Лилјана Трајкова: Мадеротерапијата е безболна и не прави модринки, може да ја применува секој
Лилјана Трајкова има 48 години, и иако по струка е биотехнолог, а студирала етнологија, никогаш не се бавела со нешто од тие области, туку уживала во најубавата, но можеби и најтешка професија- мајка на еден син и три ќерки, сега сите полнолетни, за кои вели дека се нејзината најголема гордост.
Пред 10 години завршила козметички курс во „Раде Кончар“, под менторство на Лени Цветковска, која несебично ѝ го пренела сето знаење во таа област, а на обука за мадеротерапија на тело и лице, била кај Јелена Кркич, и сега веќе две години се бави со овој вид масажа, за што детално раскажува за читателките на Женски Магазин.
* Што се подразбира под мадеротерапија?
- Мадеротерапија е вид на масажа, со која многу брзо и ефикасно се отстранува целулитот и масните наслаги. Се работи со помош на анатомски дизајнирани дрвени алатки, кои ја прават 100% природна и без алергиски и друри несакани дејства.
* Дали е вистина дека мадеро масажата е болна и остава модринки?
- Првото нешто што ме воодушеви кај мадеротерапијата, беше фактот дека е безболна и не прави модринки. Секако ако се прави правилно и со соодветни алатки. И покрај фактот дека жените трпат за убавина, во мадерото нема трпење, ни болка ни модринки. Масажата е толку пријатна, што буквално можете да заспиете. А резултатите се воодушевувачки.
* Кој се се препорачува да си дозволи мадеротерапија, за што е најдобра?
- Мадетотерапијата може секој да ја применува. Во суштина тоа е вид на лимфна дренажа, при што се елиминира вишокот на вода, масните наслаги и целулитот. Се масира целото тело: нозете, задникот, стомакот, спојлерчињата и рацете. Трае околу 45 минути. Резултатите се видливи само после неколу третмани. Кожата се измазнува и станува еластична, хидрирана и тонирана.
Мадеротерапијата се прави и на лице, со мали дрвени алатки. Се масира лицето и деколтето. Многу е пријатна, а од лицетосе елиминираат отоците од задршката на вода, се подобрува циркулацијата, се поттикнува создавањето на колагенот, се подига тонусот на кожата и лицето има свеж и одморен изглед. Со редовни масажи, се одложува процесот на стареење, односно појавата на брчки.
* Што според Вас треба да поседува една жена за да биде целосно убава?
- До пред некоја година, можеби ќе дадев поинаков одговор на ова прашање, но денес, на мојата возраст и моето животно искуство и секако позрело размислување, би кажала:
За една жена да биде целосно убава, треба да е среќна, исполнета со љубов, задоволна со себе и животот што го живее.Таквата жена зрачи, шири позитивна енергија и плени со својот шарм и харизма.
Ние жените, сами на себе сме си најголеми критичари. Незадоволни сме од вишокот килограми, имаме целулит, па брчки, па спојлери, па свадбарки, та косата ни побелела... итн. Тоа незадоволство ни смета лично нам, на никој друг. Па ако тоа не прави несреќни, имаме разни решенија; ќе вежбаме, ќе се масираме, ќе се ставиме на здрав режим на исхрана...
Тоа не не прави ни помалку ни повеќе вредни. Само повеќе или помалку задоволни.
Затоа повторно ќе кажам... правете се што ве исполнува и прави среќни... зашто прво нешто што се приметува на жената е среќата. А среќната жена е најубавата жена. Бидете среќни. Вие го заслужувате тоа. Знам многу прекрасни жени кои уживаат во третмани за разубавување и постојано ги посетуваат салоноте. Едноставно си уживаат. Исполнети и среќни. И убави. Познавам жени што не стапнале во таков салон. Среќни. Прекрасни. Убави.
Познавам една, омилена ми е, става кармин во кола на семафор на црвено, и ако ја фати зелен бран, остана со едно окце ненашминкано. И среќна е. И најпрекрасна. И зрачи. И ја обожавам
* Како вие ја одржувате вашата убавина и линија со одминувањето на годините?
Кога бев помлада, многу ми беше лесно, можев едно кило да симнам за еден ден, а сега на оваа возраст ми треба еден месец. Па затоа повеќе внимавам на исхраната. Немам некој посебен режим, едноставно ги отфрлив тестенините и благото.
Години наназад сум физички активна. Посетував теретани, вежбав аеробик, пилатес, кросфит, зумба, а посебно уживав на часовите по салса, бачата и регетон. Последнава година, со оглед на ситуацијата најчесто трчам на кеј, 3-4 пати неделно...
А што се однесува на нега на тело и лице, сама си правам мадеротерапија (секако со акробатски зафати кај што не можам да се досигнам), а обично лицето си го масирам со утринското кафе, вистинско уживање.
* Дали користите некои посебни трикови или ритуали кои може да ги споделите со читателките?
- Искрено немам ритуали, и не сум тип кој многу време посветува на нега на лице... главно ми се сведува на утринско и вечерно чистење со тоник и мицерална вода, употребувам дневна и ноќна крема во комбинација со некој витамински или хијалуронски серум и антирид. Еднаш неделно правам пилинг и ставам маска.
А најдобар совет што можам да ви го дадам е да пиете многу вода. Водата е најголем благослов за кожата. Тоа е најдоброто нешто што му го поклонувате на телото и тоа ќе ви биде благодарно. Пијте вода еден литар на 25 кг. Пресметајте колку вода ви треба дневно во однос на вашата килажа и дајте ѝ шанса на водата да одигра улога за вашето здравје.
* Што се обидувате да им пренесете, односно на што да ги научите ќерките за убавината?
- Моето најдрагоцено време, беше времето поминато со моите деца и нивното воспитување. Уште од најмала возраст разговаравме на сите теми. Никогаш немаше нешто „за кога ќе пораснат”. Штом дошло време за прашање, значи му е време за одговор. И така си изградивме однос од доверба. А на што ги научив?
На тоа што се сега. Прекрасни личности, полни со љубов и разбирање, свои и мудри, нежни и со емпатија, весели, позитивни и секогаш тука за тие кои имаат потреба од нив. Би редела уште, но и вака ќе биде тешко мене кога ќе прочитаат. Но, ќе дојде ден кога и тие ќе имаат семејство и тогаш ќе разберат што значи горд родител. Тоа е убавината на која ги научив.
Д. Караташова Илиоска