Крени рачна!

Добивај вести на Viber

Како искусен возач од над 20 и кусур години, до совршенство го имам доведено тргањето на угорница под рачна. Прифаќам секаков предизвик, без око да ми трепне. Уште првиот момент кога седнав во автомобил се чувствував како дома „welcome home Ana“. Дури и инструкторот ми даде „комплимент“ дека возам како маж (што и да значеше тоа). Возењето ми е задоволство и не ретко знам кога сум нервозна или под стрес да седнам во кола и да се возам бесцелно, со музика која трешти. Рачната ја користам по потреба (секако) и барем до денес немам потфрлено. Уште да научев да кренам рачна кога не сум во автомобил и ќе можев да се пофалам дека навистина мудроста доаѓа со годините!

Изминативе 10 дена имав распад на системот. Јас сум од оние луѓе кои кога умот им забегува, не седнуваат да одмараат, да готват, да плетат или да чистат. Да беше така, ќе имав спремено оброци за да ја нахранам војската или сите ќе добиевте на подарок барем по еден шал и капа за во зима, а ќе подзачистев и кај комшиите. Не! Кај мене тоа не оди така. Бегство од умот и од она што ме притиска и мачи ми била работата и пишувањето. И нормално, како некој кој се’ што прави во животот прави без усул, така периодов сосем се заборавив себе и (како што би рекла баба ми покојна), запнав ко вол во купус. Си зададов задачи и рокови кои беа во најмала рака сулуди. Освен работата што ми е професионална обврска и оние убавите обврски околу ќерка ми и родителите, паметната Ана (овде има барем 3 кила сарказам) си зададе задача да спреми 2 книги за деца со најдобриот издавач за детска литература Просветно Дело, редовните колумни во мојот и вашиот Женски Магазин и башка да почнам да ја спремам новата книга поезија (ако така може да се нарече).

Не треба да ви кажувам дека колку повеќе се трупав со работа, бев исполнета но и како да се напуштав себе секој ден се’ повеќе и повеќе. Се исцрпував до крајни граници, само за да не мислам и да не се соочам дека нешто не ми штима. И тоа функционираше до минатата недела. Заврши формалниот дел со промоција на книгите, потпишувања и ме стаса она добро познато чувство на празнотија после секоја промоција. До тој момент, сѐ што пишувам е мое. После, веќе не ми припаѓа мене. И да скратам. Се разболев. Ко за жгољаво створење кое може да издржи голем физички напор, си ги преценив сите сили и можности. Едно утро не можев да станам од кревет. Температура, болки во целото тело, чувство како да голтате жилети и несносна главоболка. Рачната не ја кренав навреме и отиде автомобилот. Инаку, многу сум фина кога сум болна. Не кукам, не мрчам, само сакам да бидам оставена на раат за да можам да си го слушнам телото и да знам што да правам. Но, овој пат телото ми молчеше, како да сакаше да ме казни за сѐ што му имав направено изминатиов период.

Како човек кој најмногу се плаши од чувството на немоќ и немање контрола врз сопствениот живот, ме фати паника дека нешто имам ептен утнато овој пат. Во принцип, доктори избегнувам и среќа моја што меѓу најблиските имам и другарка доктор-жена змеј која само што ме виде, ме праша што имам направено со себе. „Легнувај и молчи, ќе примаш инфузија и антибиотик, имаш бактерија пропратена со симптоми на грип“. Мамицата...како бе еднаш вака не ми се десиле неколку убави работи истовремено?!

И кога ќе ти каже така некој кој ем си ја знае работата, ем те знае тебе, јасно е дека нема мрдање. Да ви раскажам дека ќе припаднев од иглата или да ве оставам да мислите дека сум силна жена? Ма јок! Веројатно да имав 7 години, ќе ја кренев клиниката во вис. Вака, ме фати малкуцка срам и со (демек) рамнодушен глас прашував „а ќе боли ова? Што има внатре? Ќе бидам ок или ми е нешто опасно?“. Сега и мене ми е смешно, ама бев распаметена. Во 20 години работен стаж, на боледување никогаш не сум била, освен ако не се смета породилното отсуство за тоа.

Поткрената од инфузијата и витамините со кои ме напукаа, си реков ок е, готово. Како не бе! Моето тело реши убаво да ме казни за негрижата кон него. Ми требаа уште 5 дена за да почнам да функционирам нормално. За ова време сфатив дека џабе умот како ти работи ако немаш грам сила ниту енергија за да истуркаш и 10% од она за што си способен. Сфатив дека мојата нељубов кон себе си го зеде данокот и дека добив црвен картон. Сфатив дека човек најмногу се троши кога бара љубов и поддршка од погрешни луѓе. Сфатив дека 90% од луѓето во мојот живот биле тука тогаш кога јас сум им требала и кога ми било сѐ ок. Но, тоа е мој проблем и искрена да бидам, не верувам дека ќе се сменам. Тоа сум, таква сум, така знам и умеам. Сфатив дека не можеш да бараш грижа и несебичност од оние кои навистина немаат поим што значи тоа.

Како за некој што многу дрнда и дроби за тоа како треба да се сакате себе, потфрлив кон себе и тоа ме чинеше многу. Лекцијата ја научив и ќе се потрудам да не ја заборавам.

Кренете рачна!

Секој пат кога ќе почувствувате нељубов, бегајте.

Секој пат кога си го исцрпувате телото, имајте на ум дека сме потрошна роба со век на траење.

Секој пат кога ќе тргнете против себе, кренете ја проклетата рачна кочница и бидете добар возач на својот живот.

Џабе ум, ако не го користите за себе, пред сѐ. Дајте си одмор од сѐ она што ве оптеретува и уморува. Никој не издржува долго со себеизмачување. Можеби е време навистина да научам да плетам, па кога ќе ми дојде жолтата минута, наместо да изигравам суперхерој, да си поплетам малкуцка. Стравот за себе што го изедов и стравот што го видов во очите на ќерка ми и моите родители беше еден убав шамар за мојата самоувереност дека можам сѐ. Тикви! Не можам и повеќе не ни сакам. Одвреме навреме ќе си ја препрочитувам колумнава за да не заборавам. А и ќе ве потсетувам. Кренете рачна побогу. Никој и ништо не е поважен од вашето физичко и ментално здравје. Никој...и ништо! Да сте ми живи и здрави и да внимавате на себе.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Да не ти минат годините џабе

Колку само да прелетаат преку тебе

Ко штркојте секоја година над оџаков

Да не ми остариш без да сетиш

И како странец да се пулиш едно утро

Дур си ја чукаш глата за да се сетиш

Каде времето ти минало

И шо се’ имаш одминато

Отвори ширум очите

И вратите на срцето

Рашири рацете ко да сакаш светот да го гушниш

И живеј го мигот

Не тагувај за минатото

И онака немаш начин за назад да се вратиш

Пушти нека изврви низ тебе тагата

Само да помини без да се задржува

Без да ти го труе телото и умот

Силно со двете раце држи го овој ден

Сега

Сега, по ѓаволите

И овде!

Не му ја мисли за утре

Утрото можеби и оладени ќе сме

Пикнати во накитен дрвен ковчег

Налет

Налет се’

Дај вино да пиеме

На сонце да мижуркаме и да се смешкаме

Мрзливи за да зборуваме

Или без врска муабети да тераме

Сега

И овде

Без ниту една мисла за вчера

И исчистен умот од она “утре”

Оти можеби токму мигот кој го пропуштаме

Е мигот од кој животециве ни зависат

И во кој ете нешто во нас ќе кликне

И часовникот ќе се разработи

Како добро подмачкан механизам

И стрелките напред ќе кинисаат

А и ние со нив

Неосетно

Оти така коцките се наместиле

Насмевни се сега

Само насмевни се и дај да наздравиме

Пушти си ја душата

Па што и ако се поднапиеме

Барем песна ќе запееме

Наместо таговни гласој да испуштаме

Налет да е

Само живи и здрави да сме

Сега и тука

Ти пред мене

Јас пред тебе

Секој со својата чаша полна живот

А животот полн љубов

Та љубовта полна простување

Чисто како здив на доенче

Невино како детски поглед

Со страст како срце на млада невеста

Со мудрост како 80 да имаме

Сега и тука

Ти и јас

На здравје да ни е!

За здравје да ни е!