Криза на средни години
Кренете рака сите вие драги мои дами кои секојдневно се соочувате со пораки во вашето сандаче од типот “здр, слатка си”, “ау маче колку си добра на профилнава”, “кафе кај тебе или кај мене?” од мажи кои се женети или во врска.
Сега повторно кренете рака сите вие кои сте ја оставиле пораката на seen, а по извесно време повторно сте ја добиле истата, ама идентична (креативноста им била напикана во задникот изгледа).
Сега кренете рака сите кои најкултурно сте се заблагодариле за укажаната чест со алфа мажјакот да општите на било кое ниво, а сте биле повторно напнати за кафе, чај, вино, малкуцка секс и флерт.
Се преброивме? Ок...одиме понатаму.
Низ годиниве оваа категорија на мажјаци ми била предмет на проучување. И јас сум си немала попаметна работа де!
Има два подвида.
Едните се оние кои немаат слики од фамилијата, ниту им пишува дека се во врска (не дај боже, женети) и кои на секое тагнување од нивната (секако) подобра половина ја кликаат опцијата “hide from timeline”. Обично се пријатели со девојката/жената, но никогаш не лајкнуваат кај нив, ниту пак коментираат кога истите ќе им стават коментар или срце. Не за друго, туку за да се стекне впечаток дека “таа” е само обожавателка на дотичниот. Најчесто ставаат мудри цитати и фотографии, кои секако се уметнички и кои треба да ја навлечат вашата нежна женска душа да се полакоми за романтика. Тие се несфатени од општеството и спутавани од институцијата брак, која патем речено сами си ја одбрале и им е само параван за швалерај.
Вторите се жива смешка. Им отвораш профил и имаш канонада од фотографии...тој и таа на зимовање (почнувајќи од 2008, па наваму), тој и таа на летување, па тој и таа во црква со круните, па тој и таа со првата рожба...и тука се сите слики од наследникот на тато, почнувајќи од првиот чекор, па до славење на матура. Тие се веројатно толку силно убедени во својата неодоливост и шарм, што мислат дека секоја жена ќе се прелаже. Обично се шегобијци, па нивниот ѕид изобилува со шеги од типот на “ние женетите сме за греота”, сакаат кафеани и често се сликаат со певаљката, со израз на лицето дека го откриле смисолот на животот во длабоката црта меѓу градите од нејзиното деколте.
Сега повторно кренете рака сите вие што сте малку пис на јазик, па сте им одговориле дека нема проблем за кафе и чај, вино, дрндрн, ама дека горите од желба да ги запознаете фамилијарно. Еве, ќе ви кажам дека секој пат кога сум го направила тоа, или сум добила блок или ми било кажано дека треба да се чувствувам почестено што ваква распуштеница (ќе си пукнам со зборов) воопшто добила некаква покана за дружба. Вие како сте поминале? Веројатно, горе-долу исто.
Да сум чесна сега и да кажам дека сум добила и пораки од женети мажи кои изразиле желба да се запознаеме фамилијарно заради тоа што жените им ја сакале мојата поезија, па да им потпишам книга. Поштено. Со некои од нив сум уште пријателка и се гледаме на по едно кафе одвреме навреме. Но, за жал...таквите се реткост.
Имав познаник кој многу си сакаше да си се допишува со жени. Па тоа романтики, па тоа мудри мисли и филозофии. И одеше дотаму што им коментираше на фотографии и тоа прилично невкусно, со убав осврт на нивниот физички изглед или инсинуации од нивните преписки. Еднаш кога го прашав дали е свесен дека детето еден ден ќе му има фејсбук и дека можеби ќе прочита што има пишувано, ми одговори дека и онака не е среќен во бракот. !!!. ок, не си среќен, веројатно и жена ти со ваков маж не е...има чаре и за тоа. Еден фин и културен развод. Ама тоа било комплицирано и не се разведувале ради детето. Која иронија. Па истото тоа дете ќе гледа што си правел на фејсбук и како мислиш да го заштитиш? Претпоставувате дека заради мојата голема уста, не се дружиме повеќе.
Тогаш сфатив дека не е проблемот само во нив. И во нас е. И веројатно заради ова што ќе го кажам, вечно ќе сум осудена да сум сама, ама па ќе си пукнам ако премолчам.
Каде ви се сензорите? Интуицијата?
Како може да не сте заинтересирани ако дома ви дреме некој кој на свои 45+ окапува на телефон дури и за време на ручек? Зошто се осудуваме себе на игнорантски однос кон сите знаци кои укажуваат дека нашите партнери се отсутни со умовите?
Сте се фатиле себе дека правите гримаси кога се допишувате со некој? Јас да. Се смешкам, некогаш се кикотам на глас кога со другарките си праќаме будалаштини, очите ми се насолзени кога читам нечија животна сторија раскажана во инбокс, а поттикната од моето пишување.
Не си ги приметувате партнерите? Можам да толерирам ден-два-три. Но, повеќе од тоа, не. Ама ич. Седнувам и прашувам “што се смешкаш ко лапнат додека се допишуваш?”. И не дека не ми е страв од одговорот. Не дека не ми е страв дека би открила оти мојот партнер си има “драго непознато другарче од спротивен пол”. Ама имам право да знам! Имам право на избор. Ако нешто во животот ме вади од такт, тоа е кога некој да ми го ускрати правото на избор. Дај да те видам кој си и што си, па да одберам дали сакам или не да бидам со тебе. Ако мислиш да ми го арчиш времето и нервите, подалеку од мене. Не кријам ништо и не сакам да ми сокриваат. Не признавам средовечна криза која резултира со преписки со девојчурци. Не признавам ништо освен да си го испотите задникот и да смените нешто во бракот или врската. Манипулацијата сама по себе е отсуство на почит. А за мене, не постои здрав однос во кој нема почит.
Е сега...сега кренете рака сите вие на кои ви е страв дека ќе останете сами ако не премолчувате и ако не се правите слепи. Многу сме, нели? Ако нешто научив за овие 12 години самотија, тоа е дека ако не се сакам себе, нема да дозволам никој да ме сака. Научив дека стравот е немање самодоверба. Научив дека нема пострашна самотија од онаа која ја живееш во пар. И тоа го научив на потешкиот начин. Со многу болка и газење сама себе. И доста ми беше. И доста му беше, три книги не се за потценување.
Следен пат кога ќе погледнете во огледало, видете се себе онакви какви што сте. Силни дами, убави жени, прекрасни луѓе. И не давајте да ви се ускрати љубов и внимание. Никогаш и од никого, па макар тоа бил оној со кој сте си ветиле “во добро и зло”. Оти завет за такво нешто прво си должите сами на себе.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не кажувај му лаги на чоек
Не го труј, душата не му ја погани
Оти тешки се лагите
Како во чаша полна убо бело вино
Долу тонат и се таложат
И со секоја нова виното истекува
Та после чоек пие само отров
Не му лепи на чоек лаги во душата
Оти бисери му земаш
А внатре ќумурчиња му клаваш
Му зацрнуваш она што од Господ бело му е дадено
Та си го зацрнуваш и срцето свое
Поголема болка од лагата нема
И нема бела лага, ниту полубела
Таа леб не е од мешано брашно
Нема лага за добрина кажана
Оти чоек колку и да сака некојпат излажан да биди
Кусур ќе ти фати еден ден
А на лагата само лага се лепи
Та еден ден веќе и не знаеш каде отишла вистината
Немој
На чоек лаги не кажувај му
Вистината намести му ја како чиста постела
И во неа со сета љубов и почит спростри ја
Со милост во очите зборот изусти го
Ама да знај оти не е кажан за да го боли
Оти лагата е ко пелин во шербет удавен
Та низ уста ко ќе вртиш, ќе згорчи
И да го плукниш
Пак вкусот ќе ти остане
А после и мед на чоек да му дајш, џабе е
Не ќе ти верува
Ниту пак ти ќе му веруваш
И сомнежите само ќе останат
Како црвје да глодаат
Низ утроба да ти се шетаат
На чоек лага не се кажува
Ниту со неа да го храниш треба
Ниту пак да го поиш
Поарно дај му трошки од вистината
И неколку капки искреност
Поќе ќе го крепат
Отколку со лажење да го најадиш и напоиш
Оти ниту ќе се најади
Ниту жедта ќе му ја згасниш
Оти лагите се ко сол да јадиш
И никогаш од нив ќар немаш
Имај кон чоека почит
Милост имај и љубов
Како кон сам себе што треба да ја имаш
Каква што сакаш и тој кон тебе да има
Та гледајте се преку вистината
И ти поубав ќе бидиш
А и тој отспротива поубо ќе ти свети
Само на чоек не кажувај му лаги
Ниту нему, ниту на сам себе...ниту на сам себе