Колку чини човечката душа
Вчера наполнив 34 години. Во моментов, имам два мои бренда, и работам со два плус. За оние кои не знаат, Драма е веќе девет години овде, со Драма започна се'. Следеа Лавкетс 5 години подоцна. Пред четири години станав надворешен соработник, моден дизајнер за Сара Фешн. Годинава ќе го оформиме и започнеме бебе брендот Сара Фешн Премиум. Имам соработувано со скоро цела наша естрада, многу локални и надворешни компании. Пред девет години го воведов концептот на масивен накит во Македонија и ве поместив од лежиште. Пред пет години ја имав првата ревија на Камник и ве поместив од лежиште. Пред шест години го снимив првиот краткометражен моден филм во Македонија и со таа колекција бев почесен гостин на саем за еко луксузна мода во Абу Даби и не го извеличав тоа никаде.
Во последниве десет години, се што направив е обратно од тоа што планирав. Бев болна, доживеав катастрофална сообраќајка, живеам петти живот одново, и уште мал милион на падови кои не се баш сите до еден за споменување овде, можеби некогаш ќе напишам една книга и ќе ви ја кажам целосната приказна колкава е цената што ја плаќам, ама преживеав.
Во изминатава недела имав неколку случувања кои ме доведоа до прашањето, колку чини мојата душа.
Вчера излезе најновата фотосесија со мене, за Драма. И за еден тим на луѓе, некои ги познавам со години, некои ги знам нецела година, кои ми покажаа што значи кога не си сам, и кога тоа што го работиш е твојата душа. Имавме милион и една препрека додека ја реализиравме таа фотосесија, наидовме на бескрајно многу пречки, секој од нас е невиден карактер, силен, сите до еден тешки индивидуалци кои сепак на крајот на денот се споија во една целина. Продукт во кој секој од нас верува. Продуктот сум јас. Производот на една космичка енергија сум јас. Софи од Fit Family, се реши да ме научи како во животов можам да јадам и слабеам и да се затегнувам и успевам во тоа. Можеш, можеш. Па позгодна побогу во цел мој севкупен живот не сум била! Девојките од Beautybox Koko се заинатија и ме натераа да се грижам комплетно за себе, од нокти до трепки, до Мадеро Третмани за целулит. Да се разбереме, јас бев скот што се тушира пет минути и толку, се преостанато ми беше губење на време. Марија ми покажа што значи шминка, што значи кога веруваш во некого и кога си упорен, во ниту еден момент не ми го промени идентитетот а извади уметност и истрајност до самиот крај. Бојан мачи мака со мене и мојата коса веќе со години, ме трпи со сите мои невротични испади без да ја изгуби својата професионалност, на цела среќа се здружи со Lush и нивните производи и ме воведоа во ред. Мики и Ангеле ми го чуваат срцето во секој момент од мојот живот, Нено се избори машки со фотографиите и со сите нас на куп, а дечките од Say Yes Photography ги фатија совршените кадри. Влатко е бајадерата за на крај, еден од ретките мажи што секој ден ме изненадува, за Драмата да биде комплетна. Александар заедно со тимот на Water Maya ни ги отвори вратите од проклето сексипилната фабрика за вода, за да може да имаме совршена локација, а мајка ми и втората ми мајка Мери, ми го чуваа грбот, како и секогаш до сега.
И не, ова не е една од оние спонзорски благодарници, ова нема цена. Ова е мојата душа, заради ова започнав да работам, заради ова вреди да продолжам да правам Драми овде и по светов. Заради вакви луѓе вреди да се биде се подобар. Кога ве трујам со идеологиите Јас заради Вас, мислам на нив. Мислам на едно семејство, еден тим, што кога ќе се реши нешто да оствари, не само што поместува граници, туку отвара нови временски портали. Јас не знам колку некои односи ќе траат во мојов живот, ништо не е вечно, се е со рок на траење, само знам дека додека го имам, ќе ја дадам последната капка крв да го сочувам. И кога ви велам, вреди животов, на ова мислам. Не на парите, не на заработката, не на кариерата, туку на семејството, на љубовта која ја разменувате секој ден, насмевката која несебично ја делите, времето поминато со оние кои ви се важни. Цената на мојата душа е вредноста на нивните, на секој еден некој кој бил дел од мојов живот, и на оние кои допрва ќе дојдат. Ова го споделувам најмногу заради вас млади души, што без компас лутате во современиов тежок свет, и нема кој да ви каже дека не мора да бидеш исфрустрирана кучка за да успееш. Не мора да имаш спонзор наместо партнер, за да заработиш. Тешко е не велам не, милион и еднаш ќе ти прелее и ќе посакаш ништо да нема. Ама без ништо не се живее. И со правите луѓе покрај себе, безусловна љубов и верба во себе, постојана работа на мозок и тело, нема граници. Се може да имаш.
Јас сум Ивана Кнез, јас сум Драма, денес имам 34 години, потешко не ми било, посреќна не сум била. Вреди се, секоја жртва, секоја солза, секоја капка крв. Проклето е љубовен овој живот!
Се читаме следната недела.