Крај со големо „К“
Една од најкорисните работи во животот е да научите
кога е време да ставите точка на нешто што ве измачува и ви ја цица енергијата.
И тоа важи за се’, ама буквално за се’. Ставањето точка е по дифолт болно и малку
поразително, но тоа важи само во првиот момент. Не секогаш точката е дамка за
вашиот неуспех, туку напротив. Станува момент на освестување, момент кога сте
во дослух со себе, своите желби и можности. Најголемото себезалажување е во
моментот кога до точката ставате уште една, па уште една. И тоа оди во
недоглед, додека не ви се смачи од себе, па дури оди и до презир кон себе. Едно
е човек да има верба и да е упорен, да се труди и да дава шанса, а сосем друго
е кога тоа ќе прерасне во мазохизам. Колку пати сте се нашле во животни
ситуации кога вашиот праг на толеранција е згазен и пречекорен, а вие сте се
закатанчиле дека ќе се обидете уште еднаш? Мене многу пати! И после некое време
сум се прашувала зошто! Зошто Ано одиш против себе кога желудникот ти се
превртува од одлуката да се погазиш себе за некој друг?
И не е ова само за меѓучовечки односи. Одите на работа која ја мразите и која не само што не ве усреќува, туку и ве прави нервозни и нетолерантни кон околината. Впрочем, не заборавајте дека секој од нас на своето работно место поминува една третина од денот. Некогаш сме повеќе време на работа отколку со домашните. Замислете ситуација во која одите на работа со тежок чекор, што би рекле старите, нозете ви се враќаат назад, ама сте упорни. Чуму тој инает? И кон кого? Знам дека општеството во кое живееме не дозволува баш да бираме што ќе работиме, но ако не се обидеме, нема ниту да знаеме дали можело да е поинаку или не. И годините минуваат во нервоза и стрес, од стрес си навлекуваме болести од кои најчесто и нема да дочекаме пензија и заслужен раат од она што сме го сработеле. Да сум искрена, имав среќа да го работам она што ме исполнило, да имам колеги со кои одлично се сложувам и кои низ годиниве ми станале и пријатели (Пред некое време бев запрашана дали се чувствувам како мајмун што сум била дел од Шарената револуција и дали цицам пари од буџетот. Ова со мајмунот не ме стрефи толку, оти нели прилепчани за себе така се шегуваат. Но, еве вака и јавно да си кажам дека сум работела само 3 месеци во државна установа на свои 20 и кусур години и дека веќе 20 години работам во акционерско друштво кое НЕ зема пари од буџет. Ниту една моја книга не била пратена во Министерство за култура и дека буџетот сум го полнела како и сите, но немам земено ниту денар. Ми тежеше и да си кажам. Толку за ова.). Но, колкумина од вас стануваат секое утро со мачнина, а упорно тераат едно те исто? И што е најстрашно, со текот на времето не само што се откажуваат од своите соништа, туку и се помируваат дека не може да биде подобро. Може! Мора да може. Ако ништо друго, си должиме себе да пробаме да е поинаку. Па ако не бива, барем со мирна совест ќе си кажеме дека сме пробале.
Колку пати сте биле во односи со пошироката фамилија од кои ви се кревала коса на глава? Па да ги трпите нивните испади, напати и навреди и да премолчувате за да не се наруши....што?! Вашата слика во нивните очи? Ама ајде ви се молам. Секој однос, па и со семејството во кое има навреди и понижувања, се бесполезни и губење време. Не важам баш за дружељубива личност. Ама имам едно десетина луѓе околу себе за кои сечам рака и кои ме почитуваат. Сме имале расправии, несогласувања, но сето тоа било ништо во споредба со вистинската и длабока љубов која сме ја чувствувале едни за други. Решив да посветувам време и енергија само за оние кои во критичните ситуации не дрдорат, туку го оголуваат рамото за да можам да се потпрам. Луѓе за потчукнување по рамо не сакам. Учена сум сама. Колку е тоа добро или лошо, не знам. Ама учена сум сама и можам сама. Ми требаат луѓе кои на првата кривина нема да ги снема и кои ќе ме остават кога не знам главата кај ми е.
Колку пати ви се случило да подарите некому години од вашиот живот, а човекот не вреди ниту една секунда од вашето време? Мене така ми летнаа 4 години. Не, не е бившиот ми маж, со него го имам највредното и најсветото нешто во мојот живот. Но, одењето против себе 4 години ме исцрпи. И физички и емотивно. Седите (како што јас сум седела) во потполна темница, со човек или жена кои не се за вас. И што е најтрагично, знаете и свесни сте за тоа. Ама пустата точка стално ја бришете или и’ додавате уште неколку. Од што се плашев? Од самотија? Или суетата ми беше преголема за да си шлапнам една преку сурат и да си кажам “аман жено, не го бива ова”. Читав дека нарцисоидните луѓе тешко прифаќаат пораз. И веднаш се изанализирав. Ама како хирург си се исечкав на најситни делови. Ок, љубов било. Сум го сакала. Ама што сум сакала? Него или мојата слика која сум ја создала. Луѓето не се менуваат лесно. Тоа се случува или под влијание на голема љубов, или под влијание на голема болка. Ама тоа ако не го сторат сами, џабе сета ваша опсесија. Еве, тргнете од себе. Кој може да ве смени, освен вие самите? Никој! Во таквите односи нема победник, има само поразени. Крајот е секогаш горчлив и ве остава слаби што потем ќе ви треба долго време за да се вратите на себе.
Во однос во кој нема почит, не останувајте ни под разно.
Во однос во кој има ментално или физичко насилство, не останувајте ни под разно.
Во однос во кој се чувствувате сами и осамени, не останувајте ни под разно.
Бидете храбри и пресечете. Ќе боли извесно време. Мене ме болеше 3 книги. Можеби ќе ви треба година, можеби и две, ама тоа време искористете го за себе и залекувајте се. Знам што зборувам, за жал знам. Излегов со нарушена самодоверба како човек, жена, пријател. Се вртев во круг, барајќи си ги грешките (не дека ги немав). Сега знам дека, едноставно некои нешта не се судени да бидат. И колку порано го сфатите тоа, процесот на враќање кон себе ќе е пократок. Штетата која си ја нанесов себе ќе ја паметам цел живот. Дозволив да бидам манипулирана и лажена. Не е другата страна виновна. Јас дозволив.
Првиот чекор е да се помирите со крајот и да го напишете. КРАЈ.
Вториот е да не се осудувате себе дека не сте успеале. Напротив, сте успеале да се спасите.
Третиот и најважен е да научите повторно да се сакате себе и да се вреднувате. Учете на грешките. Ако не на туѓите, барем учете од своите. И не заборавајте.
Себе си должите љубов.
Себе и на оние кои се тука за вас.
Оние кои не напуштаат затоа што не се сакаат себе доволно.
Нивната нељубов кон себе нека не стане ваша.
Заслужувате многу повеќе од тоа да сте само површно задоволни од животот. Заслужувате среќа!
Борете се за неа и живејте ја.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ме оставаш на брегот
Демек на сигурно
Ме оставаш сама
Знаејќи дека себеси
Најголем непријател знам да бидам
Ме оставаш
Со нозете до пола в песок
Кој низ рацете ми се лизга
А долу како жив да е
Та ме влечи
Неосетно и бавно
Ме оставаш да гледам
Како полека заминуваш
Со чекор кој е лесен
Како во вода влегуваш
Без да се завртиш
И без да викнам по тебе
Само молчам и те впивам
Оти знам дека во главава
Како спомен ќе останеш
А ти си одиш
Во длабокото
Сам
И со силни замавнувања водата ја сечеш
Додека од тебе само точка не остане
Која едвај можам да ја видам
Дур подзамижувам од сонцето
Ме оставаш на брегот
На осамен остров
На кој само букви останале
И секоја од нив на кожата ми се лепи
И засеци ми прави
А мене болката некако убава ми е
За да не се потсеќам дека тука не си
И дека нема веќе назад
Ниту ти ќе се вратиш
Ниту јас од овој остров некаде ќе одам
Ме оставаш на брегот
Демек на сигурно
Демек знам како со себе
Демек силна
На брегот од еден пуст остров
Кој ниту име има
Полн букви за тебе што ги спремам
Како утеха...како спомен