Конкурс за дизајн на корици за романи од едицијата „Порта Европа“

Добивај вести на Viber

Издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ ги поканува илустраторите и дизајнерите на возраст до 35 години да достават предлог-дизајни на корици за шест романи од едицијата „Порта Европа“.
Целта на проектот „Порта Европа“ е да се создаде книжевна едиција заснована на еколошка заднина што подразбира превод, објавување, дистрибуција и промоција на шест извонредни европски книжевни дела. Исто така, објавувањето на оваа едиција е во насока на ублажување на економските ефекти од рестрикциите предизвикани од пандемијата на Ковид-19 врз издавачкиот сектор, преку соработка со чинители од синџирот на книгоиздателството на домашниот пазар. Во насока на остварување на зацртаните цели, предвидени се повеќе активности, меѓу кои и ангажман на локални визуелни уметници во подем и печатење на книгите на хартија со FSC-сертификат за рационално користење на шумите.
Како дел од мисијата на овој проект, „Арс Ламина – публикации“ ги поканува младите илустратори и дизајнери да се вклучат во изработка на креативни визуелни решенија во областа на издаваштвото.

Заинтересираните можат да аплицираат со едно или со повеќе решенија за корици, за еден или за повеќе романи од шесте понудени. Информации за романите, авторите и воопшто за проектот можат да се најдат на следниот линк: https://bit.ly/3IRj0vT
или на страницата на „Фејсбук“ – „Порта Европа“.

Решенијата во .jpg или .png формат, заедно со кратка биографија на кандидатот, треба да бидат испратени на е-адресата publishing@arslamina.com, со назнака „Конкурс за дизајн на корици“, најдоцна до 11 септември 2022 година.
Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 28 септември 2022 година. Вкупниот награден фонд за победничките решенија изнесува 39.000 денари (односно 6.500 денари за едно решение).

Правила за учество
Секој пријавен кандидат треба да е државјанин на Република Северна Македонија, да биде на возраст до 35 години и со поднесувањето на пријавата се смета дека ги прифаќа следните услови за учество:

  • „Арс Ламина“ има право да ги изложува на јавни настани креативните решенија поднесени од сите кандидати, како и да ги користи во промотивни цели, со цел популаризирање на креативноста и на проектот. „Арс Ламина“ се обврзува при изложувањето да го означи името на кандидатот кој го изработил решението. Кандидатот го задржува моралното авторско право врз идејното решение.
  • Кандидатот чие креативно решение ќе биде наградено ги отстапува сите авторски права на „Арс Ламина“ доколку „Арс Ламина“ се одлучи да го објави како корица на некој од романите од едицијата, за што кандидатот и „Арс Ламина“ ќе склучат договор.
  • Секој кандидат гарантира за оригиналноста на идејното/графичкото решение и ја презема целосната материјална и нематеријална одговорност за истото.
  • Еден кандидат може да поднесе едно или повеќе решенија, за еден или за повеќе романи од понудените шест. Доколку повеќе кандидати го работат решението, еден од нив треба да биде назначен за носител на проектот.
Дизајнерска задача
  • Целосно изработено креативно решение – дизајн на корицата на еден или на повеќе од понудените шест романи, по избор на кандидатот.
  • Решението треба да биде оригинално авторско дело на кандидатот.
  • Решението треба да биде изработено наменски за проектот и досега да не е користено за никаква друга намена.
  • Заедно со решението/решенијата, кандидатот треба да достави и своја кратка биографија.
Насоки за доставување на предлозите
  • Формат на романите: 145 х 205 мм
  • Креативно решение: .jpg или .png
  • Корицата треба да го содржи логото на издавачот „Арс Либрис“ (дел од „Арс Ламина – публикации“), како и логото на едицијата „Порта Европа“, кои можат да се преземат на следниот линк: http://arslamina.com/public/Logoa_Porta_Evropa.zip
  • Предложените креативни решенија се доставуваат електронски на адресата publishing@arslamina.com, најдоцна до 11 септември 2022 година.


 
За сите новости следете ја страницата на „Фејсбук“ – „Порта Европа“.

ПР објава