Колку ти чини раатот?
Кога го правев интервјуто со Сузана Јошевска Анастасовска, пребарував низ нејзиниот ФБ профил и налетав на еден статус кој вели “Раат, раатот ми е најскап” (https://zenskimagazin.mk/taa-e-suzana-joshevska-anastasovska-posakuvam-kako-zeni-pochesto-da-si-gi-mestime-krunite-edna-na-druga-koga-ni-se-padnati, еве ви го интервјуто, за оние кои немале прилика да го прочитаат). Одма ми текна колку често го спомнуваме раатот во секојдневниот живот, а колку малку работиме за да го имаме или зачуваме. Како да сме свикнале да користиме такви некои флоскули кои ги кажуваме наизуст, без да застанеме и да видиме колку сме раат и ако не сме, што е она што ни го одзема.
Така, после интервјуто интензивно си го вртам животот однапред и одназад за да се преслушам до кај сум и колку си го применувам она за кое мудрувам во колумниве. Почнав како прваче да си поставувам прашања и да си ги штиклирам одговорите ДА или НЕ, притоа не штедејќи се себе и не барајќи оправдувања. Да сме на чисто, како и сите вие така и јас сум склона на прва да си барам изговори или накратко, да барам виновници вон себе.
Од искуство знам дека секогаш кога се фокусирам надвор од себе, наместо да си проникнам во сопствениот свет и да видам што можам да сторам за себе, ем одам во погрешна насока, ем си го пролонгирам времето за да сменам нешто. Јасно ми е дека најтешката работа е да се биде објективен за себе. Ви текнува дека сме сите најпаметни кога слушаме за туѓите слабости и проблеми? Тоа е така бидејќи не ни гори нам под задникот. Лесно е да се биде рационален кога сме надвор од центрифугата наречена живот кој не е наш и дека сите потешкотии ги гледаме од друг аспект. Кога некој наш близок има проблем, веднаш ни паѓаат на ум барем 2-3 решенија или постапки за кои сме убедени дека се најисправни. Ама ако го имаме истиот проблем, тогаш токму тие решенија кои ги нудиме на другите ни изгледаат неприменливи во нашиот случај. Зезнато, нели?
Веројатно мудроста доаѓа до израз тогаш кога стануваме свесни и моќни да го сториме истото кога е нашата кожа во прашање. Дали е лесно? Ич. Дали се кикснува милион пати? Да. Дали бара многу труд и мака? Да. Дали се успева? Хмммм, некогаш да, некогаш не. Но, за да не ве обесхрабрам, да си знаете дека почетокот е секогаш најтежок и најболен. Да се соочи човек со себе и своите демони, да научи да живее со нив, да умее да ги скроти и во сето тоа да си го најде спокојот вреди секоја мака. Од дома имам научено дека барање инстант и евтини решенија, секогаш на крајот чинат многу повеќе од она што е навидум тешко да се направи. Тоа ви е исто како кога бирате нешто за облекување. Ќе се одлучите за нешто поскапо кое ќе ви трае со години и кое ќе биде квалитетно, или ќе купите нешто со смешна цена кое ќе се изветви после 3 перења и пак ќе купувате ново, за на крај кога ќе се пресметате не осознаете дека наместо да заштедите, сте платиле тродупло и пак не сте завршиле работа?
Па, така е и со останатите нематеријални работи. Но, за разлика од првиве кои ве чинат само пари, овие вториве чинат нерви и здравје, а најмногу раат. Кога нешто ви пречи кај пријателите и ви прави да се чувствувате неубаво, секогаш имате две солуции. Првата е да игнорирате, но за тоа треба така да сте скроени и да не ве лази мува или да си кажете па да видите до каде сте со пријателството. Имав другарка која секогаш во друштво на нови луѓе кажуваше анегдоти за мене. Сега, после години и јас ги кажувам пред вас, како онаа кога се испружив на сред автобуската пред КИМ оти толку знаев да одам со штикли, па како пред симпатијата кога се запознававме наместо да кажам дека се викам Ана, реков дека сум Маја (оти другите мои пријателки се викаа Маја), па како сум опцула сочно во јавност итн. Од оваа временска дистанца, сето тоа изгледа симпатично и смешно, ама тогаш, земајќи ја предвид мојата интровертност и бегање од тоа да сум центар на внимание, многу ми пречеше. Знаев дека тоа не го прави со цел да ме понижи, туку за да биде интересна ама сепак не ми беше убаво. И така си молчев додека еден ден за некоја глупост не избувнав и кажав и тоа што требаше и тоа што не требаше. Разрешницата беше дека малку се оддалечивме, иако бевме ко сабота и недела, ама после некое време ме сфати и продолживме со дружбата, а јас научив дека нештата се кажуваат навреме.
Кога сме во врска, знаеме свесно да си го ставиме раатот под точка разно, а се’ во име на љубовта. Па така, сум излегувала кога ми се седело дома, сум одела на места на кои ни на сон не би ми паднало на ум да одам своеволно, сум се дружела со некои негови пријатели со кои не сум имала за што да разговарам, ама пусто нели било љубов! Можеби било, ама не кон себе а човек кога не се грижи за себе, не моѓе да се грижи за никој околу. Е сега, лошо е кога тоа си тера без да кажеме што всушност нам ни чини или не ни чини, па создаваме слика кај партнерот дека сме ок со се’, а вистината е сосем друга.
И еден убав ден кога веќе ќе ни се исцрпи капацитетот за да одиме против себе и сопствениот раат, проблемот ќе зачука на врата. Кога тоа ќе се случи, работите стануваат непријатни оти треба да се враќаме во времето на дедо Ное и да прочешламе дали тоа што другиот мислел дека сме, навистина сме ние или само сме “глумеле” за да не нарушиме туѓ раат. И кога велам глумеле, мислам на тоа дека под превезот на добро за врската, долгорочно сме наштетиле. И ден денес познавам луѓе кои се со децении во брак и кои не ги вадат работите на маса, туку ги пикаат под тепих за да избегнат соочување. Раатот го има само едната страна, додека другата само се фрустрира дур не стане предоцна за мирно да се разрешат проблемите.
Сега, кога сум веќе доволно млада за да си го терам ќефот, ама и доволно стара за да си го ценам раатот, немам време за да се пазарам со себе и да се правам наудрена кога ми пречи нешто. Ќе кажам, па ако сме доволно мудри и двајцата ќе најдеме решение. Ова важи и за пријатели и за партнер, за ќерка, за родители. Нина ја учам дека мора да ми кажува што и’ пречи кај мене, оти колку и да сме слични секоја од нас си има свој личен печат и расположенија. Некогаш ја разбирам од прва, некогаш ме нервира оти нели сите ние што сме родители мислиме дека знаеме што е најдобро во одредена ситуација (а не е секогаш баш така). Но, знам дека ако го всадам кај неа тоа дека раатот во животот е најскапоцен, ќе знае утре да се избори со се’ и да не отстапува од она што ќе и’ носи спокој.
Муабетот денешен ми е...раатот е клучен за да спиете мирно и да сте задоволни со себе. Не молчете по цена да ви ѕенѕа нешто во душата и да ве поболува. Стресот сведете го на минимум (да го нема е веќе утопија), бидете во дослух со своите потреби и не отстапувајте од својот раат, за сметка на нечиј друг. Ако некој ве сака и почитува, ќе ве разбере. Можеби не од прва, можеби ќе треба да се помачите за да објасните како функционирате и зошто, ама ако има желба ќе има и резултат. Се’ друго е само како она погоре, пикање работи под тепих додека еден ден не се сопнете од насобраното под него и не паднете на колена. А тогаш е потешко да се исправите, знам од искуство. Затоа, раатот...раатот да ви е скапоцен оти тој ќе ви го продолжи животот.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Спастри се
стани наутро полна енергија
измиј заби и лице
исчешлај се
нацрви ги образите
усните накарминисај ги
очите обој ги
облечи се (како што ти личи на годините!)
Живеј...
заврши ги сите попатни работи
заработувај
не заборавај да се смееш
разговарај со луѓето
биди среќна
терај го денот како што се очекува
биди женствена
размислувај како маж
Живеј...
пишувај како да ти е последно
потсети се дека треба да дишеш
вежбај за да си во форма
зготви нешто, по ѓаволите
зачисти по дома
испазари за цела недела
наполни бензин во колата
наполни ги батериите во умот
Живеј...
не биди тажна
со меланхолијата скарај се
стави лајк на сопствениот живот
игнорирај ја болката
направи ги среќни сите околу тебе
исправи се иако плеќите те болат
закажи на фризер
излези на воздух
Живеј...
дозволи си слабост
погали се кога другите се груби
не биди зајадлива
трепкај како дама
мудрувај како 80 да имаш
потони во спомени
ококори се на иднината
спреми си облека за погреб
Живеј...
стави точка на завршените работи
стави три точки на оние со кои не си на чисто
стави прашалник на љубовта
и извичник на смислата на животот
отерај се’ во мајчината
исплачи се во тишина
пушти гласно музика
изгушкај го детето
Живеј...