Линијата помеѓу современото и традиционалното не е едноставно да се поврзе, а при тоа да се остави впечаток кај публиката: Интервју со пејачката Елена Андоновска

Добивај вести на Viber

Елена Андоновска е дамата која од 14 години гордо ги пее македонските изворни песни и на која одлично и прилега македонска традиционална облека. Со нејзиниот славејски глас ги интерпретира песните на македонските доајени на народната музика.

Веќе 16 години е амбасадор на македонските ора, танци и песни како член на „Танец“. По професија е етнокореолог, а приватно е сопруга на Маријан и мајка на три сина.

Скромноста е нејзината главна карактеристика, која често се отсликува и во песните и начинот на облекување.

ЖМ: Впечатлива по својот глас, но и по својот изглед. Знаеш како да го споиш модерното со традиционалното. На твоите настапи, но и на спотовите знаеш како тоа да го искомбинираш. Дали посветуваш правопропорционално внимание на изборот на песната, со изборот на облеката?

- За снимањата на видеозаписите, телевизиските емисии, фестивалите се трудам секогаш да ги усогласам изгледот, типот на песната што ја интерпретирам и поводот. Линијата помеѓу современото и традиционалното не е едноставно да се поврзе, а при тоа да се остави впечаток кај публиката.

ЖМ: Обично се вели дека на жените најголема слабост им се чевлите и чантите. Кој дел од еден стајлинг на една жена тебе ти се слабост?

- Многу често останувам долго време на високи потпетици па затоа одбирам пред сè практични и удобни. Двете ми се слабост нели чевлите и чантата одат во пар (се смее).

ЖМ: Интерпретираш македонски традиционални песни. Зад себе имаш два албуми, но и освоени награди од настапи на македонски реномирани фестивали. Се сеќаваш ли кога и каде беше твојот прв настап?

- На сцена за прв пат застанав на осум години како член во едно културно уметничко друштво. Можам да издвојам дека од четиринаесет години започнав со солистички изведби на македонски народни песни. Прва песна беше „Босо моме“, па тоа е мотивот што за оваа песна го снимив мојот прв видеозапис.

ЖМ: Зошто се одлучи за фолк музиката, што ти беше поттик? – И што беше пресудно да запишеш студии на етнокореологија на Факултетот за музичка уметност Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип?

- Желбата за интерпретација на народни песни ја развив во средното музичко училиште. После моето вработување во „Танец“ сметав дека најсоодветниот факултет кој ќе ја надгради мојата професија, но и претходните познавања од областа на народната песна, игра и сценско – уметничка пракса беше факултетот за етнокореологија.

ЖМ: Дали отсекогаш сонуваше да бидеш тоа што си денес, или како мало девојче имаше поинакви соништа?

- Еден од соништата на малото девојче беше и овој среќна сум што го живеам мојот сон.

ЖМ: Имаше впечатлив настап кој беше награден од публиката на концертот за македонската музичка легенда Јонче Христовски, пеевте и на концертот посветен на Васка Илиева „Песната судбината“. Колку настапите на овие концерти кои се посветени на големи музички легенди се одговорна и тешка задача за тебе како помлад изведувач?

- Препознатлива сум по изведување на народни песни кои се познати во изведба на нашите доајени. Тоа само по себе е огромна одговорност бидејќи тоа се песни кои не смеат да бидат исквернавени, па според нив имам посебен однос. Настапот на концертот во чест на Јонче Христовски ќе го паметам по неверојатната енергија која ја возвраќаше публиката. Ја пеевме „Едно име имаме во еден глас ". Васка Илиева е име кое мене многу ми значи, а доказ за тоа се големиот број песни кои ги имам интерпретирано и се најдоа на моите албуми. Двата се насловени според две нејзини песни „Кој што ме чуе да пеам“ и „Запеало славеј пиле“.

ЖМ: Веќе 16 години си вработена во Националниот ансамбл за танци и песни „Танец“. Како изгледа еден работен ден во оваа установа?

- „Танец е половина живот дел од мојата сценско уметничка приказна“ ова е еден од последните статуси кои ги објавив на мојата фан-страна. Се зависи од тековните ангажмани. Но за уметник кој ужива во работата нема ништо тешко.

ЖМ: Сте имале многу настапи со „Танец“ во повеќе земји и пред различна публика. Кој настап посебно го паметиш и ти е најдраг?

- Секако еден од најдрагите настапи е мојот прв настап во „Танец“. Тогаш бев многу млада … имав голема задача на 17 години да изведувам солистички делници. Секогаш ќе ми остане во сеќавање возбудата и задоволството што ги чувствував на првиот настап со „Танец“ во Охрид.

ЖМ: Во брак си веќе 7 години. Сопругот е всушност ваш колега од Националниот ансамбл за игри и песни „Танец“, дали „Танец“ ве спои како пар?

- Со Марјан се познаваме 20 години. Многу нешта не спојуваат. Професијата, иста перцепција и приоритети во животот но пред сè љубовта. Заедно работиме во Танец, настапуваме со групата „Седенка“.

ЖМ: Каде и како се случи запросувањето?

- На едно наше многу тајно место …

ЖМ: Мајка си на три машки дечиња Јосиф, Андреј и Лазар. Колку ти е тешко или пак лесно да поставиш баланс помеѓу мајчинството и професионалниот живот?

- Балансот го правам со голема организација и планирање на секојдневните ангажмани. Има денови кога е навистина кратко времето за да се усогласат сите нивни ангажмани со моите па тука се на помош нивните баби кои секогаш се пријатно друштво.

ЖМ: Какви деца се Јосиф, Андреј и Лазар, темпераментни, пргави, мирни, палави? Иако се сè уште мали но има ли некој да покажува интерес за музика?

- Како и сите деца и тие на моменти се мирни а на моменти темпераментни и палави. Еден ден поминат со нив е исполнет и забавен. На моменти со сопругот сме во функција да ги решиме нивните меѓусебни „проблеми“ а на моменти учествуваме во игрите. Талент секако дека постои па веќе полека почнуваме да го развиваме.

ЖМ: Што е она на што работиш во моментов и кои се следните планови за настапи?

- Имав доста активна година со многу значајни концерти и настапи за мене. Изминатата година ја промовирав песната со видеозапис „Тапан чука мила мамо“ во чест на празникот Илинден. Во овој период работиме на нов музички материјал со група „Седенка“. Имав многу настапи околу новогодишните празници. Оваа година имам во план музички проекти за кои ќе објавам штом ќе имам конкретни информации.

Габриела Додевска Глигоровска