Кој/а ти е овој/оваа?!

Добивај вести на Viber

Пред некое време прочитав најава за статија која (парафразирам) одеше вака: “Прочитајте што велат за љубомората големите умови и после одлучете дали треба да сте љубоморни”. Искрена да бидам, ниту видов кои се големите умови, ниту прочитав што тие имале да кажат за љубомората, туку ко слеп за стап се фатив за она “одлучете дали ТРЕБА...” Јас до сега во животот не сум налетала на човек кој самостојно и свесно има одлучено да биде љубоморен или не. Башка, не станува збор за тоа дали треба да се биде љубоморен. Па по дифолт, секоја емоција која не’ прави ранливи и не’ повредува, сигурно дека не треба да се случи. Ама човечкиот ум е сепак малку повеќе од разионализирање на нештата.

Се сложувам дека љубомората е недостаток пред се’ на самодоверба. Се сложувам дека е лавиринт во кој ако навлегуваме подлабоко, може да се случи да не знаеме од каде сме дошле и каде е излезот. Но, ќе мора и вие да се сложите со мене дека веројатно не постои човек (жена или маж, сеедно), кој барем еднаш во животот не помислил (а 90% од нив и кажал) ”кој/а ти е овој/оваа?!”. Велат дека љубомората е и страв од загуба. Со ова во потполност се сложувам. Никогаш не сум била доволно самољубива за да бидам скроз опуштена дека сум најубавата, најпаметната, најсовршената за мажот кој го љубам. Свесна сум за моите години, за тоа како изгледам и ако баш сме искрени, ми се допаѓа она што го гледам во огледалото...пред се’, длабочината на погледот. Знам дека секогаш имало и ќе има жени кои ќе се поинтересни, пошармантни, посекси итн. Дали сум љубоморна на нив? Не. Сакам кога гледам дека градов ни цути од убост и младост. Дали ми било страв дека мојата љубов ќе се полакоми за тоа? Па секако (зарем очекувавте дека ќе речам не?).

Знам која сум и што сум. Знам како да се носам со себе и со сите животни ситуации во кои сум се нашла. Најлесно ми било онаму каде што ми требал само умот и разумот. Да направам кост бенефит анализа (имам другарка која ми го обожува изразов), да одлучам што е најпаметно со оглед на сите претходни припреми и да пресечам. Ама кога ми се емоциите и срцето во прашање....цврц. Не оди тоа така лесно. Немојте одма да скокате дека љубомората не е ок, дека е оптеретување, дека е недоверба....јас за се’ ќе ви кажам дека сте во право. Ама ајде да разговараме искрено дека и покрај тоа што напамет ги знам сите штетни ефекти од истата и по себе и по врската, не сум имуна. Сакам да зборувам за нештата. Сакам да ги извадам од себе и да ги ставам на маса. Верувале или не, во мојата глава некогаш имаат страотни димензии. И сакам да разговарам со партнерот за тоа.

Да, сметајте ме за будала, ама отворено си кажувам дека имам во главата проблем со ова и ова и дека сакам да го расчистам тоа со себе. Тука, теоријата за немање доверба во партнерот ви паѓа во вода. Треба доверба и тоа многу, за да се седне и да се зборува за една многу скокотлива тема во која буквално се соблекувате пред некого и ја покажувате сопствената ранливост. И мене не ме мачеле толку субјектите на мојата љубомора, колку што ме мачело зошто воопшто се појавила. Мора да има нешто многу подлабоко од нечија појава, поготово што јас сигурно нема да тргнам наназад и до годините и со изгледот.

Дали се сложувате со мене дека сепак една блага доза на претпазливост (тоа ви е онаа ептен мала љубомора) е дури и неопходна? Таа веројатно прави и малку повеќе да сакаме да сме будни во односот со партнерот. Доколку не би постоел стравот од загуба на оној што го љубиме, би се однесувале индиферентно кон целокупниот однос. Да, љубовта е тука примарна, но некогаш љубовта сфатена како сигурна карта, прави повеќе штета отколку што носи корист. Сигурноста во која се стуткуваме полека добива обратен ефект.

“Ама јас знам дека мажот ми ќе ме сака секаква.”- Да, ама па и не мора да те гледа со мустаќи и недепилирана со месеци.

“Јас сум и’ прва љубов...онаа вистинската”.- Да, ама ако таа љубов се сведе на гледање ТВ, пуштање стомак и непраење муабет, може и да не биде онаа-последната.

Доколку и се случи некој од овие два примери, тоа е само аларм дека нешто не е во ред и дека причините се подлабоки. И во тој магепсан круг, тешко е да се опстои без искреност и седнување за да се стават картите на маса. Зошто тогаш некогаш го избегнуваме тоа? За да не се соочиме дека сме кикснале некаде попатно? Па по ѓаволите, луѓе сме и имаме право на грешки. Немаме право да си го загорчуваме животот ниту на себе ниту на оној или онаа до нас.

Како и се’ во животот, така и оваа тема си има многу ЗА и ПРОТИВ. Прашањето кој или која е оној или онаа, знае некогаш да ги мрдне работите од мртва точка. Од друга страна, таквите прашања знаат да ја доведат работата до мртва точка. И ај сега биди паметен и “одлучи дали треба” да си љубоморен. Сакам да излегувам со другарки. Да седнам со нив во кафеана и да дрндаме со саати со мезе, ракија, вино или што и да е. Сакам и партнерот да си ги задржи пријателите и да си го поминува времето и без мене. Па не сме сијамски близнаци. Но, сето ова може да функционира беспрекорно само тогаш кога и двајцата ќе имаме квалитетно време поминато заедно, редовен секс, освежување на врската. Доколку се запоставиме и доколку се запоставите еден со друг, секое нечие излегување или било каква самостојна активност ќе биде проблем. И проблемот може и нема да се каже, но ќе лебди во воздухот и ќе го лади.

Муабетот ми е...не се осудувајте ако некогаш ве мачи љубомора.

Не се камшикувајте со себеобвинување ако се почувствувате несигурни, па дури и во себе и својот изглед.

Оставете ги мудрите мисли на големите умови кои секако дека немаат врска со она што токму вам ви се случува во главата.

Бидете храбри пред себе и пред партнерот да кажете како се чувствувате и дека ви треба разговор. Така се зачувува и силината на односот со оној кој што сте.

Имате право некогаш да потклекнете пред своите слабости...затоа што кога ќе се исправите, ќе бидете посилни од било кога.

Запомнете...сите ние учиме додека сме живи. Дури и она што сме сигурни дека го знаеме за себе, може да не’ изненади. Не се плашете да се спознаете, па макар и признале дека сте некогаш слаби. Можеби во надминувањето на токму онаа слабост од која најмногу се плашите лежи клуч на вашата сила.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Не ми е мене гајле
За жените со кои си бил
Ниту пак гајле берам
За оние на кои сега им се смешкаш
И ич не те мислам
Дал по цели ноќи писма им везиш
Или дал тие ококорени по тебе се
Немиегајле
И пет пари не давам
Дал поубај од мене се
И тела совршени дал имаат
Дал накитени ти шетаат
Ил на високи потпетици тропкаат
Мене драги мој минатото твое
Колку ланскиот снег ми значи
А и дал џебот полн пари ти е
Ниту пак облеката ти ја мислам
Дал скапо те чини
И каква етикета има
Менегајлемие
Зад градите што ти чука
И во глата шо ти се раѓа
И берам гајле душата за што ти пати
И дал лоши мисли имаш
Или ти цутат убајни
Мене пиле ми тежи
Дал денот во смеа ќе ти мини
И дали ко ќе вдишиш
Љубов знајш да издишиш
Гајле берам дал она шо ти давам
Можиш со чест да го примиш
И со внимание да го погалиш
Дал прва мисла во денот сум ти
И ко заспиваш дал умот кај мене ти оди
Немие грижата за она што вчера било
Ниту за она што утре ќе биди
Дур си тука
И дур тука сум
До тебе
До себе
До нас
Денес пиле...денес