Лекарите во Словенија воодушевени од нејзиниот оптимизам, таа таму им дава живот на старите парчиња мебел: Павлинка и нејзината инспиративна приказна

Веќе 9 години Павлинка од струмичко живее во Словенија. Заминале од државата и почнале живот во туѓина, кога нејзиниот сопруг добил понуда за работа. Денес таа е мајка на две дечиња кои се нејзина најголема мотивација и поради кои гордо чекори исправена напред покрај состојбата во која се наоѓа. Во Словенија, Павлинка Мирлев има сопствено ателје во кое работи со многу љубов и обновува стар мебел. Таа е храбра, силна, жена, мајка, кралица!

Сепак, не било се така лесно во нејзиниот живот.

Како мала, на 13 години Павлинка се соочила со идиопатска сколиоза, а од тогаш до денес, и после две бремености нејзината ситуација на 'рбетот се влошила и од прводијагностицираното искривување од 55°, сега има искривување од 75°.


„За едно лето моето тело доживеа огромна преобразба“ - Детство полно со неубави чувства за себе 

Денес имам 40 години. Како девојче во предпубертетските години бев многу слаба. Кај мене, причината за таа состојба беше брзиот раст. Практично, за едно лето моето тело доживеа огромна преобразба. Тоа, се разбира многу придонесе за развој на деформитет од тој тип. Се чуствував така како и секое девојче кое има таков или сличен проблем. Разочарано, скршено, ја изгубив самодовербата, мислев дека никогаш нема да бидам среќна. Поминав многу прегледи и физиотерапии, кои не носеа многу позитивни прогнози. Всушност многу разочарувачки. Секојдневно се прашував каква ќе биде мојата иднина. Дека не сум добра..мојата перцепција за убавина пркосеше за секој мој поглед во огледало, грда сум, не го поднесувам своето тело и не се чуствувам убаво, вели оваа храбра мајка.

Понижувањата кои ги трпела, ја направиле силна за да биде денес тоа што е ... Како си давала себе си поткрепа во тие тешки мигови...

„Жабата мисли, дека барата во која живее, е најголемото пространство со вода, затоа што никогаш не видела океан. Јас мислев дека мојот проблем е најголем, зошто не сакав да погледнам околу себе и видам колку сè можам да направам со се што поседувам. Недостатоци имаме сите, важен е аголот од кој ги гледаме. Успехот и радоста доаѓаат од начинот на кој размислуваме. Уште од дете сум многу талентирана за уметност, ген наследен од татко ми. Колку и да сакав да се докажам и да покажам, дека енергијата која ја носам во себе, може да ја насочам на убави нешта, секогаш постоеше некој кој ќе ме „потсети“ дека не сум доволно добра. Многу сум благодарна на коментарите кои морав да ги поголтнам. Заради нив денеска сум, тоа што сум. Секој негативен злобен јазик, успеав да го филтрирам во моето срце. И да докажам дека вредноста на еден човек не се крие во неговиот изглед туку во неговата душа.

Семејството нејзина најголема поддршка... - „Научив да си ги следам соништата и да не дозволам никогаш повеќе да бидам повредена“


Денеска сум многу благодарна на моето семејство, тие никогаш не се откажаа од моите соништа. Секој ден ми зборуваа дека љубовта кон сама себе е најмоќното оружје. Мојот сопруг кој неизмерно го сакам, е мојата најголема поддршка, а моите дечиња најголема мотивација. Заради нив имам чувство, дека ниту една работа не е тешка и секој предизвик го прифаќам со максимална храброст и самоувереност. Дека сè е можно, и за се постои начин, само мора да веруваме дека ќе се случи. Научив да зборувам и отворено да се спротиставам на сопствените стравови, да си ги следам соништата и да не дозволам никогаш повеќе да бидам повредена.

„Работам зошто работата ме враќа во живот“

Лекарите во Словенија се воодушевени од мојот оптимизам. Реално, во мојот случај нема многу шанси за подобрување. За жал сколиозата многу напредува. Но, напредува и мојата желба да останам на нозе, и толку сум тврдоглава што, не прифаќам ништо помалку ! Јас родив две дечиња без никаков проблем. Јас не смеам да работам - ете работам, земајки ги предвид нивните критериуми за вработување и мојот физички проблем. Добив одлука од инвалидска комисија, дека строго морам да одмарам, никако да не кревам тешки предмети (до тоа правило се придржувам) никако не смеам да правам нагли движења и слично. Не.. Јас работам зошто тоа ме враќа во живот. Ништо не е невозможно само треба да се посака. Многу внимавам, да не претерам со работа, и баш заради тоа што, тоа што го работам, го работам со многу љубов. Морам да признаам дека лекарската помош и совети секогаш се корисни.


„Следете ги сопствените соништа“-  порачува храбро Павлинка

Во Словенија имам свое ателјеVintage Art“, обновувам стар мебел. Се изразувам на свој начин преку својата работа. Го работам тоа што го сакам, тука се пронаоѓам и тука сум среќна. И сакам да им порачам на сите кои имат таков проблем, никогаш да не престанат да си ги следат соништата. Да покажат и докажат колку душа има во нивното тело, колку промени можат да направат со својот дар, да се мотивират и себе си и другите околу нив.

Моите деца се мојот водич напред. Тие се моите крилја, мојата гордост, мојот најголем успех во животот. За секое тика-така во моето срце, се заслужни тие двајца. Нивното постоење е моето виножито, а јас го чуствувам секој ден во нивните очиња.

Каков мебел најчесто реставрира Павлинка, како се одвива процесот. Кои се предностите од реискористувањето на стариот мебел, која е најдрагата креација на нашата соговорничка и која е визијата на „Vintage art“ ...


Некако таа енергија од минатото ми се витка низ раце и низ душа. Затоа што сметам дека, мебелот во домот не е само декор. Луѓето кои ми ги доверуваат своите предмети се сентиментално врзани за нив. Стариот мебел е музеј за нивните спомени. Зад секое парченце старо дрво, се крие животна приказна која после обновата продолжува да живее. Предметите кои ги репарирам се од природни материјали, со нивната обнова се намалува отпадот и се продолжува циклусот на употреба.


Гледано од повеќе агли, обновата е корисна и економски доста практична. Мојата најдрага креација на мебел е масата под име Јазоновата храброст. На неа е опишана митолошка приказна од Хомеровата Одисеја. Зборува за храброста и упорноста на еден воин по име Јазон и неговиот пат и случувања до Златното руво, со помош на неговата сакана Медеја. Стравот е единствен непријател на човекот. Надминувајки го стравот и променувајки го ставот во животот. Не постои апсолутна никаква пречка која не може да се помине. Само мотивацијата е нашата Медеја а храброста и успехот нашиот Јазон. „Vintage art“ е ателје, чувар на нашите спомени. „Vintage art“ ќе расте и живее затоа што во него се работи со љубов и душа. Затоа што некои работи заслужуваат да бидат запаметени.


Ирена Ставрова