Љубов е кога..

Добивај вести на Viber

Се сеќавам на цело свое детство горе долу. Знам дека растев во семејство започнато со многу љубов, од едни двајца што се засакале без план, без финансиски грб и без компас. Имам една слика за целина што не ја гледам веќе често околу себе, а секој ден ме мотивира да бидам подобар човек за едно повеќе. Знам дека цело детство и цела младост ја поминав надвор, на улица. Како дете со најголемиот сендвич во рака направен специјално од бабата, играв напоредно со барбики, готвев со кал, играв фудбал и џамлии. Како тинејџер од дома задршка немав, моите се погрижија да почувствувам што значи семејство, поддршка и почит, што значи да пуштиш едно дете да се пронаоѓа, а притоа суптилно да го водиш во темницата. Немав временска граница на излегување, а сепак си доаѓав на време дома, правев милион и една глупост, а сепак тоа беше систематски исконтролирано. Постојано бев негде, постојано бев излезена, но каде и да бев, за Божиќ, Бадник и Велигден бев дома. Се сеќавам кога одевме пред црква на Велигден, прво бев со моите, прво вечера после пости и јајце, а потоа одев на некоја журка до следниот ден. И ми остана тоа, заминав надвор, но што и да се случуваше, за Бадник бев седната на маса покрај мајка ми и татко ми. Без разлика што формата на семејството ми се смени, ми остана тежината на непроценливата вредност да растеш во љубов, со мајка и татко покрај себе. 

И сега, каде и да сум, што и да правам, на било кој крај од светов да бидам, знам дека за празник мора да сум дома. Колку и да немам време, го наоѓам, колку и диети и режими да држам, за Божиќ готвиме цел ден сѐ и сешто и јадам се и сешто. Колку и да имам премногу работа, времето одвоено за бабата, дедото, и целината моја, не го менувам за ништо на светов. Колку и да ме болат сите загуби, колку и да е силна промената, сеќавањето на двајца родители, чувството на целина и наталожената љубов од тоа мое лудо семејство, ме прави секој ден се посилна и со појасна цел во животов. Да се разбереме, се караме до бескрај, си замеруваме за секојдневни глупости, и те како имаме пропусти и еден кон друг и сите заедно на куп. Но тоа што не држи како цело е што никогаш не кренавме раце од нас заедно. Ниту еден не потклекна на траумите, ниту еден не се откажа од никого во моменти на комплетна слабост. И сѐ што влегува во нашиот дом, станува дел од семејството. Милениците, пријателите, партнерите, сите се претопуваат во една целина на Љубов. Со двајца клинци што ни го разубавуваат секој можен момент, тивко решивме дека сме заедно во ова чудово од живот.

Затоа, кога ќе се заколнете пред Бога на вечна љубов, не ја земајте ја здраво за готово. Отворете го срцето за вашата одлука, која иако е моментална, може да трае вечно. Јас само знам дека си поставив цел да љубам, да создадам мое семејство на темел од љубов, да работам со љубов, да грешам, да поправам, да паѓам и станувам и никогаш, ама баш никогаш да не застанам. 

Заедно со Лавкетс, започнавме кампања за тоа што е Љубов, заради тоа што ја потиснавме и подценивме. И на сите нам ни фали во неизмерни количини. Еве дел од одговорите, а јас ќе ви го поставам и вам прашањето, 

ШТО Е ЉУБОВ?

Љубов е кога те допрев прв пат.

Љубов е кога успеав да те сочувам и остарам покрај тебе. 

Љубов е кога ми помагаш за домашната.

Љубов е кога делиме сендвич.

Љубов е кога кога ми ги бришеш мустаќите од Јогурт. 

Љубов е кога ме оставаш да паднам за да научам подобро.

Љубов е гушката кога ја земам од градинка.

Љубов е кога те сакам бескрајно, а те пуштам да си одиш.

Љубов е кога ти простив дека ме болеше.

Љубов е кога надвор е ладно, а јас и ти дишеме под јорган. 

Љубов е кога не се плашам од ништо кога си покрај мене. 

Љубов е кога сум на другиот крај на светот, а ти си со мене. 

Љубов е кога несебично ме делиш. 

Љубов сме јас и ти. 

Јас сум Ивана Кнез, Љубов многу малку време ти даваме. 

Се читаме следната недела.