Сите го гледаме она што сакаме да го видиме, без исклучок. И затоа си носиме заклучоци кои најчесто немаат никаква врска со фактите. Отсекогаш сум се ежела на она “лесно ти е тебе”. Да, јасно ми е дека секој за себе мисли оти неговиот товар е најтежок на светот, но старите не џабе рекле дека секоја планина си е со своја тежина. Но, леснотијата со која даваме квалификација за другите и нивниот живот (кој по дифолт е полесен од нашиот-како па да не!) е поразителна. Особено што голем дел од нашите живото ги тераме по социјалните мрежи, а таму сите сакаме да се прикажеме во најубаво светло. Никој не знае ништо за никого, особено не по сликите на фб или инста.
Не мислам дека ми е лесен животот, туку дека ми е точно онаков каков што сум одбрала да ми биде. Сама си одбрав и никој не ми е виновен за тоа како живеам. Впрочем, бев доволно искрена со себе и со сите вас за да дозволам да ме знаете и тогаш кога патам, кога ме боли нешто, кога сум здробена. И ич не се тревожам за тоа како некому можеби тоа исгледа кога ме чита. Тоа сум јас, ни Г од некаков си гламур, оти нели, штом те знае јавноста автоматски си и посреќен и немаш проблеми. Ма немој!
Сите одлуки кои сум ги донела, почнувајќи од пред 20 години кога веќе човек се смета за зрел за да носи одлуки разумски, се лично мои без оглед колку и да биле глупави или некакви. И не сум барала никој да ми потврди дали исправно одлучувам или да ми треба туѓо мислење за мојот живот. Го терам онака како што мислам дека е добро за мене, ќерка ми и тука застанувам. Можеби можев подобро, можеби можев поинаку, ама во тој момент сум постапила онака како што најдобро сум знаела. Но, да се разбереме. Она што можеби некому му изгледало лесно за одлучување, мене ми требало време да го прифатам, сварам и постапам како што сум постапила. Научив дека не треба да ги сфаќам одлуките на луѓето со онаа леснотија дека “пфффффф, лесно им е”, оти ништо не е лесно. Никому и никогаш.
Ме вади од кожа квалификациите кои сме спремни во секое време да ги извадиме од ракав за туѓиот живот.
Види ја бе, мажот ја изневерува а таа седи во брак, глупава!- Ма немој! Да, јас со мојот табиет, сила, можности, веднаш ќе го оставам волот. Ама јас не сум таа жена, која можеби и нема каде да оди со децата, која ги нема истите услови ко мене или храброст од причина кои ама баш ич не се моја работа.
Види го бе, ја напуштил жената и децата за некоја!- Да, некој одлучил дека наместо да го упропасти животот на својот партнер, ќе постапи чесно и ќе остави и нему можност да си ја најде среќата со некој друг, некој кој ќе знае да ја љуби подобро и поубаво.
Види ја бе, одлучила да има дете без да се омажи!- Ма страшно (да, сарказам е). Таа жена се преиспитала себе дали може да одгледа сама дете, без партнер и каква врска има тоа со било чии убедувања?!
Види го/ја бе, не е религиозен, геј е, сам/а е...до кога бе луѓе? До кога ќе покажуваме со прст кон секого. Па доста се водиме од себе. Јас дури престанав да ги осудувам и оние жени кои ќе ја продадат својата љубов за пари. Да, еве плукајте, ама не осудувам. Оти секој го прави она што му е полесно да го прави. Дали можам така? Не, ама не можам оти тоа за мене е потешко отколку да работам 3 работи за да има детето мое се’ што треба да има во животот. Ете така и некоја таму извагала и си рекла дека она што јас го живеам за неа е потешко отколку да направи таков компромис со себе. Нејзе, моето ќе ја убие, мене-нејзиното. И ниту сум јас за осуда дека вака живеам, ниту можам било кого да осудам за нивните одлуки.
Често пати сме соочени со проблеми кои за другите се пффффффффффф, решливи во 2 потези. Исто како што некогаш решаваме проблем во два потези кој некому му е причина да не јаде и да не спие. Ама тоа е секој од нас индивидуално, кој како е растен, воспитан, кому колку му е силата. Одамна решив дека ќе ги тргнам розевите очила. Не ми успева само кога е љубов во прашање, ете. Тука сум наивна ко ќерка ми кога ќе се вљуби и веројатно таква ќе останам дур не ми дојде времето да заминам од овој свет. Ама за се’ друго сум отворена за да разберам и да не осудам туку така. Не сум никому во кожата за да знам што преживува и како преживува. Дури и Нина кога ми раскажува за нејзините проблеми кои мене ми се решливи за 3 минути, стрплива сум и разговарам, оти моето дете без оглед колку и да има мој табиет е сепак различно од мене.
Животот е маратон и секој од нас си ја знае силата. Една погрешна одлука знае да ни ја исцеди енергијата и остатокот од животот да го минеме животарејќи, без да вдишеме со полни гради и да живееме како што ни доликува.
Не судете никому, немојте. Не си судете дури и на себе. Кревки сме и кршливи. Колку и да се нечии постапки далеку од она како вие би постапиле и што би направиле, памтете дека не сте во чевлите на оној карши вас. Дека секој си ја носи својата планина и дека плеќите различен товар можат да издржат. Знам една стара приказна која ми се одвиваше пред очи. Тој и таа, во навидум добар брак со две прекрасни деца кои беа капацитети. И тој се сплетка со доста помлада жена. Шокот беше огромен кај сите, се разбира најмногу во семејството. И како што тоа секогаш бива, после извесно време нему му помина тој порив да се перчи со младата љубовница. И сакаше да се врати дома. Неговата сопруга, која беше една преубава жена со сите нишани, но горда, одби. И тоа не беше нејзина лична одлука, туку на сите околу кои стуткани во своите семејни идили и’ го труеја умот дека не смее да прости. И не му прости, се разведе и жената пропадна. И физички и психички. Сите кои дотогаш беа до неа, гледајќи го сеирот на распадот на еден брак се повлекоа. Таа жена ден-денес не личи на себе. Најголем бенефит имаше љубовницата. Но, не ми е муабетот дека треба да простувате она што не сакате, туку да си ги измерите силите при носење на било каква одлука. За сите однадвор разводот беше најлесната одлука, но за неа не. И затоа си го упропасти животот, затоа што не се слушаше себе, туку оние кои теоретски знаеја што треба да се стори, ама во пракса си ги виткаа кичмите.
Не слушајте никого освен себе и она што пилето во градите ќе ви го каже. Па нека одлуките што ги носите бидат смешни и глупави во очите на другите. Ама да се во ред за вас, оти само вие ќе си живеете со нив. И памтете дека секоја одлука во животот е меч со две острици. Кога веќе ја носите, гледајте да не крварите премногу и да заздравите што е можно поскоро. И да знаете да си стоите позади она што ќе го кажете и направите. Не од суета, не од инает, не од тоа што ќе кажат другите. И следен пат кога ќе ви дојде да изустите “лесно ти е тебе”, подголтнете и подразмислете. Оти нечија котлина за некого е највисоката и најтешката планина на светот. Имајте разбирање за оние кои не се како вас. Од некаде треба да се почне, почнете од себе. само така се менува колективната свест и светот. Не судете, не давајте да ви судат. Да сте ми живи и здрави и да се љубите себе. Ама онака, вистински и без двоумење.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Велат, чоек тежи колку што му тежи
зборот
и ниту еден бадијала не е кажан
оти не е ко да земиш песок в рака
и да фрлиш низ ветар
а не е ниту капка вода
па да пуштиш в река низводно да оди
оти зборот тежи
некогаш ко планина на плеќите да носиш
или синџир на нозете врзан
а пак некогаш е лесен ко љубовен здив
ко детски шепот за лесен сон
чоек тежи токму онолку колку што зборот му тежи
за да стои зад него
за гордо и пред него да застани
и право во очи да те гледа
оти ако се само така кажани
тогаш се камчиња без ред истурени
наместо мозаик од нив да се стори
да заличи, од убост да блесни
ете затоа не се ломоти џабе
ниту љубов се истура преку нив
барем не онаа зад која не можиш да застаниш
и пред неа да стоиш за да ја одбраниш
затоа “те сакам” не се само обични букви
ниту само два збора колку да ги изустиш
тие се борба и труд
тие се универзум од двајца
и приказна во која среќен крај има
тие се почеток и крај
првата заедничка смеа и последниот здив
рака в рака
уста в уста
така само вредност имаат
и не се плукнати колку времето да се пополни
или колку устата да си ја исплакниш
оти чоек вреди само толку
и ниту ситна паричка појќе
отколку што зборот му вреди
и на душата му тежи
а на срцевиот кантар ставени
твоето “те љубам”
и моето “ме болиш”
на тој кантар измерени
мојот бол е потежок од љубовта твоја
ете затоа со чоек нежен треба да си
и со раце и зборој да го галиш
оти се’ поминува
и се’ низ годините ќе одмине
освен тежината на зборот што си го кажал
сум го кажала
оти и ти и јас тежиме ниту грам повеќе
од она колку што зборовите ни тежат
во срцето
во душата
во љубовта