Концерт на Драган Мијалковски: На 74 години со енергијата и изведбата ја остави во чудо публиката - и Синатра би му позавидел на вокалните височини

Добивај вести на Viber

Наградата за животно дело и настапот на „Златната Бубамара на популарноста“ беа одлична увертира и најава на двата концерти на легендарниот Драган Мијалковски. Во меѓувреме, тој ги промовираше своите две нови песни „Насмевни се, Вардаре“ и „Самотија“, за кои ги напиша музиката и текстот, а аранжманите се дело на Дамир Имери.

Синоќешниот концерт кој се одржа во Операта започна со кратка најава на Ирена Спировска, која нè потсети дека Драган Мијалковски е икона на македонската забавна музика. Дека е петкратен победник на Скопскиот фестивал, вицешампион на „Белградска пролет“, повеќегодишниот учесник на Сплитскиот фестивал, двократен победник на Валандовскиот фестивал, и човек, којшто одржал 400 концерти на турнеите во Русија во 70-ите години, а имал и повеќе од 1000 настапи и концерти низ поранешната Југославија. Бил и омилениот пејач на Јованка Броз.

Потоа, Драган го презема микрофонот и до крајот на концертот вешто, духовито и шармантно, како што само тој знае, нè водеше низ најголемите успеси на својата 60 годишна кариера, кажувајќи кратки и интересни анегдоти од создавањето на неговите најголеми хитови.

И почнаа хитовите, во феноменална музичка придружба на величествениот ревиски оркестар со 40 музичари, составен од членови на Националнот џез оркестар и гудачи од Македонската Филхармонија и НОБ, а под диригентската палка на Маестра Дијана Имери Илкоска и со соодветни балетски или танчарски кореографии. За танчерскиот дел беа задолжени танчарите од Студиото за танц „Dancers United“ (инаку светски прваци во танц), со кореографија на Сара Кочан. Кореографијата за балетскиот дел пак, беше дело на Саша Евтимова, а настапија балетските играчи и првенци Христина Наќевска и Миро Митрашиновиќ, додека во нумерата „Убава си како музика“, сцената ја збогати со својот настап и Саша. На момент сцената потсетуваше на Бродвеј, а публиката уживаше во еден комплетен аудио-визуелен спектакл за душа. Драган, кој целиот свој живот го помина во Скопје, а можеше да бира и да живее во кој било друг град во Југославија или во светот, концертот го започна со одата за главниот град „Скопје младост моја“, а потоа публиката уживаше во незаборавните рефрени на „Оди си“, „Моја малечка гулабице“, „Иди душо моја“, „Перонот 3“, „Кажи нешто, драга“, „Бегај, Марија“, „Лебеди пловете“ (во придружба на бас на авторот на песната Љупчо Трајковски – Фис), „Убава си како музика“, „Кажи ми“ …

Легендарниот шармер и идол на повеќе генерации, со овој одличен двочасовен концерт потврди дека и понатаму е во топ пејачка форма на свои 74 години и дека му прилега епитетот Синатра на македонската музика. Иако, мислам дека и Синатра би му позавидел на некои негови вокални височини.

Неговиот вокал прозвучи моќно и романтично, како и секогаш, па многумина во публиката коментираа дека навистина годините не му можат ништо и дека пее исто како и пред 60 години. А неговите песни и рефрени се евергрини, кои вечно траат.

Музичката кариера на Мијалковски започнала на аудицијата „Бараме млади таленти“ во 1969, а најголемата популарност ја достигнал во 1970-тите и 1980-тите, кога соработуваше со композиторите Тодор Бојаџиев, Ванчо Димитров, Војкан Борисављевиќ, Никица Калоѓера, Драган Ѓаконовски – Шпато, Кире Костов, Димитар Масевски, Зденко Руњиќ, – со чии песни учествуваше на музичките фестивали во Белград, Загреб, Сараево, Опатија, Скопје …

Музички гости на концертот беа Жаклина Стевковска и Зорица Поп Панкова, кои испеаа свои нумери, а Драган им се придружи во нивните рефрени. Жаки ја испеа и антологиската „Зборувај за Скопје“. Зорица е уште една легенда на македонската популарна музика и член на легендарната група „Македонија“, која во 70-те години на минатиот век палеше и жалеше на просторот на поранешна Југославија и насекаде низ светот.

Атмосферата достигна кулминација, кога Драган нè потсети и на својот голем придонес на полето на македонската новосоздадена фолк музика. Тој го изведе големиот валандовски хит „Дојди Лено на перниче бело“, во придружба на хармоника на Горан Алачки, кој е композитор на оваа песна. А во публиката беше и нејзиниот автор на стихови, Орце Зафировски.

Присутните не сакаа да заврши концертот и го врати на бис.

Во публиката беа присутни и дел од авторите на легендарните песни на Мијалковски: Љупчо Трајковски – Фис, Ванчо Димитров, како и синот на Димитар Масевски, Александар. Драган ја поздрави и Ана Костадиновска ќерката на покојниот Кире Костов автор на песната „Перонот 3“ која ја изведе. Во публиката беа и членовите на „Синтезис“, повеќе новинари, како и сопругата на Драган, неговата вечна љубов и инспирација, Ели и неговата ќерка Искра. Меѓу нив и најголемиот промотор на Македонија во светот, легендарниот Кирил Лазаров, селекторот на ракометната репрезентација. Иако дел од песните на Драган настанаа кога тој не бил роден и две децении живееше во странство, со овој потег покажа како се почитуваат македонските легенди, овој пат во музиката. Истото важи и за пијанистот Симон Трпчевски, кој беше присутен во салата.

Публиката беше составена од повеќе генерации. Меѓу нив не се забележуваа нашите млади автори и изведувачи, кои многу ќе научеа за македонската музика некогаш и денес. А најважната лекција е – како се пее со страст, со емоции. Како се сака песната.

Првиот јубилеен гала-концерт на нашата музичка легенда Драган Мијалковски беше навистина гламурозен, а во организација на Радио Бубамара. Освен одличниот звук, концертот имаше и преубава и богата сценографија, како што е на концертите на големите светски ѕвезди. Беше сниман во највисока резолуција, со што ќе влезе во архивата на музичката историја за сите идни генерации.

На крајот на Концертот, Драган Мијалковски побара да се изгради концертна сала којашто ќе има 5 илјади седишта. Се надеваме дека некој ќе го слушне овој негов апел!

Ранко Петровиќ на „Златана Буба Мара на популарноста“ покажа како се негува македонското, исконското. Со организација на двата концерти на Драган Мијалковски ја продолжува традицијата. Да се надеваме дека со неговиот тим, што почесто ќе организира вакви концерти, на кои на вистински начин ќе ја промовира македонската музика, која со години е ставена на маргините на медиумите и на концертните подиуми. Вечерва е вториот концерт на Драган Мијалковски, повторно во Националната опера и балет и повторно во истото време. Некои нови луѓе, но истата емоција.

Соња Алексоска Неделковска

Фото: Вангел Тануровски