„Курвински хроники“ е роман за сите нас кои го фрламе првиот камен

Добивај вести на Viber

Зборовите и случувањата веќе ништо не ни значат. Живееме во сопствен свет кој го градиме осудувајќи го туѓиот. Поради тоа овој роман се вика Курвински хроники и најбезобразно е земен терминот курва, затоа што сè што не е како нас е курва. А, јас сакав да разговарам со ликовите што се курви. И тие се нечии синови и ќерки, изјави авторот Александар Русјаков на вчерашната онлајн промоција за неговото ново, петто дело чиј издавач е „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Поднасловот на романот „Курвински хроники“ е „роман сошиен од шест парчиња време“ и, како што вели и самиот писател, посветен е „на сите искрени курви среде овој лицемерен и лажлив свет“.

Видеопромоцијата се одвиваше на платформата „Зум“ (Zoom), а можеше да се проследи и на „Фејсбук“ преку профилот на „Литература.мк“. На онлајн настанот, покрај авторот Русјаков, зборуваа и уредничката на книгата Бисера Бендевска и промоторката Маријана Котевска Георгиева.

– Во романот, тој сака да ја поштеди курвата и таа да не биде како секогаш стереотипизирана жртва на сопствениот идентитет. Туку да покаже дека не е изолирана од сопствените сентименталности. Напротив, таа располага со сопствената чувствителност и логичност, а постапката речиси секогаш ѝ е оправдана. Делото е составено од шест завршени целини кои една од друга се независни и можат да стојат самостојно, а единствената линија која ги врзува сите шест приказни е присуството на субјектот ’курва‘. Во сите шест глави блудницата е друга и различна. Некаде прогласена, некаде така е наречена од еден човек, некаде стигматизирана од општеството, а некаде од страв и предрасуди запалена на клада, некаде жена, а некаде маж, а некаде кукла – истакна Котевска Георгиева.

Таа посочи дека според неа Русјаков е еден од најкомплексните и најпродуктивни македонски автори кој во исто време и на исто зрело ниво го владее јазикот на прозата, на поезијата и на драмскиот текст.

– При првата средба со романот, уште со првиот збор во насловот во ушите и уште повеќе во мислите одекнува зборот ’курва‘. Овој збор може да го одврати или да му попречи на културниот човек, но во исто време може да го натера да посегне по романот. Ниту зборот блудница или проститутка ќе го немаа истиот ефект кој авторот сака да го постигне. Храбро и самоуверено тој си дава право да нè спои со она за кое ни е кажано дека треба да бегаме.

А ние, правдајќи ја етичноста пред себеси и пред другите ѕиркаме од другата страна на оградата. Тематичката полифоничност на зборот е храбар експеримент на авторот кој сака да ја спои публиката со стварноста по најкраткиот пат, а не по споредни патишта. Притоа тој е толку самоуверен во својот збор и затоа располага со потполна слобода да интервенира и да ја менува наследената архетипска слика за курвата каква што ние ја препознаваме – изјави промоторката Котевска Георгиева.

Авторот Русјаков посочи дека отсекогаш го плашеле едноставните работи, а нема поедноставно од тоа „тој што нема грев прв нека го фрли каменот“ од каде почнува да го „крои“ делото. Курвински хроники минатата година влезе во потесниот избор за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман, што втора година по ред се организира од издавачката куќа „Арс Ламина“. Првата, необработена верзија на романот беше високооценета од жирито, по што доби можност за објавување од издавачката куќа.

Александар Русјаков пишува поезија и проза, колумни и дијагнози, филмски и телевизиски сценарија. Досега ги има издадено: збирката песни Голтка восхит од солзите на вечноста, расказите Ме сакаш ли под дождот?, како и романите Тринаесеттиот месец и Атена со пенисКурвински хроники е негова петта книга.


Романот веќе може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се купи онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.