ЕВН полигон за тренинг на млади електро монтери и електро техничари

Добивај вести на Viber

ЕВН ја почна изградбата на полигонот за тренинг на млади електро монтери и електричари во елктротехничкото училиште „Михајло Пупин“ во Скопје . Со полигонот се комплетираат надгледните средства за учениците од ЕВН паралелката оформена преку проектот „20-20-20“. Со работа на  полигонот и ЕВН кабинетот младите добиваат можност да се едуцираат, одржуваат практикантска работа и обучуваат според европските стандарди. Сите компоненти на полигонот и сите алати и енергетски делови во кабинетот се исти како тие што ги користат вработените во ЕВН Македонија при секојдневната работа на терен.

На почетокот на градежните активности на полигонот присуствуваа и претставници на минстерствата за труд и социјална политика, образование, локалната самоуправа, професори и учениците од ЕВН паралелките.  Благодарност до електротехничкото училиште и до ЕВН која го почна овој проект и го надоградува секоја година изрази г-дин Петре ШилеговГрадоначалник на Град Скопје.

„Овој полигон ќе овозможи непречен развој на кадри на електичари и енергетичари на енергетски системи. Наша заложба е ваков тип на едукација во средните училишта во Скопје да стане пракса и на овој начин да овозможуваме децата по завршувањето на своето образование да бидат високо вреднувани на пазарот на трудот и својата иднина да ја градат во својата земја“ рече Шилегов.

За министерот за образование и наука г-дин Арбер Адеми, ЕВН е стратешки партнер на министерството во креирањето на новините во образованието и е првата компанија која го почна процесот на дуално образование.

„Главна цел на министертвото е што повеќе да се имплементира процесот на дуалното образование кој започна токму со ЕВН Македонија. Со тоа ќе имаме кадар кој ќе ги задоволува потребите на пазарот на трудот. Во процес сме на модернизирање на сите наставни планови и програми имајќи ги предвид барањата на бизнис заедницата.“ рече Адеми.

Учениците од ЕВН паралелката во СЕТУ „Михајло Пупин“ ќе се стекнат со знаење кое ќе им користи во животот порача г-дин Штефан Петер, Претседател на Управниот Одбор на ЕВН Македонија.

„Нашиот систем се состои од три чекори. Во првиот, учениците треба во кабинетите да ја научат теоријата и да научат за безбедноста при работа. Во вториот чекор тие наученото ќе го користат во пракса, затоа и го градиме овој тренинг полигон. Во последниот дел учениците ќе работат на терен да ја почуствуваат вистинската работа заедно со нашите искусни електро монтери“ истакна Петер.

По завршувањето на образованието учениците ќе имаат можност да се вработат во ЕВН или во некоја друга енергетска компанија и ќе добијат веднаш плата, а со тоа отвораме можност децата да ја градат својата иднина во својата земја. Ги охрабруваме и другите општини и училишта да го следат овој пример. Само еден проект не е доволен, потребно е сите да учествуваме во овој процес. Имаме многу деца што треба да ги задржиме тука“ изјави Петер.

Директорот на СЕТУ „Михајло Пупин“, Проф. Димитар Ѓорѓиев изрази надеж дека проектот „20-20-20“ на ЕВН ќе биде стимул и за другите компании да го поддржат образовниот процес. „Во електротехничкиот центар веќе се оформуваат и други кабинети по примерот на ЕВН“, изјави Ѓорѓиев.

ЕВН беше првата компанија во земјава која реално го поддржа дуалното образование, со проекти преку кои ќе се оформат специјализирани кадри кои веднаш ќе може да работат во компаниите. Преку проектот „20-20-20“ ЕВН почнувајќи од 2020г. ќе вработи 20 млади стручни лица веднаш по завршувањето на нивното средно стручно образование за плати повисоки од 20 000 денари.