Љубов и нељубов

Добивај вести на Viber

Теоретски, сите ние за себе си мислиме (ова најсубјективно на свет) дека знаеме да љубиме и дека заслужуваме најчиста љубов што постои, што и да значи таа дефиниција за љубовта за секој од нас. Ова со субјективноста малку му доаѓа ко она дека мајка ми и на моиве 50 (скоро 51) уште вели дека сум во цутот на младоста, па дека сум најубава на свет, за паметна и да не зборувам итн итн.

Да, секако дека за нашите мајки, татковци и најблиски пријатели ние сме совршени, без оглед колку ни се терсене табиетите. За нив, сосем е неважно дали имаме особини кои ретко кој може да ги поднесе, бидејќи тие се сосем споредни во однос на големата слика која ја имаат за нас. Некогаш се прашувам дали таа безусловна љубов која ја примаме од семејството или која ја даваме на нашите деца, партнери, родители и пријатели знае да направи белја повеќе од арно? Дали воопшто знаеме да направиме разлика меѓу безусловно сакање и критика, оти сепак некогаш одат и заедно? Дали нашето „слепило“ кога се во прашање оние кои ги љубиме може да стане камен на сопнување или да биде она дека патот до пеколот е поплочен со добри намери? Поддршката која ја даваме со образложение дека безрезервно треба да застанеме зад оние кои ги сакаме, може ли да направи штета која ќе е непоправлива?

Деновиве овие прашања поприлично ми создаваат главоболка, особено преиспитувањето дали, кога и колку пати наместо да ми биде влепена шлаканица (вербална и освестувачка) и наместо некому да влепам таква шлаканица, ми премолчеле или сум им премолчила. Колку пати досега само сме си се оправдале едни со други и сме си продолжиле со некои стари навики кои не биле полезни пред сѐ за нас, а потоа и за тие околу нас. Да, знам дека златното правило е да се застане зад оние кои ги сакаш и да им го чуваш грбот, но тоа не е она што го ставам под знак прашање. Што правиме отпосле и насамо?

Јас сум терсене и тоа не од сега. Табиетлија сум си и учам да живеам со тоа, исто како што учам да не гњавам никого оти сум специфична за некои работи. На пример, сакам да ми е сѐ спастрено по дома. Не можам да седнам да пишувам ако имам садови во мијалникот, или ако ми се расфрлани алиштата. Имам другарка која тврди дека е тоа некоја блага форма на опсесивна компулсивност, но мене ако ме прашате, ова моево се вика- тупаџиска работа. Научив дека тоа што јас така функционирам е само и исклучиво мој проблем и дека ако ми пречи тоа што во моментот не е сѐ расчистено, да засукам ракавите и да средам. Но, го научив тоа дури тогаш кога ми беше кажано дека гушам и дека сум контрол фрик. Ме заболе (не дека не) особено што дојде од фамилија. Прво ми дојде на памет „како можат така да ми кажат“, „па нема само ја да раскревам“ и така уште неколку оправдувања кои тежеа колку ветар и магла. Вистината беше дека не може да се сите како мене или дека ако мене ми е комотно само кога е сѐ спастрено, така на другите им е комотно и кога не е. Сега сум полабава, не скокам за секоја чаша (иако уште си го имам тоа во себе) но најголема придобивка ми е дека не замерувам ако ќерка ми сака после јадење да ја остави масата нераскрената оти решила дека ќе ја раскрене за пола саат или саат, а не сега, веднаш и одма ко што ми се сака мене.

Да не ми беше кажано дека го тапам, ќе бев ли воопшто свесна? Сигурно дека не и ќе мислев дека моето е најисправно. Патем речено, да знаете дека и бирото на работа ми е тип топ (ете, си кажав). И ова е можеби и најбенигното нешто, ама точен показател за тоа дека ако тие што ве сакаат не ви укажат на недостатоците, кој?

Сетете се само колку сме сите флексибилни кога почнуваме врска или кога сме вљубени. Не знам дали тогаш нагло оглупавуваме, омекнуваме или сме само оќорени за туѓите недостатоци или постапки кои вообичаено веднаш би ги приметиле. И не само што би ги приметиле, туку и би изреагирале. Ама не! Бидејќи се работи за „оној мојот“, за „љубовче“ и за „среќо“, си молчиме без воопшто и да забележиме дека дотичниот има особини кои (кога сме слезени од облаци) не можеме да ги поднесеме. И тоа така си почнува, па си трае оти во очите на партнерот стануваме „таа вистинската која не го тапи“, а ние пустите зашеметени од вљубеност, не сме ниту свесни каде заглавуваме уште отпочеток. Истото е и од другата страна, со голема толеранција кон нашите недостатоци. И додека си мижиме сите во врската, таа си тече, времето си врви, станува врска „за озбилно“, па после уште поозбилно си доаѓа бракот и еден ден БАААААААМ!

Е, еден ден имате будење во реалноста и тоа нималку убаво. Замислете го будењето со леген мраз вода и со алармот кој мислите дека ви тропа внатре во мозокот. Наеднаш сфаќате дека неговата лежерност кон домот (па нема да им робуваме на работите) е уствари избегнување обврски, дека неговата економичност (има пари за цигари, ама нема за нов тепих) е себичност, дека посветеноста кон другарите (3 пати неделно во кафеана) е идеално за да се избегнуваат семејните моменти и вашите родители кога ви идат на гости. Па после, кога веќе тргнува лавината, ќе ви пречи и дека ‘рчи (иако стружи навечер веќе 20 години наназад), па дека прднал пред вас (а не оти некогаш се воздржувал, ама тогаш ви било смешно а сега ви е знак на непочитување-иако ВИЕ сте инсистирале на споделување сѐ), па како дише, како јаде, зборува итн. Од другата страна тоа изгледа слично...нашата зборливост која била симпатична сега е само „дробење“, природниот изглед е несреденост, штедењето е отсуство на способност да се ужива во животот. И тука веќе нема ниту разбирачка, ниту слух едни за други. Комуникацијата е прекината во моментот кога сме одлучиле дека нема да ни пречи она што всушност ни пречи и ни пречело уште пред некоја деценија.

Сите се менуваме низ животот и низ тие трансформации учиме да си ги толерираме маните. Но, има одредени работи кои едноставно не се толерираат или кои ако сега се истолерираат ќе направат штета на поколенијата кои ќе ги создадеме. Кога бев заинтересирана за еден маж пред 7-8 години (со една нога зацапана во заљубување), бев точно свесна за неговите недостатоци за кои веднаш му кажав дека не поминуваат кај мене. За него, беше сосем нормално да посака да ме смести меѓу два состаноци или да ми се јави за да се видиме (демек романтично било неплански) без да праша какви се моите обврски што многу ме фрустрираше. Кога го кажав тоа јасно и гласно, односно, кога посочив дека кафе пијам за 45 мин, а не за 20 (ко оние паузите кога сте на конференција) или дека имам дете дома кое ниту сакам ниту можам да го оставам без претходна организација за да одам со него на вечера, не наидов на разбирање. Или во превод, не бев доволно авантуриста за неговите критериуми оти за мене никогаш не било опција да ја оставам Нина кај моите за да појдам на викенд на некое егзотично место. Нормално, немаше апсолутно ништо помеѓу нас бидејќи се разминавме уште на стартот. Сфатив дека тој никогаш нема да прифати дека јас доаѓам во пакет со мојата најголема љубов на светот-ќерка ми, но и дека тој нема никогаш да прифати дека нема да е број 1 во мојот живот.

Муабетот ми е, преиспитајте се колку навистина можете да љубите некого и колку навистина можете да прифатите сѐ што ќе ви се сервира. Бидете искрени со себе, оти секоја одлука си има своја цена која кога-тогаш ќе мора да се плати. И кажувајте секогаш што ви пречи, без да ви е незгодно или да мислите дека сте досадни. Да си кажете што ве навредува, повредува, што прави да се чувствувате нелагодно. И уште поважно, инсистирајте да ви се кажува што е она што на другите им пречи кај вас. За некои работи ќе се брусите, за некои ќе направите компромис пола-пола, ама за некои ќе си останете исти. Колку поскоро осознаете на што сте со себе, го споделите со другиот и имате информација со кого си имате работа...толку шансите ви се поголеми за да сте среќни. Ништо не останало некажано, нештата секогаш излегуваат на мегдан, па макар тоа било и после 20, 30 или 40 години.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Велат оти невидлива е границата

меѓу љубовта и омразата

оти само еден чекор е доволен

да се премине на другата страна

така велат

а јас еве не знам

за мене љубовта била отсекогаш само љубов

а омразата не ја познавам

ама знам кога отсакувам, го знам мигот

и тогаш љубовта ја замислувам со човечки лик

остарен, уморен и тажен лик

ја замислувам како се пакува полека

како сите дребулии ги витка во посебна хартија

претходно вртејќи ја секоја од сите страни

како полека го напушта човекот во кој престојувала

како се отселува од него

небаре ја напушта куќата од своето детство

па пред одење проверува дали се светлата изгасени

или сите прозорци добро затворени

со спуштени ќепенци

а вратите заклучени за да не избегаат спомените

велат оти границата меѓу љубовта и омразата е толку тенка

толку многу тенка што некогаш се чини дека не постои

како исцртана линија со креда на асфалт

која од првиот дожд исчезнува

ех

не знам

навистина не би можела да кажам дали е така

оти кај мене љубовта е како цртање по кожа со мастило

со мастилави игли кои ти ја бојат кожата

и чија боја оди внатре, во телото

ти се меша со крвта

та веќе не знаеш да кажеш што е крв а што мастило

и оди исцеди ја од себе ако можеш

како вечно затруен за навек ќе шеташ

инфициран и заболен

велат

велат оти омразата се вселува откако љубовта ќе замине

а јас пак само за тагата можам да ви кажам

за нејзината тежина и горчливост

за празнотијата со која ме полни

за моќта нејзина која боли

како во кожурец свиткана

и од себе уплашена

велат дека после љубовта ја љубиме омразата

како спас и лек да не се побудали

и велат уште многу нешта кои мене ми се тажни и смешни

оти за мене после љубовта само љубов останува

запишана меѓу двајца кои не успеале да се додржат

запишана некаде во Универзумот

жигосана во срцата

љубовта

онаа која поболува и лечи

онаа која убива и живот дава

онаа која ја живеевме заедно ти и јас

и која уште постои во секој од нас

ама не еден за друг

еден за друг, повеќе не