Квалитетното инклузивно образование е предуслов за градење на отворено демократско општество
Доделени наградите во конкурсите за средношколци „Моето образование“ и за наставници „Успешни наставници за добри наставни пракси“.
На 8 февруари 2019, петок, во City Hall, со почеток во 11.00 часот, ФООМ ја имаше честа да ги додели наградите на добитниците во конкурсите за средношколци „Моето образование“ и за наставници „Успешни наставници за добри наставни пракси“ и притоа да им се заблагодари за учеството и трудот, а особено за придонесот кој го даваат во развојот на образованието во Македонија. На настанот говореа добитниците на награди, Фани Каранфилова – Пановска, Извршна директорка на ФООМ како и Петар Атанасов, Заменик министер за образование и наука.
ФАНИ КАРАНФИЛОВА-ПАНОВСКА, Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество Македонија во своето обраќање истакна дека образованието е една од клучните области кои Фондацијата ги поддржува. Во своето 26-годишно постоење, Фондацијата отворено општество Македонија вложи околу 32 милиони долари во поддршката на програмите за образование од кои половината беа обезбедени во соработка со други донатори. Инвестирањето во квалитетно инклузивно образование, како што кажа Каранфилова-Пановска, за ФООМ е предуслов за градење отворено демократско општество, а образованието е промотор на социјалната кохезија. Училиштата, од друга страна пак, треба да се природни средини во кои сите ученици ќе се чувствуваат добредојдени и ќе имаат можност максимално да ги искористат своите потенцијали за учество, учење и напредување.
ПЕТАР АТАНАСОВ, Заменикот министер за образование и наука истакна дека системот на образование има потреба од сериозни реформи. Образованието мора да одговара на новото, напредно и изменето општество и да ги следи трендовите, сите застарени работи кои постојат треба итно да се променат.
“Мојот сон е да ви помогнеме да добиете што подобро образование” се обрати заменикот-министер на присутните ученици.
Обраќајќи се на присутните наставници, заменикот-министер Атанасов потенцираше дека наставниците се важен дел од образовниот процес, дека овој конкурс е доказ дека тие треба да се наградуваат и да се мотивираат, бидејќи наставниците се оние кои се носители на процесот на промени и треба да се поддржат. Мислењето на средношколците е важно и треба да биде слушнато. Според ФООМ, само оние ученици кои имаат што да кажат за тоа што учат, што сакаат да учат и како учат, кои не се плашат да го кажат своето мислење и кои учествуваат во училишниот живот, можат да бидат критички мислители и активни граѓани во општеството. Мислењето на учениците како најважен чинител во образованието е важно и треба да биде слушнато. Нивните творби се многу храбри и искрени и треба да го добијат заслуженото внимание и да бидат земени предвид од надлежното министерство во креирањето на идните образовни политики.
Во своите обраќања, средношколците читајќи делови од своите наградени есеи ја потенцираа желбата да придонесат кон подобро образование, подобри училишта, наставници, услови. Тие јасно ги детектираат проблемите со кои се среќаваат во образовниот систем, но и нудат решенија, а сé со цел сегашните и идни генерации ученици да се стекнат со што е можно поквалитетно образование. Наставниците се најважната алка во воспитно-образовниот процес. Воедно, за Фондацијата Отворено општество – Македонија, наставниците се најважната алка во воспитно-образовниот процес, тие со своето знаење, компетенции но и со иновативната пракса и пристапи на работа придонесуваат за поттикнување на критичкото мислење, креативноста, примената на наученото и развојот на социјалните компетенции кај учениците.