Љиљана сакаше да има уште еден ексклузивец освен Тоше, но не можеше да ми се посвети доволно: Музичката приказна на Лили Aкустик

Добивај вести на Viber

Пријатен амбиент, чаша добро вино и добра музика во изведба на Лили Акустик - добро позната атмосфера и уште подобро позната солистка на гитара меѓу скопјани, па и пошироко.
Речиси цел живот го посветила на настапи во живо. Оние кои ја слушнале ќе кажат дека пренесува прекрасна емоција на сцена, таа вели дека најсилно ги доживува и пее песните од Тоше, а пред 17 години, две години пред трагичната смрт на нашиот ангел, започнала соработка токму со Љиљана Петровиќ, тогашна менаџерка на Тоше.


Лилјана Атанасова, со музика се занимава од мала, музиката е мојот живот - вели таа. Дипломирала на музичката академија во Скопје (музичка теорија и педагогија), а гитарата е нејзиниот инструмент - на сите настапи сама се придружува токму на гитара.  

Интерес за музика почнала да покажува на околу шестгодишна возраст, и тоа се манифестирало на многу креативен и интересен начин, кога жолтиот школски ранец често го користела за да импровизирам свирење армоника. 

- Моите родители, кои исто така се музикални и верувам дека талентот го имам наследено од мајка ми, веднаш ме охрабрија и ми го купија мојот прв инструмент армоника. Не беше потребно долго време да се потврди дека бев талентирана за музика - “Бисер балкански” беше првата песна која знаев да ја отсвирам од едноставно слушање без никакви подготовки или помош од некој друг. Подоцна почнав да свирам и клавијатури, а кога се запишав во средното музичко училиште теоретски отсек, покрај клавирот свирев и гитара.

Лилијана дипломира во 2005 година на музичката академија во Скопје, отсек музичка теорија и педагогија, а во минатото свирејќи во разноразни состави, а и со нејзиниот прв бенд, имала можност да свири на повеќе инструменти, како бубњеви, бас гитара, секако гитара, клавијатури…

Веќе 10 години настапува како солист на гитара низ скопските локали, и локали низ земјава, а во последните четири години вметнала и дајре кое што го свири практично со нога - ќе дојдете на некоја моја свирка и ќе видите како изгледа и звучи тоа - вели Лили.


- Нема подобро од тоа да ја работиш професијата што си ја избрал од мал, која што ја носиш во себе и ја чувствуваш. Секоја свирка ми претставува задоволство, а фантастично е чувството кога тоа што го презентирате гледате како на публиката ѝ се допаѓа и реагира на тоа, моментално споделување на музика/енергија. Да, долго време свирам во скопските локали, сум свирела скоро секаде, некаде соработката траела и по неколку години. Свирам и низ цела Македонија (Охрид, Кичево, Куманово, Штип, Велес, Струмица, Гевгелија…) Кога е музика во живо едноставно не може, а да не ја почувствуваш секоја песна и да ја пренесеш во најдобро издание, некои песни ги пеам со посебна емоција, зависи од тоа како се чувствувам тој ден, но генерално секоја песна е проследена со емоција, едноставно не можам поинаку. 

Интересно е и тоа што во 2005 година, пред 17 години, започнала соработка со Љиљана Петровиќ, која беше и менаџерка на Тоше Проески. 

- Соработката со Љиљана почна на Златна Буба Мара на популарноста во 2005. Кога влегов во салата таа вечер видов дека пред мене седеше Љиљана, без Тоше (тој ја имаше повредено ногата и таа година не беше присутен) и забележав дека до неа имаше едно празно место. Не размислував многу, седнав до неа и ѝ кажав дека веќе подолго време сакам да се сретнеме и да разговараме за соработка. Таа едноставно ми го даде нејзиниот број и ми рече да појдам во Final cut следниот ден, а набрзо потпишавме и договор. Се работеше за тоа што таа веќе имаше идеја да има уште еден ексклузивец покрај Тоше, и сакаше тоа да биде женско, па јас само многу добро и сосем спонтано се вклопив во сето тоа. Требаше да биде тоа реално музичко шоу  “Let’s make a star”.
Сé тргна убаво, собравме неколку песни меѓу кои една од Тоше.

Почнав да одам на часови по соло пеење, часови по гитара, фитнес, патем сé тоа требаше да биде дел од реалното шоу, сé требаше да се снима и да и се долови на публиката - што прави еден артист, музичар во процесот на создавање музичка ѕвезда. Но, со растечката популарност на Тоше, и со сите ангажмани и активности околу него, и покрај желбата да има уште еден артист, Љиљана не можеше да ми се посвети доволно и на мене. И така остана се тоа нереализирано…

Лилјана вели дека може да се живее од музика, пред да се случи пандемијата имала многу настапи и имала земено голем замав, имала ангажмани речиси секој ден. Но, кога започна пандемијата знаеме како беше - малку потешко, особено за музичарите како неа кои живеат само од настапи. Така дошла на идеја да ја покаже нејзината друга креативна страна - рачна изработка на персонализирани шољи.


- Пред да се случи пандемијата имав навистина многу настапи, па првите месеци ми дојдоа добро за да се одморам, целиот тој период го поминав во планина и беше супер, за да после некое време нормално, стане монотоно. Така почнав да размислувам за други начини на кои можам да ја искажам мојата креативност па одлучив да правам персонализирани шољи и тоа да бидам искрена многу добро ми тргна. Само што ги направив првите чајници и шољи веднаш направив профили на социјалните мрежи и имаше одлични реакции, уште истиот ден почнав да добивам нарачки.

Сепак сега среќна е што условите се конечно подобри, ноќниот живот се врати, па во овој период често имала настапи, особено во ноември и декември, не било реткост да има и два настапи во еден ден.

Лилијана има и нејзини песни и спотови, позади кои се кријат интересни приказни и важни пораки кои сака да ги пренесе на публиката.

- Секоја песна е поврзана со нешто интересно, секако. Всушност последната моја издадена песна „Flowers“ е една од оние коишто требаше да бидат дел од проектот со Љиљана. Александар Ристовски-Принц е автор на песната која ја снимивме цели 15 години подоцна. Кај Принц се снимаше химната за децата со аутизам од кој проект бев дел и јас, и тогаш случајно ја спомнавме песната која стоеше кај него и многу спонтано решивме да ја снимиме. 


Лили вели дека најблиску и со посебни емоции ги пее и доживува песните на Тоше.

Инаку има секаква музика на репертоар, странски популарни, нови и ретро хитови, македонски евергирини, староградскаска македонска, има и српско-хрватски песни, секако и тие се избрани, не било која. А сé зависи од типот на забава и од приликата.

 - Сите песни што ги имам на репертоар ми се поради тоа што најпрво мене ми се допаѓаат, според тоа скоро секоја песна ми е драга и убава за пеење и ја пеам со посебна емоција на мој начин, како што јас ја чувствувам.

За крај, на нашите читатели, Лили им порачува:

Правете го тоа што го чувствувате и слушајте го своето срце. 


*Љ.И