Љубов или вино?

Добивај вести на Viber

Само севишните сили знаат зошто ние жените сакаме романтика како на филм.  Можеби корените лежат во тоа дека уште од мали никој не не’ прашува што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме, туку каков фустан ќе носиме на свадба. Можеби затоа што никој не ни кажал дека и не мора сонот да ни биде дека ќе имаме венчавка од соништата, облечени во блескаво бел фустан со многу тул и светкави детали и дека ќе живееме среќно до крајот на животот. Бајките кои ги голтаме од мали се сведуваат на “биди скромна, научи да си домаќинка и принцот на бел коњ ќе дојде за заедно да откаскате накај залезот на сонцето”. И додека ние растеме гледајќи со сласт романтични лимонади и мечтаејќи за совршениот маж и куќа во која животот ќе е се’ освен реалност, машките растат со мачеви и филмови во кои бројот на отсечени глави на противниците е правопропорционално со нивната машкост.

И ете ти проблем кога ќе одраснеме. Животот уште на самиот старт ги негира сите одгледани филмови со среќен крај и оние во нашите глави. Се чувствуваме изиграно и немоќно дека ништо не е онака како што требало да биде, дека романтиката се сведува на 14-ти Февруари и 8-ми Март. Прашањето кое ме мачи е колку сме самите виновни за илузиите кои ни се кршат на секој чекор и колку нашите очекувања се товар за партнерите.

Да се разбереме. Вината ја сносиме подеднакво затоа што наместо да признаеме дека сме различни од корен и да научиме да живееме со тие разлики, ние голем дел од времето се обидуваме да го наметнеме нашето. Ние жените стануваме незадоволни и фрустрирани, полни насобран гнев и чувство дека не сме доволно вреднувани, а мажите полни прашалници каде згрешиле. И што е најлошо, ниту ние, а ниту пак тие учиме едни од други. Не сум сретнала маж кој кога ќе се налути, ја збира лутината и со денови покажува со однесувањето дека нешто не му е по ќеф, ама не сум сретнала ни жена која некогаш непромислено ќе истропа се’ што и’ пречи без да води сметка за чувствата на партнерот. Веројатно, формулата е некаде на средина. Како за почеток, ние жените да се научиме отворено да кажуваме што ни пречи (но без да се повторува тоа по 3 пати на ден-пред јадење и така во недоглед), а мажите да сфатат дека нашата потреба од чувства не е резултат на ПМС.

Февруари отсекогаш важел за месец на љубовта и/или виното. Кој како милува. Мене, ама баш со ништо не ми е поразличен од останатите месеци за да уживам во вино или во љубов. Не е дека не сум романтична (па жена сум, нели!) ама не ги сакам деновите обележани за љубов или вино, исто како што не ги сакам деновите за одбележување на било што. Тоа го имам често пати и пишувано, дека секој ден е совршен ден за да се направи добро дело, да се покаже емпатија, да се гушне дете, да се покаже љубов и почит кон сите.

Повеќе ме фрустрира моментот на присилното ставање пред свршен чин дека “мора” да се прави нешто на 14-ти Февруари, отколку што ме радува вниманието на/за тој ден. Бонбониери во форма на срциња, честитки со блуткава содржина, мали кадифени играчки во форма на срце со неизбежното “I love you”, грандиозни букети цвеќе и скапи подароци ми се (во најмала рака) веќе видено и без значење. Романтиката се сведе на наменски подароци кои, од една страна потсвесно ги очекуваме, а од друга страна се изнудени. Хардкор мажите го слават Св. Трифун, а оние другите препотувајќи се по продавници бираат подароци надевајќи се дека ќе го погодат вкусот на партнерката.

Од друга страна, хардкор жените уште што не стојат на врата со сукалото очекувајќи подарок, а оние порастеретените ќе се подбиваат на Фејсбук постирајќи пораки со содржини “сите ќе раскинете”.

Што сакаме? Барем оние жени кои јас ги познавам и со кои си го имам муабетот, велат дека сакаат да бидат изненадени на некој друг ден, сосем небитен, со внимание кое подразбира романтична вечера и водење љубов. Сосем прифатливо, барем за мене. Да се потсетиме дека љубовта се негува низ цела година, дека еден подарок не значи дека партнерот ве сака и мисли на вас. Порака по телефон дека сабајлината сте изгледале убаво во новиот костим е секако повредна од парфемче на 14-ти месецов или каранфил за 8-ми Март.

И секако...не е на одмет некогаш и ние да го изненадиме партнерот со убаво одбрана долна облека, спремање оброк со шише добро вино и опуштен разговор кој нема да се сведе на проблемите од работа и децата.

Впрочем, мажите немаат свој ден...а редно е и ние да се откажеме од фарсата која ја практикуваме со децении.

Убаво вино и убава љубов се секогаш ИН. Дури и тогаш кога ќе сме побелени во косите, убаво е да ја негуваме блискоста со оние кои ги љубиме. Па нека е тоа и сред недела, кога сме преполни со обврски.

Драги дами, не барајте романтика како на филм. Глумците се платени за да ни пласираат приказни од кои ќе заработат. Животот е надвор од сите филмови и книги со романтични приказни. Да си го направиме секојдневието поубаво. Пробајте...ништо нема да ве чини, а можеби и ќе ви се допадне да се ослободите од очекувањата кои носат само разочарувања.

Уживајте во миговите секој ден, оти никогаш не знаеме до кога сме на земјава. Живејте ја љубовта 365 денови во годината. Имајте убава љубов и прославете ја со чаша добро вино. Уште денес, уште сега.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска