КОСТОВ: Не гледаме возраст, итно бараме места во другите ковид-центри, никој не е оставен
На социјалните мрежи беше објавен пост од ќерка на 76-годишна веќе почината пациентка, која пишува дека нејзината мајка не ја хоспитализирале во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ бидејќи била повозрасна. Таа во постот наведува:
-76-годишна жена, пациент на дијализа, позитивна на ковид, со пад на сатурација, висока температура и наод на плуќата, за што доктор претходно порача ИТНА ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА, по извршената дијализа во ковид центарот во “8-ми Септември”, оставена е во ходник сама без никаква медицинска нега. Чека да ја донесеме дома. Зошто? Затоа што немало кревет за неа, креветот се чувал за некој помлад. Нормално, дома без соодветна терапија ситуацијата драматично се влошува. Утредента во полукоматозна состојба доаѓа брза помош (секоја им чест) но и тие уплашени, кажуваат дека не знаат каде да ја носат, во болница не им ги примале пациентите, особено постарите. На наше настојување докторката решава да се обиде да ја примат во “8-ми Септември” како нивен пациент. По 30 минутно чекање во комбето, докторката се враќа и ни кажува дека нема да ја примат, едноставно над 70 години не примаат во “8-ми Септември”. Сакаат да ја вратат дома, а сатурацијата е 60. На наше очајно инсистирање, сепак брзата помош се решава да се обиде на клиника. И таму чекање 30 минути во комбето, за на крај сепак да се смилуваат и да ја примат на гастро. Рекоа чекајте да дојде доктор и да ви земе податоци. Чекавме, 4 саати, доктор НЕ ДОЈДЕ, само се јавија да ни соопштаат дека починала.
По ова сведоштво, Фактор поразговара со директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р. Христијан Костов кој вели дека ниту еден пациент не е оставен без соодветна грижа, и доколку има потреба од итна хоспитализација, а кај нив нема место, веднаш се препраќа во некој од другите ковид-центри.
-На целата мака со која се соочуваме деноноќно, има и луѓе кои ќе објават вакви потресни постови. Сепак, она што сакам да го истакнам е дека нема пациент кој дошол во болницата, а да не му биде укажана сета медицинска помош. Во случај кога нема место, имаме група на Вибер со останатите ковид центири, веднаш прашуваме каде може да се смести и пациентите веднаш ги трансферираме во другите болнички установи, односно ковид центри. Целото излагање на д-р Костов за сведоштвото дека во ГОБ„8 септември“ не примаат постари од 70 години, прочитајте го на Фактор.мк