Верувам и имам надеж дека животот кој го живееме знае да нé милува и да ни го даде она што ни треба, вака или онака. Верувам и сакам да верувам дека дури и во ситуации во кои се чувствуваме како некој да ни кажал “шах-мат”, сепак ќе се случи магија која ќе нé потсети оти сé е можно. И на крајот од денот, верувам дека во секој од нас има неверојатна сила да се справи со сите одрони на патот кои ќе нé подзапрат во патувањето но нема да нé спречат да го поминеме, оти е наш.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

И тогаш кога е најтешко

Да знаеш глава да кренеш

И низ облаци сонце да бараш

Без сомнеж оти поарно ќе е

Оти живот пуст

Некојпат сопки става

Само силата за да ти ја измери

И тогаш кога е најтешко

Срцето бело да ти остани

И да не се јадосуваш

Оти старите арно рекле

Дека и арно и лошо минува

Само треба да се истрае

Само треба да се издржи

И тогаш кога е најтешко

Да имаш на дикат оти сам не си

И дека има многу како тебе

Кои во горчина се дават

И вечераат јадови во празна чинија

Поттурнати со голтка солзи

За да не им застане залакот в грло

И тогаш кога е најтешко

Верувај оти чуда се случуваат

Како од сказни извадени

Чунки ништо не е само црно

И ништо не е саде бело

Ами секој од нас и угоре

Но и удолу знае да киниса

И тогаш кога е најтешко

Вербата пријател да ти е

Оти поарен од неа нема да најдеш

Ниту поголема утеха од неа ќе имаш

Та ќе те топли во деној

Кога студенило в коски ти се пика

За да те загрее со силата своја

И тогаш кога е најтешко

Најди ја светлината

Во себе и во патот свој

За да излезиш од маката

И да си најдиш иљач

Од кој снагата ќе ти заживее

И умот ќе ти се избистри

И тогаш кога е најтешко

Да знаеш оти некој те мисли

И во себе за тебе се помолува

Да ти се смлачи болката

И да ти се загрее душата

Оти не си сам и не си сама

Дури и тогаш кога најтешко е