“Колку е потребно за среќа?”
Вообичаено, саботите ми се резервирани за пишување, но заради сплет на околности, денешнава колумна ја пишувам во недела (и тоа скоро пред полноќ). Спремајќи се за спиење, ќерка ми (меѓу другото) ме праша што ќе правам откако таа ќе си легне, па и’ кажав дека ете, заради обврските викендов, дури сега ќе седнам да пишувам, но се двоумам за темата.
“А зошто не пишуваш за среќата?”- се прозевна, а кога ја прашав што е за неа среќа, кратко ми рече “ТИ” и ми посака добра ноќ.
Во прв момент ми дојде оној наплив на коктел од среќа, плач и возбуда, па проголтав неколку солзи и почнав да анализирам. Наместо играчки, гардероба, нов модел на телефон (кој уште што не им ги пишува домашните на децата), она чудоно хаверборд (не ми се смејте ако го утнав, оти едвај научив како се вика), таа вели дека за неа среќа сум јас! Сигурноста која ја има и чувствува со и во мојата љубов и посветеност, веројатно е за неа доволен мотив за основна среќа и спокој. Велам основна, оти сето тоа што го наброив погоре не е исфрлено како опција J. Сепак, деца се деца.
Муабетот ми беше...што е со нас поголемите? Што е со нашето поимање за среќата и колку нам ни треба за да бидеме среќни. Дали трката по работите кои ни носат поголема удобност или признанија е резултат на нашата убеденост дека токму тоа ќе не’ направи среќни? А што ако попатно, во сета таа трка заборавиме да живееме и да уживаме во нештата? Ние луѓето сме мегаломани, сакаме од се’ што ни е убаво да имаме по многу, не водејќи сметка дека и многу арно не е на арно. Како со текот на времето да ја губиме границата, за потоа да се изгубиме и сами себе.
И не џабе се рекло дека колку луѓе, толку табиети. Чудно е колку изворот на среќа може да биде различен кај секој човек, почнувајќи од есенцијата-здравје, па завршувајќи до естетски силикони во градите. И се’ си има своја тежина. Да, токму се’, дури и силиконите во градите. За жена која има фрустрации заради малите гради и која се чувствува нереализирано како посакувано битие, силиконските гради се причина за среќа. Тоа и’ ја зголемува самодовербата, се чувствува посигурна во себе и поубаво во сопственото тело. Порано, кога бев помлада ова ми беше многу банално, па дури и имав еден потсмешлив однос, додека не сфатив дека сум никој и ништо со своето мислење за тоа што е среќа, освен кога се работи само и исклучиво за мојата.
Годиниве наназад научив дека среќа е да се разбудиш наутро...не да станеш на десна нога (или за леваците не знам како е)...туку воопшто, да ја имаш привилегијата да си жив и да осамнеш и ти во денот што доаѓа.
Потоа научив дека среќа е да ти се блиските и живи и здрави, или барем што велат старите, она што е болест-со помин да биде.
Откако ја родив ќерка ми, сфатив дека нејзината среќа е причина за мојата и дека никогаш повеќе приоритетите нема да ми бидат исти.
Како интроверт, среќа ми донесе и пишувањето, оти ме ослободи на начин кој ми недостасуваше долго време.
Периодов, среќа е кога фотографирам и кога со секое шкрапање се потсетувам со колкава љубов ми е подарен уште еден нов, а толку мој начин на себеискажување.
Среќа ми е кога сосем непознати луѓе ќе ми речат “само да те гушнам, си знаеш зошто”...оти навистина знам зошто, исто како што тие мене ме намирисале и знаат зошто е тоа така напишано.
Среќа е мојата слобода како човек и жена, за која никогаш не се пазарам и од никого не барам дозвола да ја имам и уживам.
Каде си ги ставаме оковите на сопствената среќа? И зошто?
Премногу политика, премногу токсични информации, премногу напнатост да ги исполниме очекувањата на другите кои ги имаат за нас. Сум се фаќала себе во ситуации кога ми било поважно што другите ќе помислат за моите ставови или постапки, па во мигот кога сум направила онака како што се очекува од мене (а било спротивно на она што навистина сум го чувствувала) сум имала мачнина која се манифестирала дури и со физички тегоби како главоболка или болки во стомакот.
Телото секогаш кажува кога одиме против себе. Дури и она “од главата си патиме”, не е случајно кажано. И повторно, коренот е во детството. Децата кои се растени со идејата дека треба да се слушаат себе и да веруваат во својот инстинкт, израснуваат во личности кои се ослободени од предрасуди и лажни вредности, односно, израснуваат во посреќни индивидуи. Да нема недоразбирања...не зборувам за себичност и вртење кон себе на сметка на повредување на околината, туку за слобода која е неопходна за да стоиме зад себе и своите постапки.
Често го користиме, а за жал ретко го применуваме она дека “ако не си среќен, не можеш ниту да усреќиш”. Тоа е истото она дека ако не се сакаш себе, не можеш да сакаш некој што е до тебе.
Љубовта кон себе и наоѓањето на среќата е основата за исполнет живот и за мир. За среќа (или за жал), тоа не се купува, ниту може да се позајми. Тоа е макотрпна работа, која бара многу искреност кон себе и сите наоколу, која знае да е некогаш непријатна, ама крајниот резултат е како убаво избрусен дијамант.
Оставете ги зад себе мислите дека за да сте среќни треба да ви се случат некакви грандиозни нешта.
Оставете ги зад себе стравовите што другите мислат за вашиот живот (впрочем, имаат свој и нека се занимаваат со него).
Оставете го зад себе убедувањето дека глумење среќа пред другите ве прави среќни (не заборавајте дека очите секогаш ве издаваат).
Не бидете робови на неважни мислења и неважни луѓе. Доволно е да застанете пред огледало и да можете долго да се гледате без да се засрамите од она што ќе го видите. Доволно е да си дозволите да здивнете од сите формалности кои ве гушат и не ви даваат да вдишете длабоко за да сте свои и слободни.
Доволно е само да си го слушате срцето...сосем доволно за среќа.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Колку е потребно за среќа?
колку треба за да ти игра срцето
и очите со смеа да ти се наполнат
да ти биди убо во градите
лесно и спокојно ко облак во нив да имаш
ама не
од алчност
од “дај, многу дај”
од тоа душите ни патат
од стрвност за најаска до блуење
за напивање до опивање
за љубов до нељубов
од тоа си патиме
од она шо велеше баба ми
“дури и животното знај кога му е доста
само ние луѓето умираме од премногу”
а мене со годините телово веќе ништо отпоќе не ми прима
ниту храна
ниту вода
ниту среќа
само со тагата беља си имам
ете, кантаров таму нешто грешно ми мери
па си се тешам дека никој совршен не е
и некако врвам, вака или онака
скоро 44 лета сум свикнала
а и од својата кожа нема бегање
колку
колку е тамам за чоек мирен да е
да му стивне во умот и срцето
без тежини и вулгарна еуфорија
мирно да си тера
ама за така скроен треба да си
оти не се учи тоа, никаде го нема
ниту во училишни клупи
ниту пак прирачник има
“спокој во 100 чекори”
та да си читаш навечер кога тивко е
и со книжулето под перница да спиеш
а сабајлината раат да станиш
и да не ти ѕенѕа во утробата
ех
колку ли е доволно за среќа?
за да немаш свенати усни
ниту темни кругови под очите
колку е потребно за да му се насмееш на денот
и во себе да се помолиш
да кажиш фала што жива сум
за детето да си го гушниш и мирисот детски да го вдишеш
та од младоста срцето да ти се подмлади
и навечер пред да си легниш
да се збогуваш со денот
со надеж дека следното утро ќе се разбудиш
а потем дека си научил нешто
дека среќата е во мигот
во пиењето кафе на студот
и мирисот на дождот
во ветрот кој под капутот ти се пика
и смеата со твоите луѓе
во неговиот поглед
и здивот во твојот врат
во моментот кога влегува во тебе
а ти под кожа му се пикаш
кога ќе нашкрабаш песна
и кога некој дур ја чита си вели
“како јас да ја пишав!”
колку треба за среќа
и мудрост за од малку-многу да сториш
еве учам
уште учам
и барам
внатре во себе барам
кантарот го местам
редам и прередувам
за да најдам колку ми е потребно
за среќна да бидам